САД: Помошта во Газа треба да пристига непрекинато

 Во последните неколку денови големината на хуманитарната помош што пристига во Газа е значително зголемена, изјави денеска Џон Кирби, координатор во Белата куќа за стратешки комуникации во областа на националната безбедност.

Тој истакна дека САД сакаат помошта да продолжи да пристига непрекинато.

-Големината на помошта се зголеми – и тоа доволно значително – во изминатите неколку денови. Тоа е многу важно но помошта треба да стига непрекинато, изјави Кирби за телевизијата „Ем-ес-ен-би-си“.

Тој прецизираше дека во енклавата пристигнале можеби повеќе од 2.000 камиони, а 100 само во последните 24 часа.

Претседателот на САД Џо Бајден претходно изјави дека САД ќе ја поддржат израелската офанзива во Газа само ако бидат преземени конкретни мерки за заштита на хуманитарните работници и цивилите.

Изјавата Бајден ја даде по израелскиот напад во кој загинаа седум вработени од хуманитарната организација World Central Kitchen.

Во друго интервју за „Си-ен-би-си“, Кирби појасни дека претседателот дал до знаење дека „политиката на САД во однос на Газа ќе се промени ако во текот на времето не набљудуваме значителни промени“. /МИА

Папата ја осуди индустријата за оружје

Папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“.

Папата Франциск денеска упати молитви за жртвите од војните во Украина, палестинските територии, Израел и бегалците Рохинџи во Мјанмар, нагласувајќи дека, „за жал, најпрофитабилните инвестиции се оние поврзани со индустријата за оружје“.

- Војната секогаш е пораз, секогаш. Ние бараме мир, бараме вистински мир за овие народи и за целиот свет, рече папата, по повод католичкиот црковен празник Свети Јосиф Работник, пренесе Ватикан Њуз.

Обраќајќи им се на присутните во салата Павле VI во Ватикан на општа аудиенција, папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“. /МИА

Пронајдено 5-годишното девојче кое се оддалечило во паркот во Сарај

Пронајдено е 5-годишното девојче кое доцна попладнето исчезна во паркот во Сарај.

Детето, чие оддалечување од местото било пријавено нешто по 16 часот од нејзин роднина, било пронајдено по околу два часа во близина на трговскиот центар Сарај, инфомираат од МВР.

Претходно, од полицијата информираа дека се трага по девојче со руса долга коса, облечено во розово фустанче и розови чевли.

Фон дер Лајен: ЕУ требаше да ги послуша предупредувањата на Централна Европа за Русија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека требало да се слушаат што зборуваат земјите од Централна Европа за Русија и порано да се преземат „одлучни акции“.

- Мислам дека требаше подобро да ги слушаме земјите од Централна Европа. Тие имаат многу повеќе искуство со соседството на Русија. Можеби требаше да направиме нешто порано, како што предложија некои централноевропски земји. Денеска можеме да бидеме благодарни и задоволни што имаме толку силна Европа, која може да даде толку силен одговор на Русија, рече таа на прес-конференција во Брисел на прашањето што научи ЕУ од Полска во изминатите 20 години.

Претседателката на Европската комисија истакна дека 20-годишнината од големото проширување на ЕУ бил одлучувачки момент и гледајќи од денешна перспектива, суштински ја промени Европа и ја направи посилна, пренесува полската телевизија TV World. /МИА

притисни ентер