САД одобрија продажба на руска нафта за уште еден месец - Канал 5

САД одобрија продажба на руска нафта за уште еден месец

Владата на САД ја обнови дозволата за купување санкционирана руска нафта натоварена на танкери за уште еден месец, според документ објавен на веб-страницата на Министерството за финансии.

САД одобрија продажба на руска нафта за уште еден месец

Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД издаде нова дозвола во петокот, според која руска нафта и нафтени производи натоварени на танкери до 17 април можат да се купат до 16 мај, се вели во документот.

Трансакциите со Иран, Куба и Северна Кореја се ослободени од дозволата.

Вашингтон со тоа ги суспендираше санкциите за руска нафта и нафтени производи по трет пат од почетокот на американско-израелската војна против Иран, обидувајќи се да го ограничи скокот на цените на светските пазари.

Првата 30-дневна дозвола за купување руски барели беше издадена од OFAC за Индија на 5 март. Една недела подоцна, дозвола беше издадена и за остатокот од светот, исто така за 30 дена, со рок за завршување на купувањето на 11 април.

Новата дозвола беше издадена под притисок од азиските земји кои побараа Вашингтон да обезбеди резерви од други извори поради прекини во снабдувањето од Блискиот Исток.

- Преговорите (со Иран) се забрзуваат, додека Министерството за финансии истовремено обезбедува нафтата да им биде достапна на оние на кои им е потребна, изјави портпарол на Министерството минатиот петок.

Само два дена претходно, министерот за финансии Скот Бесент изјави дека Вашингтон нема да ја обнови дозволата за купување руска нафта, ниту ќе издаде нова дозвола за иранска нафта, која истече во неделата.

Продолжувањето на американската дозвола ќе опфати уште 100 милиони барели руска нафта, според специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин, Кирил Дмитриев, и ќе го удвои количеството барели со американска дозвола.

Во март, 4,4 милиони барели руска нафта беа испорачани на клиенти низ целиот свет дневно, соопшти Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во месечниот извештај. Ова би значело дека им биле испорачани вкупно 132 милиони барели руска нафта.

Индија истовари два милиони барели руска нафта дневно, додека Кина истовари 1,8 милиони барели дневно, соопшти ИЕА во својот априлски извештај. Ова го зголемува вкупниот број на испораки на руска нафта до азиските гиганти во март на 60 милиони и 54 милиони барели, соодветно.

Танкерите истоварија околу 22 милиони барели руска нафта на индиското копно во март, додека 14 милиони барели беа истоварени на кинеското копно, со што се исчисти руската нафта што се натрупуваше на море од октомври минатата година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

СДСМ: „Очи в очи“ - во Србија Вучиќ падна, но сè уште владее со Македонија

Мицкоски нема ама баш ништо свое. Сè копира од Вучиќ. Не може да направи ниту една работа без да позајми нешто од кампањата на Вучиќ, неговиот шеф на балканската ОКГ.

СДСМ: „Очи в очи“ - во Србија Вучиќ падна, но сè уште владее со Македонија

Сега ги промовира мерките на Вучиќ за младите. Вели дека брачните двојки до 35 години нема да плаќаат комуналии. Таквата одлука е дискриминаторска и противуставна. Не смее да има старосно ограничување. Што е со немажените и неженетите до 35 години во Македонија? Зошто ваква поделба? Зошто пак кампања по примерот на Вучиќ?

Мицкоски рече дека ќе ги замени младите со „економски работници“. Изјави дека треба да увезе уште 100.000.

Зошто сега овие мерки? Дали Мицкоски се подготвува за избори? Чуму овие теми од кампањата на Вучиќ? Чукаат ли на неговата врата истраги од Унгарија и Србија? Кредити, банка, дрога…

Кампањата „Очи в очи“ со граѓаните е уште една работа преземена од Вучиќ. Така работеше и тој пред избори.

Во Србија Вучиќ падна, но изгледа дека сè уште владее во Македонија.

Медиумите на Вучиќ сè уште работат. Во Србија РЕМ му ја укина емисијата „Колегиум“ на „Информер“, а во Македонија АВМУ молчи.

Во Србија Алта банка е во стечај, а во Македонија Мицкоски ја спасува насила и ги крие сметките и трансакциите.

Во Србија се планира расформирање на БИА, а во Македонија БИА сè уште е во Владата.

Стоиљковиќ и неговата екипа владеат.

Во Србија ги нема навивачите и хулиганите, а Македонија ја претставува еден од нив – Душан Адамовиќ, почесен конзул и бизнис-партнер за струја и броила.

Во Србија се апсат криминалци, а во Македонија Мицкоски го извади Симо од затвор за да купува гласови во Брвеница.

Пари нема. Тоа е она што сигурно го знаеме. Нови задолжувања за нови криминални тендери. Кога и тоа ќе пресуши, еве ни избори.

Мафијата ќе бара уште четири години за да краде. Тогаш граѓаните ќе знаат дека секој што ќе остане дома, им го дал својот глас.

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Галена, Мазена, Пазена“ – самостојна изложба на Ана В’чкова во КСП Центар-Јадро

Во сабота, 28 ноември 2026 година, со почеток во 20:00 часот, во КСП Центар-Јадро во Скопје ќе биде отворена самостојната изложба „Галена, Мазена, Пазена“ на визуелната уметница Ана В’чкова, курирана од д-р Ана Франговска.

„Галена, Мазена, Пазена“ – самостојна изложба на Ана В’чкова во КСП Центар-Јадро

Поставката, која се реализира во соработка со Pioneri Art Platform и со поддршка од КАМ маркет и Д-р Пановски, ќе биде отворена за посетителите до 7 декември 2026 година. По неодамнешното претставување во „Prima Center Berlin“ во Берлин, реализирано со поддршка од Министерството за култура и туризам – овој циклус дела за првпат се претставува пред скопската публика.

Во продолжение ви пренесуваме дел од кураторскиот текст на д-р Ана Франговска:

„Домот никогаш не е само простор. Тој е збир од навики, повторувања, допири, мириси, остатоци и мали секојдневни дисциплини преку кои се обидуваме да воспоставиме ред во нешто што постојано ни се измолкнува. Во него телото се одмора, се храни, се разголува, се негува, старее и се менува; во него се таложат предмети, отпадоци, сеќавања и траги. Домот е можеби најинтимната архитектура што ја населуваме, но истовремено и една од најнормативните.

Во новиот циклус на Ана В’чкова токму таа противречност станува појдовна точка на визуелното истражување. Нејзиниот интерес за домашниот простор не е нов. Тој веќе е присутен како истражување на местото во кое интимното и рутинското се преплетуваат и во кое односите на грижа, контрола и потребата за ред добиваат своја секојдневна форма. Но во новите дела домот повеќе не е само тема или сценографија. Тој станува материјална, телесна и психолошка состојбa.

Односот меѓу телото, предметите и домашниот простор се доближува до концептот на ориентација на Сара Ахмед, според кој телата се движат низ светот следејќи веќе воспоставени линии на блискост, навика и употреба (Ahmed 2006). Кај В’чкова токму тие познати линии се прекинуваат. Мијалникот повеќе не е само мијалник, чинијата не служи само за храна, чипката не е само украс. Телото, исто така, не останува стабилен центар на сликата. Познатите нешта се присутни, но нивните меѓусебни односи се разместени, создавајќи своевидна дезориентација на домашното. Она што го познаваме станува малку чудно.

Но ова разместување не завршува со она што е фотографирано. Напротив, најрадикалната операција во циклусот се случува врз самата фотографија. Фотографијата престанува да биде рамна и стабилна површина. Испечатена врз текстил, таа се собира, превиткува, набира, затегнува и деформира. Иглите ја прободуваат. Металните елементи ја фиксираат и истовремено ја повредуваат. Чипката ја опкружува, прикрива или декоративно ја дисциплинира. Епоксидната смола ја зацврстува, но истовремено ѝ дава влажна, сјајна, речиси органска присутност. Сликата станува кожа.

Фотографиите произлегуваат од речникот на секојдневието: мијалник, одвод, храна, презреано овошје, цвеќе, инсекти, чинии, чипка, женска кожа, раце, стапала, телесни фрагменти. Тоа се нешта кои во вообичаениот режим на гледање ги распределуваме во различни категории – убаво и грдо, чисто и нечисто, пожелно и непожелно, интимно и јавно. В’чкова намерно ги доведува во непосредна близина и ги лишува овие поделби од нивната сигурност.

Цветовите се појавуваат покрај нечистотијата во одводот; декоративната чипка опкружува инсект; презреаното овошје се наоѓа на границата меѓу храната и распаѓањето; женското тело се преклопува со ткаенината, а кожата со површината на сликата. Убавото и непријатното повеќе не можат лесно да се раздвојат…“

За уметницата:

Ана В’чкова (1998) е дипломирана визуелна уметница при Факултетот за ликовни уметности – УКИМ во Скопје, на отсекот сликарство, модул сценографија. Нејзината уметничка пракса опфаќа спектар медиуми, од сликарство, фотографија и графички дизајн до видео. Излегувајќи надвор од границите на една дисциплина, В’чкова е привлечена од можноста за комбинирање различни техники, текстури и визуелни јазици. Ваквиот хибриден пристап претставува основа на нејзините креативни истражувања, овозможувајќи ѝ да создава суптилни и автентични наративи што одекнуваат кај публиката.

Нејзините дела ја истражуваат динамичната врска меѓу медиумот и пораката, со цел да изградат непосредна и трајна поврзаност со гледачот. Преку внимателна интеграција на традиционални визуелни форми и современи дигитални процеси, таа ги преиспитува утврдените уметнички конвенции и начини на гледање. Нејзината пракса е втемелена во уверувањето дека формата и содржината се неразделни, секоја постојано ја обликува и преобликува другата.

В’чкова е членка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) и има учествувано на повеќе групни изложби и меѓународни резиденции, меѓу кои: Ликовна колонија Галичник (2025), Non-linear Archive во Скадар (2025), резиденцијата Infrared во Приштина (2024), Скопски урбани приказни (2025), Femina (2024), Зимски салон (2024), Skala (2022), Manchester Art Fair (2021). Таа има реализирано самостојна изложба во „Prima Center Berlin“ во Берлин, Германија, под наслов „Галена, Мазена, Пазена“ (2026), самостојна изложба во рамки на филмскиот фестивал „Sирни“ (2025) во Скопје, а во 2023 година ја има остварено својата прва самостојна изложба насловена „Diversus“ во МКЦ, поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МКЦ и МОТ продолжуваат да ја поддржуваат независната и современата изведувачка сцена: „Локомотива“ со две перформативни дела на 51. МОТ

Долгогодишната соработка меѓу Младинскиот културен центар (МКЦ), МОТ – Меѓународниот театарски фестивал и организацијата „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“ продолжува и во рамки на 51. издание на МОТ.

МКЦ и МОТ продолжуваат да ја поддржуваат независната и современата изведувачка сцена: „Локомотива“ со две перформативни дела на 51. МОТ

Ова партнерство, кое низ годините овозможува континуирано претставување и развој на современите уметнички практики, е пример за важноста на поврзувањето на јавните културни институции со независната културна сцена.

На 23 ноември (понеделник), со почеток во 20 часот, во салата „25 Мај“ во МКЦ, „Локомотива“ ќе се претстави со две перформативни дела – „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ и „Мочуришна драма (AT)“, во авторство на Викторија Илиоска и Марија Хубер.

„Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ е кореографски истражувачки проект кој на перформансот му пристапува како на подготовка за иднината во која веќе живееме. Преку телото, движењето и колективното искуство, делото ги истражува економската, политичката и еколошката нестабилност како секојдневна состојба. Во фокусот е опстојувањето како кореографска и политичка стратегија – способноста за заедничко носење на тежината, истрајување и создавање форми на поддршка во услови на неизвесност.

Вториот дел, „Мочуришна драма (AT)“, е перформативно предавање на Марија Хубер, која преку своето драг-алтер его Крокодилска Солза ги истражува флуидните граници меѓу драг-перформансот, кореографијата со предмети и филозофското предавање. Низ лични искуства, кантри песни и прашања за ранливоста, заедничкото тагување и создавањето отпорни простори, делото отвора простор за поинакво промислување на квир и деколонијалната драматургија.

Соработката меѓу МКЦ/МОТ и „Локомотива“ е долгогодишна и суштински важна за развојот на современата изведувачка сцена во Македонија. Низ годините, ова партнерство создава простор за афирмација на нови уметнички практики, експериментални формати и интердисциплинарни пристапи, овозможувајќи независните уметници и организации да бидат активен дел од фестивалската програма. За МОТ, соработката со „Локомотива“ е дел од континуираната заложба фестивалот да биде отворена платформа за современи уметнички изрази, критичко промислување и нови сценски јазици.

Билетите се по цена од 400 денари и може да се набават онлајн преку bileti.mkc.mk.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер