Руски државјанин приведен во САД под обвинение за нелегален извоз на електроника за дронови

Руски државјанин приведен во САД под обвинение за нелегален извоз на електроника за дронови во Русија

Руски државјанин кој живее во Сарасота, Флорида, бил уапсен вчера под обвинение за шверц, перење пари и нелегален извоз во Русија на технолошки производи кои можат да се користат за производство на дронови, соопшти американското Министерство за правда, цитирано од британските медиуми.

Во обвинението се наведува дека по инвазијата на руските сили во Украина во 2022 година, 44-годишниот Денис Постовој набавил микроелектронски делови што незаконски ги извезувал во Русија, кои би можеле да се користат за производство на дронови, се вели во обвинението на веб-страницата на Министерството за правда.

-Според обвинението, овој обвинет незаконски извезувал технологии за двојна употреба во Русија што би можеле да ја зголемат нејзината способност да води неиспровоцирана војна против Украина, рече американскиот обвинител Метју Грејвс во соопштението.

Руската амбасада во САД на апликацијата за комуникации Телеграм соопшти дека знаела за приведувањето на Постовој, но дека „не добила никакво официјално известување од локалните органи за спроведување на законот“.

Според американското Министерство за правда, Постовој користел мрежа на компании во Русија и Хонг Конг, нарачувајќи делови од американските дистрибутери и испраќајќи ги во Русија./МИА

„Јон Вардар против галаксијата” премиерно прикажан во Шпанија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата” ја имаше својата светска премиера на 57-мото издание на „Ситџес фантастик филм фестивал“.

Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио” беше прикажан во фамилијарната секција.

Режисерот Цветановски инфомора дека на премиерата имал кусо обраќање, при што на шпански јазик им кажал на децата во публиката дека се првите во светот кои ќе го гледаат филмот.

Цветановски по настанот изјави дека фестивалскиот живот на „Јон Вардар против галаксијата” почна возбудливо, најавувајќи уште многу убави вести наскоро.

- Премиерата ги оправда очекувањата. Ми беше драго што и децата и нивните родители уживаа во филмот и се смееја на глас. Во публиката запознав и Македонци од Барселона кои допатуваа во Ситџес за да го проследат филмот. Ви благодарам многу што бевте дел од овој настан. Факт е дека со Јон Вардар напишавме историја, и верувам дека имаме производ со кој можеме да се гордееме. Одиме натаму, со нетрпение ја очекувам македонската премиера во ноември, рече режисерот Цветановски.

Во рамки на фестивалот во Ситџес, анимираниот филм ќе има уште една проекција следната сабота.

„Јон Вардар против галаксијата” е хумористична приказна „за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани кои се на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси“.

Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.

Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.

Филмот од 1 ноември ќе се прикажува во кино-салите низ Македонија.

СДСМ: Мора да им одговорност за починатото бебе на Детската клиника

Со голема загриженост ги следиме информациите за трагичната смрт на 14 месечното новороденче на Клиниката за детски болести и она што се случува.

Министерството за здравство и сите надлежни институции итно да ги преземат сите неопходни мерки за да се утврдат причините за овој трагичен настан за кој мора да има одговорност.

Потврдените информации дека бебето било одбиено да биде хоспитализирано се крајно загрижувачки.

Ова е втор трагичен случај за една недела во здравствените установи.

СДСМ бара подлабока анализа и целосна транспарентност во процесот на утврдување на одговорноста.

Јавноста заслужува да знае каде се направени пропустите.

Во изминатите 7 години, со вистинска грижа и соодветни мерки СДСМ успеа да ја намали неколкукратно смртноста кај новороденчињата. Во 2016 година смртноста била високи 25 отсто, во 2021 е намалена на 8,9 отсто а во 2023 година околу 5%.

Бројките постепено опаѓаат низ годините што укажува на унапредување на здравствената заштита на мајките и новороденчињата.

Неонаталната смртност СДСМ ја намали за 5 пати, во 2015 година изнесувала 6.8%о а во 2022 година е намалена на само 1,4%о. Во 2015 година во времето на ДПМНЕ перинаталната смртност изнесувала 12.8%о а во 2022 година е намалена на 6.9%о.

СДСМ набави морени инкубатори, кои недостасуваа, како и повеќе современи апарати, опрема, микроскопи, системи за деминерализација, респираторни машини, подвижни протокомери за кислород и инвестираше во развој на соодветен стручен кадар.

Оттука, крајно загрижувачки е тоа што се случува сега и надлежните мора да преземат соодветни мерки да не се дозволи зголемување на смртноста на новоредничањата повторно.

Здравјето на мајките и новороденчињата мора да биде императив за секој здравствен систем.

СДСМ

ИДФ нападнаа уште еден команден центар на Хамас во Газа

Израелските воздухопловни сили уште еднаш нападнаа команден центар на палестинската милитантна организација Хамас во Појасот Газа, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ) рано утрово, јави ДПА.

Командниот центар се наоѓаше во областа Деир ал Балах во централна Газа, вградена во болницата Шухада ал Акса, соопшти ИДФ.

Во истата област, армијата претходно соопшти дека ги нападнала командните центри на Хамас кои биле лоцирани во поранешно училиште и поранешна џамија.

ИДФ соопшти дека биле преземени бројни мерки за да се намали ризикот за цивилите пред „прецизниот“ напад.

Според армијата, командните центри биле користени за планирање и извршување на терористички напади против израелските војници и државата Израел.

ИДФ рече дека ова е уште еден пример за, како што ја нарече, систематската злоупотреба на цивилната инфраструктура од страна на Хамас, кршејќи го меѓународното право.

Конфликтот, кој започна пред точно една година, започна кога борците од палестинската исламистичка милиција Хамас и други го нападнаа Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа околу 250 заложници.

притисни ентер