Самитот на НАТО во јули ден „Д“ за односите меѓу Македонија и Грција?

Релаксирање или дополнително заострување на односите меѓу Скопје и Атина.

Што ќе донесе се поизвесната и прва официјална средба помеѓу Мицкоски и Мицотакис на јулскиот НАТО Самит во Вашингтон, откако и двајцата најавија дека ќе ги изнесат своите аргументи околу Преспанскиот договор. Според аналитичарот Петар Арсовски самата средба и она што ќе произлезе од неа несомено ќе ги одреди темелите за понатамошните односи на релација Скопје-Атина, осбоено што доаѓа во клучен тајмнинг на само неколку седмици по формирањето на идната македонска Влада.

„Секако е многу важен термин каде ќе се сретнат двајцата премиери и меѓународната заедница на тој Самит ќе очекува да види условно речено македонската влада кој пат ќе го фати и која стратегија по однос на Преспанкиот договор, но само приликата, туку иконтекстот во кој таа прилика ќе се одвива. Самит на НАТО е многу важен бидејќи е првиот позначаен Самит по изборот на новата Влада и тука ќе се прекршуваат копјата околу тоа дали ќе одиме кон деескалација со Атина и по прашање на Преспанскиот договор или ќе остане оваа пасивна аргесивност и антагонизам помеѓу двете земји“.– Петар Аросвски, политички аналитичар

Најавите од страна на мандатарот Мицкоски дека заклетвата со која ќе ја превземе премиерската функција идната недела ќе ја даде со уставното име на државата, кое има намера да го користи и за надворешна употреба, ја поздрави американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер.

„Ќе кажам дека беше разочарување за раководството во Вашингтон кога претседателката реши да не го употреби уставното име на земјава при давањето заклетва. Деловникот на Собранието е сменет за да се вклучи и тоа (уставното име) и воодушевена сум што тоа го гледам, и сум многу задоволна и го поздравив неговиот јавен настап од пред некоја вечер, во кој тој (Христијан Мицкоски) рече дека ќе го почитува уставното име на земјата при давањето заклетва“. – Анџела Агелер, амбасадор на САД

Во пресрет на самитот на НАТО кој ќе се одржи од 9-ти до 11-ти јули во Вашингтон, Мицкоски и Мицотакис веќе си разменија пораки, откако грчкиот премиер во неколку наврати најави дека на Самитот ќе го покрене и прашањето за Преспанскиот договор. Мицотакис му порача на Мицкоски дека ќе го стави во „непријатна позиција“ на НАТО самитот, кој пак експресно го прифати предизвикот и најави дека во Вашингтон ќе замине со аргументи и факти кои се однесуваат на Преспанскиот договор, но и на елементарното човеково право на слободно изразување.

Столтенберг: Вашингтон ќе остане цврст сојузник на НАТО

Очекувам САД да останат цврст сојузник без оглед на исходот од американските избори, бидејќи во интерес на САД е да останат цврст сојузник што се однесува до нивната безбедност, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Што се однесува до критиките на Трамп за Алијансата, Столтенберг посочи дека тие не се насочени кон НАТО, туку кон оние сојузници на НАТО кои не плаќаат доволно за нивната одбрана.

- Ние сме во подобра позиција да покажеме дека САД не го носат сами товарот на одбраната, истакна Столтенберг

Можното враќање во Белата куќа на Трамп, кој беше многу критичен кон НАТО, дури и тврдеше дека е застарена организација, ги загрижува Брисел и поголемиот број европски метрополи.

- Нема гаранции во политиката, но очекувам САД да останат цврст сојузник, нагласи Столтенберг. /МИА

ЕКОВАС: Планот за воена безбедност во Западна Африка годишно ќе чини 2,6 милијарди долари

Планот, што ќе чини 2,6 милијарди долари годишно, им беше предложен на шефовите на држави на самитот во Абуџа, Нигерија.

Министрите за одбрана на западноафриканскиот блок на државите ЕКОВАС (ECOWAS) денеска предложија план за испраќање 5.000 војници за борба против влошената криза во регионот, но аналитичарите веќе велат дека тоа можеби нема да успее поради финансиски проблеми и поделби во овој регионален блок.

Планот, што ќе чини 2,6 милијарди долари годишно, им беше предложен на шефовите на држави на самитот во Абуџа, Нигерија.

-Целта на планот, меѓу другото, е и да се спречат државни удари по серијата воени удари што го дестабилизираа регионот, изјави нигерискиот министер за одбрана Мохамед Бадару.

На денешниот самит ЕКОВАС за првпат јавно соопшти дека го планира финансирањето на своите воени сили.

-Повеќе од кога било, ние сме во клучен момент во историјата на нашата заедница во решавањето на проблемот со несигурноста, изјави претседателот на Комисијата на ЕКОВАС, Омар Алие Туреј, повикувајќи ги земјите-членки да го поддржат планот.

Се очекува нивните предлози да бидат разгледани на претстојниот самит.

Ескалацијата од воени удари во Западна и Централна Африка го дестабилизираа регионот, а Мали, Буркина Фасо и Нигер особено беа најтешко погодени од смртоносното насилство што се прошири во соседните земји.

ЕКОВАС неуспешно се обиде да ја врати демократијата во трите земји, меѓутоа досега овие земји погодени од пучот се повлекоа од членството на групата и ги отворија вратите за руските платеници./МИА

Мецола: Европејците сакаат посилна, поправедна и подобра Европа за сите

- Предизвикот сега е како тие пораки од изборите да се претворат во политичка програма, која ќе биде сериозна, испорачлива и спроведлива, истакна Мецола 

Две недели по Европските избори станува појасно дека граѓаните во следните пет години очекуваат од институциите на ЕУ да изградат посилна, поправедна и подобра Европа за сите Европејци, изјави претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола на прес-конференција по нејзиното учество на Самитот на Унијата.

- Предизвикот сега е како тие пораки од изборите да се претворат во политичка програма, која ќе биде сериозна, испорачлива и спроведлива, истакна Мецола

Според неа, изборните резултати покажале дека Европејците сакаат заштита на европските вредности и безбедноста да бидат главен приоритет на ЕУ, што ќе значи продолжување на поддршката за Украина, зајакнување на капацитетите на Унијата за реакција во кризни ситуации и остварување стратешка автономија на блокот.

- Мораме Европа да ја доближиме до она што го очекуваат граѓаните и да испорачаме посилна, поправедна и подобра Европа за сите Европејци. ЕУ мора да испорачува согласно очекувањата на граѓаните. Одговорноста е на нас, ако не испорачаме, ќе зајакнуваат оние што сакаат да ја уништат ЕУ, изјави Мецола, нагласувајќи дека тоа е пораката што таа ја сфатила од изборните резултати и растот на поддршката на десничарските и евроскептичните сили.

Мецола нагласи дека Европарламентот останува цврсто посветен на процесот на избор на носителите на врвните позиции во ЕУ и дека очекува европските лидери уште вечерва да се договорат за имињата на водечките функционери, по што до неа ќе го достави предлогот за претседател на Европската комисија за да може да започне парламентарната изборна процедура. Таа најави дека доколку биде утврдена на овој Самит, кандидатот за претседател на Еврокомисијата веќе во вторник ќе биде поканет на средба со лидерите на политичките групи во ЕП со цел да се обезбеди парламентарно мнозинство за негов избор.

- Европскиот парламент е подготвен да го спроведе процесот за избор на претседател на Европската комисија без одлагање, истакна Мецола, додавајќи дека се надева оти гласањето ќе се одржи во текот на јули.

Претседателката на Европарламентот го поздрави потпишувањето на, како што го нарече, „безбедносниот пакт“ меѓу ЕУ и Украина, со кој Унијата се обврзува на безбедносни гаранции и воена, дипломатска и финансиска поддршка за земјата, како одлуките за користење на приходите од замрзнатите руски средства за помош на Киев, за 14-от пакет санкции кон Русија поради воената агресија врз Украина и за стартот на земјата на преговорите за членство во блокот.

- Со тоа испраќаме јасна порака за нашата непоколеблива поддршка за Украина и безбедносната и геополитичката важност на проширувањето, додаде Мецола.

притисни ентер