Руски авион-ловец Су-30 се урна над Крим - Канал 5

Руски авион-ловец Су-30 се урна над Крим

Борбен авион Су-30 на руското воздухопловство се урна за време на тренажен лет над полуостровот Крим, анектиран од Москва во 2014 година.

Руски авион-ловец Су-30 се урна над Крим

Екипажот на борбениот авион успеал да се катапултира, соопшти руското Министерство за одбрана, додавајќи дека нема опасност по животот на пилотите.

Авионот Су-30 не носел никаква муниција.

Русија има неколку воздухопловни бази на Крим.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Натпревар за најдобри бизнис идеи кај средношколци

Кои средношколци ќе го освојат милионот? Започна натпреварот за најдобра бизнис-идеја?

Натпревар за најдобри бизнис идеи кај средношколци

Средношколците од цела Македонија повторно имаат можност да освојат 1.000.000 денари за своја бизнис-идеја. Започна второто издание на натпреварот за најдобра бизнис-идеја на средношколци, во организација на Brainster Next College и NU High School Academy, а пријавувањето е отворено до 8 ноември на milioner.mk. Право на учество имаат сите средношколци од прва до четврта година, од државните и приватните средни училишта.

Патот до милионот е следен: од сите пријавени бизнис-идеи на средношколците од Македонија, на 10 ноември ќе бидат објавени 120-те најдобри, по што започнува јавното онлајн гласање кое ќе трае до 25 ноември. Во истиот период ќе бидат организирани и седум менторски работилници, на кои учесниците ќе добијат практични совети за развојот на своите идеи.

На 25 ноември ќе бидат избрани 50-те најдобри тимови, кои на 28 ноември ќе имаат само 90 секунди за да ги убедат инвеститорите во потенцијалот на својата идеја, преку форматот познат како elevator pitch. Од нив ќе бидат избрани 20-те најдобри тимови кои ќе продолжат во големото финале.

На 29 ноември финалистите ќе имаат по пет минути за презентација и уште пет минути за прашања од инвеститорите и жирито, по што ќе биде прогласена победничката идеја што ќе ја освои наградата од 1.000.000 денари влог во идејата.

Пред десет години некој вложил милион во неговата идеја. Денес тој вложува милион во идеите на средношколците.

Приказната за натпреварот започнува многу пред неговото прво издание.

Пред десетина години, Петар Ниновски, основачот на Brainster, бил млад претприемач со големи амбиции, но и со неизвесност дали ќе успее. Зад себе веќе имал неколку претприемачки обиди, од препродажба на концертни билети до бизнис со накит, кој по неуспешниот почеток во Црна Гора го продолжил во Охрид.

Но пресудниот момент дошол кога група бизнис-ангели поверувале во неговата визија за создавање на подобро образование и му дале почетна инвестиција од еден милион денари.

Со тие средства Ниновски го започнал Brainster, кој во следните години прерасна во образовна групација што обучува илјадници луѓе, создава работни места и развива нови и иновативни образовни програми, а денес е и лидер во Македонија на полето на вештачката или супер интелигенција.

„Пред 10 години некој веруваше во мене, денес ние веруваме во младите и идеите кои носат подобра иднина“, вели Ниновски.

Тројца битолчани покажаа дека милионот не е само сон

Минатогодишното издание на натпреварот покажа дека во Македонија постои огромен претприемачки потенцијал кај младите. Во конкуренција на стотици пријавени тимови, победата ја однесоа тројца средношколци од Битола – Јован Талевски, Иван Секуловски и Марио Рабаџиевски, со тимот Stay BE и бизнис-идејата „Систем 4“.

Нивното решение користи вештачка интелигенција за подобрување на работењето на хотели и ресторани, преку телефонски агенти, чет-асистенти и други дигитални услуги.

Тие не понудија само идеја на хартија, туку реално бизнис-решение со потенцијал за развој и ширење на пазарот. За тоа освоија 1.000.000 денари, а нивниот проект привлече и дополнителен интерес од инвеститори. Инвестициска понуда доби и второпласираниот тим „ПаметПакет“.

Целта е поголема од милионот

Целта на натпреварот е да го поттикне претприемачкиот дух кај младите, да ги охрабри да размислуваат креативно, да препознаваат можности таму каде што другите гледаат проблеми и да научат дека за успешен бизнис не е пресудна возраста, туку идејата, знаењето и иницијативата.

Во наредниот период се предвидени и презентации во средните училишта низ Македонија во координација со надлежните образовни институции, со цел што повеќе средношколци непосредно да се запознаат со можностите што ги нуди натпреварот.

Минатогодишните победници покажаа дека средношколските години можат да бидат вистинскиот момент за развивање на претприемачките способности, а идеите што денес се раѓаат во училишните клупи утре можат да прераснат во успешни компании.

Токму затоа, организаторите ги охрабруваат средношколците од цела Македонија да ја искористат можноста, самостојно или заедно со своите соученици да развијат бизнис-идеја и да ја пријават на натпреварот. Не е неопходно да имаат готов производ или веќе основана компанија, туку идеја во чиј потенцијал веруваат и подготвеност да работат на нејзиното развивање.

Пријавувањето е отворено до 8 ноември 2026 година на milioner.mk , а на 29 ноември ќе дознаеме во кое средно училиште ќе заврши следниот милион.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова: На Фестивалот „Игор Маџиров“, на мал и скромен простор, секоја година се случуваат театарски чуда!

Во својство на покровителка, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера вечер го отвори петтото издание на интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.

Сиљановска-Давкова: На Фестивалот „Игор Маџиров“, на мал и скромен простор, секоја година се случуваат театарски чуда!

За неа, годинашното мото на фестивалот, „СИТЕ СМЕ ИСТИ. И ЈАС И ТИ“ е уметнички и хуман повик на почитување на правото на секој човек на свој живот, свој свет, своја приказна.

„Токму театарот нè учи да погледнеме подалеку од разликите, да го слушнеме другиот и во неговото искуство да препознаеме нешто блиско и свое, наше, заедничко, човечко“, рече претседателката.

Таа ги поздрави огромните уметнички успеси и високи дострели на Театарот за деца и младинци, постигнати на малиот и скромен простор, непроменет со децении.

За неа, тука, во срцето на Скопје, со многу генерации на деца живееле, растеле, твореле и пораснале големи глумци, задоволувајќи ги нивните мечти и соништа, врзани за блиски и далечни култури.

Богатото уметничко наследство на Игор Маџиров, според претседателката, не престана да постои со неговото прерано физичко заминување, туку продолжи да живее на старите тетарски даски, на коишто, секоја година се случуваат чуда.

Сиљановска- Давкова ја повтори минатогодишната желба - детскиот театар конечно да добие пристоен дом, каков што заслужуваат неговите талентирани и вредни станари и нивните најчести и најверни гости- децата!

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова:

Почитувани организатори,

Почитувани уметници,

Драги гости,

Почитувани и сакани деца,

И годинава, пак сме тука, а јас сè уште посакувам и се надевам на нов амбиент заради доброто на глумците, децата и младите, гледачите. Ама...

Но...чудна дружина сме ние, не случајно овде собраните: талентираните и посветени театарски дејци, децата, како најискрени гледачи и ние, љубителите и обожавателите на театарот, ним сличните, по темперамент и големи очекувања.

Верувам дека и годинава, кога глумците со збор и со тело ќе ги оживеат ликовите и ќе станат други, ние, чувствувајќи ги нивните радости и стравови ќе се идентификуваме со нив и ќе почнеме да размислуваме за изборот којшто го прават, небаре е наш.

Преку играта, смеата и тагата, храброста и сомнежот, правдата и неправдата, театарот како уметност на неможното, ни помага да ги препознаеме човечките слабости и доблести, внатрешни борби, да се радуваме и да се нервираме, бурно да реагираме.

Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, преку творечката енергија, уметничката храброст и недофатливите дострели, ја задоволува огромната љубопитност, поврзува блиски и далечни култури, генерации, светогледи.

Знам дека творењето за најмладата публика и глумењето пред неа е голема и посебна одговорност зашто детето не е рутиниран гледач што мирно ја следи приказната, туку немирен, разбрануван, бистар, љубопитен ум што мисли брзо, поставува многу незгодни и смели прашања, остар и прецизен набљудувач и добар воочувач, бескомпромисен критичар, кој отворено, без преправање, директно го кажува она што го мисли за виденото и чуеното, односно – одиграното.  

Овогодишното мото „СИТЕ СМЕ ИСТИ. И ЈАС И ТИ.“ има демократска и рамноправна дикција, нè потсетува дека секој од нас без оглед на земја од која доаѓа, театар во кој твори, возраст, вера, религија, раса, пол, статус, има свој јазик, своја приказна и свој начин на доживување на светот, но дека сите ги делиме потребата и желбата да бидеме прифатени и разбрани. Токму театарот нè учи да погледнеме подалеку од разликите, да го слушнеме другиот и во неговото искуство да препознаеме нешто блиско и свое, наше, заедничко, човечко.

Театарот, преку уметничкото доживување ја развива способноста да се гледа низ туѓите очи, да се преиспита сопственото уверување, а неговата вредност не е само естетска, туку и педагошка и хумана, просветителска и просветлувачка, освестувачка, зашто уметноста може да инспирира, да вознемири, да провоцира, но и да облагородува, смирува, духовно збогатува, учи, храни, милува...

Знам дека името на Игор Маџиров го поврзува фестивалот со актер чиешто творештво остави оригинална, творечка, длабока трага во македонската култура. Неговото уметничко наследство потсетува дека вистинските сценски дострели не завршуваат со животот или со последниот аплауз, туку продолжуваат да живеат преку глумата на други актери или новите генерации актери, нивните остварувања, но и преку публиката којашто повторно ја открива магијата на театарот и волшебничките способности и дострели на актерите, режисерите, сценаристите...

Драги деца,

Гледајте и фантазирајте, размислувајте и кажете си ги мислењата, борете се и негувајте си ја слободата на мислата, коментирајте, хранете си ги љубопитноста, храбро откривајте ги тајните на животот и на светот. Не престанувајте да прашувате, да замислувате и да сонувате, зашто токму во детските пориви се крие тајната и силата на новото, незамисливото, чудното, неочекуваното. Фестивалските денови нека нè нурнат во театарската магија и во светот на детската фантазија и имагинација.

Нека „Игор Маџиров“ ја разгори и овој пат искрата на љубовта и интересот кон театарот и уметноста, кон сцената, кон играта, нека отвори нови видици, нека овозможи фер и витешки натпревар, нека поттикне исчекувања и надежи.

И оваа година, како и минатата, ќе ја повторам вашата и моја желба, детскиот театар да добие уметничка куќа, дом каков што заслужува, не само сцена на којашто ќе се играат претстави, туку простор којшто ќе овозможи, па и ќе стимулира креативност кај најмладите, ќе овозможува да дојде до израз творечката смелост и ќе му овозможи на Театарот за деца и младинци да расте и да се развива како што децата со растот имаат потреба од поголема облека и поширок простор!

Со особено задоволство го прогласувам за отворено петтото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.

Ви благодарам.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Клучен енергетски објект што го снабдува Киев со греење и електрична енергија е погоден од руски балистички ракети

Клучен енергетски објект што го снабдува Киев со греење и електрична енергија е погоден во руски балистички ракетен напад, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Клучен енергетски објект што го снабдува Киев со греење и електрична енергија е погоден од  руски балистички ракети

Енергетскиот објект и станбена зграда беа погодени во напад за кој претседателот рече дека дошол „без рано предупредување од партнеритe“.

Киев објави повеќе руски напади откако Трамп изјави дека Русија и Украина пред два дена постигнале договор за прекин на огнот во енергетскиот сектор.Утринава властите во Киев ги повикаа жителите да останат во засолништата откако прогласија црвена тревога поради „ракетна закана“.

По нападите во вторникот, Зеленски изјави дека „Украина го поддржа прекинот на огнот на енергетиките објекти . Русија е насочена кон уште една електрана и кон животите на нашите луѓе.“„Ова е апсолутно неправедно: тие ја уништуваат нашата енергетска инфраструктура, а Украина дури и не добива рани предупредувања за лансирање балистички ракети“, додаде тој„ова е втора ноќ по ред Киев да биде погоден од руски ракети, а тоа се случува во време кога Зеленски се подготвува да се сретне со британскиот премиер Енди Барнам на Даунинг стрит денеска , за да разговараат за забрзување на испораките на воздушна одбрана за Киев.

По нападите во понеделникот се шпекулираше дека Америка го прекинала пристапот до клучните разузнавачки информации што ѝ овозможуваат на Украина да ги следи дојдовните закани. Трамп негираше дека тоа е случај.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер