Русите не можат да го сфатат допингот во карлинг

Олимпиецот од Русија, Александар Крушелнитски, кој ја освои бронзата во мешовити двојки во карлинг на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, е суспендиран откако беше утврдено дека користел недоволени средства.

Тој е позитивен на супстанцата мелдониум, а од руското Министерство за спорт тврдат дека таквото нешто не е направено намерно.
Оттаму не можат да сфатат зошто еден натпреварувач во карлинг би го употребувал лекот мелдониум, поради кој беше казнета и тенисерката Марија Шарапова.
- Во овој случај е јасно дека олимпиецот не можел намерно да користи недозволени средства, тоа едноставно не е логично. Карлинг во суштина не спорт во кој спортистите се допингуваат, наведе рускиот министер за спорт Павел Колобков.

Меѓутоа, Крушелнитски мораше да ги врати акредитациите и да го напушти Олимпиското село во Пјонгчанг, а ќе треба да се појави и пред Судот за спортска арбитража во Лозана.

Русија изминативе години е постојано под истрага поради обвинението за системски допинг, организиран на државно ниво. Поради тоа голем број руски спортисти се суспендирани, а на оние кои дојдоа во Пјонгчанг им беше забрането да се појават под националното знаме.

На Игрите во Пјонгчанг досега се забележани уште два случаи на допинг, кај јапонскиот лизгач Кеи Саито и словенечкиот хокеар Жига Јеглич./МИА
притисни ентер