СДСМ: Гори цела Македонија, Владата нема контрола врз пожарите - Канал 5

СДСМ: Гори цела Македонија, Владата нема контрола врз пожарите

Состојбата со пожарите низ државата е драматична и алармантна.

СДСМ: Гори цела Македонија, Владата нема контрола врз пожарите

За жал, неофицијално ја имаме и првата жртва. Владата и институциите се немоќни и неспособни да одговорат на предизвикот. На пет локации низ Скопје граѓаните сами, со свои раце и ресурси, се борат со огнот.

Криза има во Дојран, во Крива Паланка и во околината на Скопје. Граѓаните со лопатите и со голи раце ја спречуваат огнената стихија. На многу места во опасност се фабрики, куќи и имоти, а штетите кои се закануваат се огромни.

Според сведоштвата од терен, институционалната поддршка или доцни или целосно изостанува, особено во Крива Паланка, во скопските села, како и во Дојран, каде помошта пристигна дури кога штетите беа веќе направени.

Крива Паланка се наоѓа во најтешка положба, огнот веќе зафатил делови од градските населби. Помош од ДЗС нема ниту една општина, иако била барана повеќепати. Во Крива Паланка државата е целосно отсутна, дотолку што на сцена се појавуваат бугарски пожарникари за да ја завршат работата на македонските институции.

Во Дојран, во селото Николиќ, пламените јазици се на само неколку метри од фабриката „Дојран Стил“, а во ризик се и резервоарите со метан.

СДСМ уште пред два месеца предупреди дека нема никаква подготовка, ниту стратегија, дека се доцни со мобилизирање на луѓе и механизација и дека не постои соодветна комуникација со граѓаните. Не е на време ниту побарана помош, ниту е направена соодветна коориднација со НАТО партнерите

Владата, како и секогаш, наместо да преземе одговорност, се крие зад болни и морбидни обвинувања кон опозицијата и СДСМ, дури и за подметнување на пожарите. Тоа го прават само луѓе кои немаат ни грам свест за тежината на својата функција и довербата што им ја дале граѓаните.

Кога се очекува лидерство и одговорност, Владата нуди само манипулации, спинови и обвинувања.

Мицкоски нема контрола врз државата. А сега веќе нема ни кого да обвини.

YouTube video

Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Француски специјалци пресретнаа „нарко-подморница“ во Атлантикот – првпат во историјата (ВИДЕО)

На 12 ноември, француската морнарица пресретна полуподморница без ознаки во Атлантскиот Океан, кое превезувало неколку тони кокаин, пренесува специјализираниот портал „Naval News“. 

 Француски специјалци пресретнаа „нарко-подморница“ во Атлантикот – првпат во историјата (ВИДЕО)

Ова е првпат во историјата француската морнарица да пресретне таканаречена „нарко-подморница“.

Француската морнарица објави снимки од операцијата.

Специјалните сили пресретнаа и влегоа во полуподморницата, шверцерите намерно го потонале пловниот објект

Според соопштението на француското Министерство за вооружени сили и ветерани, објавено на 15 ноември, француска фрегата го пресретнала пловилото – кое не истакнувало никакво знаме – со поддршка од хеликоптер што се наоѓал на фрегатата, како и од американски поморски патролен авион кој дејствувал под команда на Заедничката меѓуагенциска оперативна група – Југ (JIATF-S). Пресретнувањето е извршено во согласност со правната рамка на Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето (UNCLOS).

Додека тимот од фрегатата се приближувал кон полуподморницата, тројца од четворицата поединци што се наоѓале внатре скокнале во океанот. Француските морнари се качиле на пловилото и го извлекле четвртиот член на екипажот, кој во меѓувреме веќе го активирал системот за намерно потонување на пловниот објект. Полуодморницата потонала за помалку од три минути.

Шверцерите и 146 кг кокаин се извлечени од морето

Француските пловила ги извлекле сите четворица осомничени од морето, а потоа собрале остатоци што пловеле на површината, како и четири пакети – со вкупна тежина од 146 килограми – за кои со тестирање е потврдено дека содржат кокаин. Останатиот дел од нелегалниот товар, со тежина од неколку тони, потонал заедно со полуподморницата.

Коментирајќи ја операцијата на социјалната мрежа „X“, француската министерка за вооружени сили и ветерани, Катрин Вотрен, ги пофали вклучените екипажи за нивниот професионализам и одлучност за време на оваа операција на отворено море.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерот Клековски ги прими новоименуваните директори на три универзитетски клиники

Министерот за здравство Сашо Клековски, денес ги прими новоименуваните директори на три јавни здравствени установи.

Министерот Клековски ги прими новоименуваните директори на три универзитетски клиники

Министерот за здравство Сашо Клековски, денес ги прими новоименуваните директори на три јавни здравствени установи — Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, Универзитетската клиника за дигестивна хирургија и Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија.

За директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија е именуван вонр. проф. д-р Владимир Андреевски, специјалист интернист и супспецијалист гастроентерохепатолог, раководител на одделот за ендоскопија при Клиниката и генерален секретар на Македонското здружение за гастроентерохепатологија. Автор е на над 120 рецензирани труда во домашни и меѓународни списанија, со експертиза во интервентната ендоскопија и ЕРЦП.

За директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија е именуван асс. д-р Панче Караѓозов, специјалист по дигестивна хирургија, со стручно усовршување по лапароскопска хирургија во Виена и Истанбул и активно учество на меѓународни конгреси од областа на колопроктологијата и хепатобилијарната хирургија.

За директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија е именуван асс. д-р Благоја Србов, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, асистент на Катедрата по хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје и еден од основачите на Македонската асоцијација за реконструктивна микрохирургија (MARM).

Министерот Клековски им честиташе на именуваните и им посака успешна работа, нагласувајќи ја очекуваната одговорност во водењето на трите клиники — стабилно и предвидливо работење, воведување нови методи и постапки, скратување на листите на чекање и зголемена доверба на пациентите.

Претходно денес министерот Клековски ги прими и досегашните директорки — проф. д-р Мери Трајковска и прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска, на кои лично им се заблагодари за соработката и за постигнувањата во водењето на клиниките. Благодарност упати и до досегашниот директор на Клиниката за дигестивна хирургија, проф. д-р Огнен Костовски. Проф. д-р Костовски и прим. д-р Ѓорѓиевска-Павловска со своите тимови беа на првата линија во справувањето со последиците од трагедијата во Кочани, а под раководство на проф. д-р Трајковска на Клиниката за гастроентерохепатологија беа воведени четири нови методи на лекување.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јавна расправа за Законот за семејството – нови решенија за пристап до податоците за посвојување

Со јавната расправа претседаваше членката на Комисијата, Олга Лозановска.

Јавна расправа за Законот за семејството – нови решенија за пристап до податоците за посвојување

Комисијата за социјална политика, демографија и млади, во рамките на денешната 26. Седница, одржа Јавна расправа по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за семејството, поднесен од пратениците Весна Бендевска, Даниела Белимова, Павле Арсоски, Бобан Карапејовски и Даниел Стојчевски.

Со јавната расправа претседаваше членката на Комисијата, Олга Лозановска, а Предлог-законот го образложи потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, во име на предлагачите. Во дискусијата учествуваа експерти од областа, претставници на здруженија, граѓански организации и институции, како и претставници на Министерството за социјална политика, демографија и млади, кои изнесоа свои мислења, забелешки и предлози во однос на предложеното законско решение.

Со Законот за семејството се уредува посвојувањето како и правата и обврските кои произлегуваат од него. Согласно постојното законско решение, податоците за посвојувањата претставуваат службена тајна. Целта на Предлог-законот е уредување на пристапот до податоците и списите на предметите за посвојување, преку воспоставување механизам за остварување на правото на полнолетниот посвоеник на увид во списите на предметот за неговото посвојување. Се уредуваат и постапувањето и одлучувањето по барањата за пристап, пристапот до податоци од медицински причини поврзани со здравјето на малолетниот посвоеник, како и пристапот на крвните сродници на полнолетниот посвоеник под условите утврдени со закон.

Потребата од законските измени произлегува и од пресудата на Европскиот суд за човекови права во предметот „Митревска против Северна Македонија“, со која е утврдена повреда на членот 8 од Европската конвенција за човекови права. Судот констатирал дека при одлучувањето по барањето на посвоеникот за пристап до информации за неговото потекло не била воспоставена соодветна рамнотежа меѓу различните интереси. Посочена е и потребата од предвидување исклучоци од начелото на тајност на податоците, особено во случаи кога пристапот до одредени информации е неопходен од медицински причини.

Во широка дискусија беше истакната сложеноста и чувствителноста на прашањето, како и потребата предложените решенија внимателно да се разгледаат од правен и практичен аспект. Учесниците посочија дека конечните законски решенија треба да бидат јасни и применливи, со прецизно утврдени правила и критериуми, кои ќе овозможат соодветно постапување и одлучување во зависност од околностите на секој конкретен случај.

Терминот за продолжување на оваа јавна расправа ќе биде дополнително утврден.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер