САД се повлекуваат од посредништвото во мировните преговори меѓу Украина и Русија - Канал 5

САД се повлекуваат од посредништвото во мировните преговори меѓу Украина и Русија

САД повеќе нема да посредуваат во мировните преговори меѓу Украина и Русија, објави американскиот Стејт департмент.

САД се повлекуваат од посредништвото во мировните преговори меѓу Украина и Русија

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на средбата со новинарите изјави дека САД ја менуваат „методологијата за тоа како придонесуваат“ во разговорите и повеќе нема да „летаат околу светот при првиот повик за средби“.

Киев и Москва сега мора да излезат со „конкретни“ предлози за завршување на војната и да се состанат директно за решавање на конфликтот, додаде Брус.

„Ќе продолжиме да помагаме, но повеќе нема да летаме околу светот како посредници на состаноци“, изјави таа за новинарите.

„Сега сè е на двете страни. Дојде време тие да презентираат и развијат конкретни идеи за тоа како да се заврши овој конфликт. Од нив ќе зависи“, додаде таа.

Брус притоа посочи дека Трамп „знае дека постои друг дел од светот, цела планета на која ѝ е потребно одредено внимание.“

Повлекувањето на Вашингтон од директно посредништво доаѓа по претходните предупредувања на САД дека ќе се повлече од преговорите доколку неговиот мировен предлог биде отфрлен и од Украина и од Русија.

Државниот секретар Марко Рубио и Доналд Трамп претходно предупредија дека САД ќе се повлечат од напорите за медијација доколку не се постигне значителен напредок.

„Секретарот, исто така, јасно стави до знаење дека, иако нашиот стил ќе се промени, методологијата на нашиот придонес ќе се промени во смисла дека повеќе нема да бидеме посредници“, се присети Брус.

Подоцна, Трамп објави закана за повлекување на социјалната мрежа Truth Social.

„Ако една од двете страни ги отежни работите премногу, ние едноставно ќе кажеме: Вие сте будали, вие сте глупави, вие сте ужасни луѓе и ние едноставно ќе се повлечеме“, изјави тој.

Одлуката на Стејт департментот доаѓа еден ден откако САД и Украина потпишаа сеопфатен економски договор за воспоставување инвестициски фонд за обнова на Украина. Володимир Зеленски го нарече овој договор „историски“, а Вашингтон вети дека ќе продолжи да го поддржува Киев во одбрана од руската инвазија. За возврат, Украина ќе им обезбеди на САД пристап до вредни природни ресурси.

САД првично предложија 30-дневен договор за прекин на огнот, кој Киев го прифати. Меѓутоа, Москва не само што го отфрли тој предлог за примирје и другите планови за ставање крај на крвавата војна, туку руските сили дополнително ги засилија нападите во Украина.

Стејт департментот во вторник изјави дека ќе се повлече од улогата на медијатор доколку не види „конкретни предлози“ од Москва и Киев за ставање крај на конфликтот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Злато и бронза за македонската репрезентација на балканското CX првенство во Романија

Македонската вело-крос репрезентација оствари одличен настап на балканското CX првенство, одржано во Романија, освојувајќи два медала и уште три пласмани меѓу најдобрите натпреварувачи.

Злато и бронза за македонската репрезентација на балканското CX првенство во Романија

Далија Стојановска го освои златниот медал во категоријата У-19, додека Оља Цветанова се закити со бронза во категоријата У-15.

Одличен настап забележаа и останатите членови на репрезентацијата. Марко Чекеровски го освои петтото, а Кирил Анчевски и Мартин Спасевски завршија на седмото место во своите категории.

Репрезентацијата настапи под водство на селекторот Милан Нацевски, а постигнатите резултати се потврда за потенцијалот и посветеноста на федерацијата во насока на развој на македонскиот велосипедизам.

Велосипедска федерација на Македонија

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Белгија ја одложува забраната за пушење на терасите од кафулињата

Белгиската влада ја одложи забраната за пушење на терасите од рестораните и кафулињата, која требаше да стапи на сила на почетокот на 2027 година.

Белгија ја одложува забраната за пушење на терасите од кафулињата

Одлуката за одложување е донесена по интервенција на највисокиот управен суд во земјата. Забраната за пушење во надворешните простори на угостителските објекти – првично планирана за 1 јануари – е дел од пакетот мерки за заштита на јавното здравје, инициран од социјалдемократскиот министер за здравство, Франк Ванденбрук, пренесува Политико.

Од кабинетот на Ванденбрук изјавија дека белгискиот Државен совет побарал измени во одредени мерки. „Во моментов работиме на тоа“, се наведува во соопштението.

Иницијативата првично предизвика остри реакции во белгискиот угостителски сектор. Владата сега истакнува дека одложувањето ќе им овозможи на угостителските објекти доволно време да се прилагодат на новите правила. Сè уште не е јасно колку точно ќе трае одложувањето. Откако измените ќе бидат финализирани, тие ќе треба да бидат одобрени и од белгискиот Парламент.

Тенденција присутна и во други земји од ЕУ

Неколку други земји од Европската Унија, исто така, воведуваат слични забрани, иако со различен исход. Франција неодамна го забрани пушењето на плажите, во парковите и во близина на училиштата.

Во Шпанија, во јули беше усвоен нацрт-закон со кој забраната би се проширила на терасите и другите јавни простори, а истовремено би вклучила и ограничувања за електронските цигари. Сепак, овој предлог наидува на отпор од сопствениците на ресторани. Белгија веќе минатата година воведе низа закони против пушењето, вклучително и ограничувања за просторите за пушење на аеродромите, како и забрана за електронски цигари со ароми.

Мерките се дел од стратегијата чија цел е создавање генерација без тутун до 2040 година. Забраната за пушење на отворено е една од мерките за кои се залага Светската здравствена организација. Според белгиската Фондација за борба против ракот, речиси една четвртина од Белгијците пушат, при што 19 отсто од нив пушат секојдневно.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Набуко“ од Џузепе Верди – моќна музика и вечна приказна за слободата на 30 октомври

На 30 октомври, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди, едно од најпознатите и најзначајните дела во оперската уметност.

„Набуко“ од Џузепе Верди – моќна музика и вечна приказна за слободата на 30 октомври

Со моќна музика, драматичен заплет и силни вокални интерпретации, оваа опера ја раскажува судбината на еврејскиот народ и неговиот копнеж по слобода и татковина, носејќи универзална порака што и денес допира до публиката.

Операта ќе биде изведена под диригентската палка на Мирон Михаилидис (Грција), во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Климент Тодороски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.

Насловната улога ќе ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи Злата Тошевска Димовска, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Ѓорѓи Цуцковски ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Александар Стефаноски. Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Јаворка Витанова, Јане Дунимаглоски, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ .

„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull'ali dorate“ („Летај на златести крилја”).

Национална опера и балет

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер