Откако лидерот на социјалдемократите Филипче јавно се огради од интегративците со став дека тие биле симбол на корупција и поделби, денеска упатија порака до Ахмети дека треба да излезе од националистичкиот филм со воена униформа. Ги отфлаат контраобвинувањата дека шират албанофобија.
„ Реториката за постојаното подгревање етнички тензии како алатка за политичко делување се неприфатливи и опасни за државата. Таквите политики и филмови со воени униформи се несоодветни провокации за коишто нема никакво место во нашето општество. Не држат вода обвинувањата дека СДСМ има албанофобија, СДСМ е единствената партија која вистински се залага за соживот. “Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
За ДУИ, пак, обвинувањата на нивна адреса се очаен обид за политички опстанок. Според нив наместо СДСМ да се соочи со сопствената криза и да ја преземе одговорноста за изборниот пораз, на јавноста и претставувале лажна слика за Албанците. Им порачаа - додека ги обвинуваат, да не заборават дека беа коалициони партнери во претходната влада.
„ Ваквиот начин на правење политика не е добар, дури е лош, но ќе видиме во иднина како ќе се развиваат работите. / Тие треба да имаат предвид дека ние сме биле заедно во владата, и не можат така да зборуваат во јавните изјави. Секој треба да сноси одговорност за работата, и тие беа со нас во владата, тоа е факт. “Рина Ајдари – пратеничка на ДУИ.
Вчера претседателот на СДСМ Филипче изјави дека неговата партија нема да дозволи да биде ставена во истата рамка или да биде подредна на било која партија, како што рече, особено не на ДУИ. Инаку од неговата партија обвинуваат дека токму партијата на Ахмети и помага на ВМРО-ДПМНЕ откако се смени власта, почнувајќи со гласањето за реформа на државната управа.