Русија истрела ракета „Орешник“ врз Лавов, во Киев ноќеска убиени најмалку четири лица - Канал 5

Русија истрела ракета „Орешник“ врз Лавов, во Киев ноќеска убиени најмалку четири лица

Најмалку четири лица се убиени, а 19 други се повредени во Киев во најновиот руски масовен напад со ракети и беспилотни летала во текот на ноќта, соопштија утринава градските власти, пренесе ДПА.

Русија истрела ракета „Орешник“ врз Лавов, во Киев ноќеска убиени најмалку четири лица

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека меѓу загинатите е и лекар, додека четворица медицински работници се повредени.

Во нападот е погодена критична инфраструктура, а некои делови од градот се без струја и вода, напиша Кличко на Телеграм.

Западната команда на украинските воздухопловни сили соопшти дека руските сили извршиле напад врз Лавов со употреба на неидентификувана балистичка ракета, пренесува германската агенција.

Украинската војска објави дека ракетата е лансирана од тест-зоната Капустин Јар, во рускиот Астрахан, познато место за лансирање на балистичката ракета „Орешник“.

Градоначалникот на Лавов, Андриј Садови, рече дека засега е непознато дали станува збор за ракета „Орешник“.

„Војската ќе обезбеди информации“, напиша Садови на Телеграм.

Тој рече дека се регистрирани експлозии во Лавов, но во моментов нема информации за жртви. Цивилните објекти и станбените згради во градот не беа оштетени, додаде тој.

Русија утринава потврди дека употребила ракета со среден дострел „Орешник“ во нападот врз западна Украина, објавија руските медиуми, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана, што е втор напад врз Украина со ова оружје.

Според министерството, нападот бил извршен како одговор на „терористичкиот напад“ од страна на Киев врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин на 29 декември 2025 година, пренесува ДПА.

Додадено е дека целите на нападот биле постигнати и дека биле погодени објектите што произведуваат беспилотни летала што се користеле во наводниот напад, како и енергетската инфраструктура.

Украина негираше дека извршила напад врз резиденцијата на Путин и ја обвинува Москва дека го користи лажното тврдење за да ги оправда нападите врз владини згради во Киев.

Руските сили истрелаа ракета „Орешник“ врз украинскиот индустриски град Дњепар во ноември 2024 година, потсетува ДПА.

Рускиот претседател Владимир Путин тврди дека западните системи за воздушна одбрана не се способни да го пресретнат „Орешник“, што на руски значи лешник. Тој, исто така, рече дека може да погоди цели дури до Западна Европа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Голем протест во Загреб: Илјадници од цела Хрватска се собраа против одлагање опасен отпад во Лика (ВИДЕО)

Голем број граѓани се собраа денес во центарот на Загреб на протестот „Марш за Лика, марш за Хрватска“, организиран поради скандалот со опасниот отпад во областа Госпиќ.

Голем протест во Загреб: Илјадници од цела Хрватска се собраа против одлагање опасен отпад во Лика (ВИДЕО)

Протестната колона тргна од областа на Главната железничка станица, а потоа стигна до плоштадот Бан Јосип Јелачиќ, додека новинарите на „Вечерњи лист“ проценуваат дека во центарот на градот имало неколку илјади луѓе.

Толпата маршираше низ центарот на Загреб со тапани, свирчиња и труби, додека полицијата ја обезбедуваше рутата, а дел од улиците беа затворени.

На митингот пристигнаа граѓани од различни делови на Хрватска, вклучувајќи ги Лика, Далмација, Истра, Славонија и други области.

Организаторите велат дека Лика не е единствениот случај и дека сакаат да укажат на пошироките проблеми во системот за управување со отпад.

Граѓанската иницијатива „Госпиќ е наш дом“ испрати конкретни барања до Владата уште пред протестот.

Тие бараат од Владата да презентира комплетна програма за санација на закопаниот отпад во рок од 20 дена, со јасно дефинирани и обврзувачки рокови.

Едно од главните барања е 33.000 тони закопан отпад да се отстранат во рок од три месеци.

Тие исто така бараат градската општинска депонија „Ракитовац“ да биде вклучена во Планот за управување со отпад, како и ангажирање на независни експерти кои би развиле долгорочен план за следење и би спровеле независна проценка на ризикот.

Иницијативата, исто така, бара пошироки промени во системот за управување со отпад. На митингот зборуваат претставници на неколку граѓански иницијативи и здруженија од Хрватска, додека организаторите претходно објавија дека политичарите нема да држат говори.

Меѓу толпата има и опозициски политичари, но, според организаторите, програмата е наменета за претставници на граѓански иницијативи и здруженија.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ претходно изјави дека протестот создава „непотребна хистерија“ и дека проблемот ќе биде решен, според „Вечерњи лист“.

Според информациите што ги објави овој медиум, до крајот на септември треба да се утврди како ќе се отстранува отпадот од областа Госпиќ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јанчев: Традицијата, дружењето и добрата забава се неизоставен дел од Тиквешкиот Гроздобер

Традицијата, дружењето и добрата забава се неизоставен дел од Тиквешкиот Гроздобер.

Јанчев: Традицијата, дружењето и добрата забава се неизоставен дел од Тиквешкиот Гроздобер

И оваа година таблијадата донесе натпреварувачки дух, смеа и убаво дружење, со учество на нашиот градоначалник.

Честитки до сите учесници, а најголема победа е добрата дружба!, објави на ФБ градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Проданоски: Прилеп го менуваме со конкретни проекти, инвестираме во инфраструктура, модернизираме и дигитализираме

Денес пред вас го презентирам отчетот за сработеното во изминатата година. Нашата цел беше јасна: Прилеп да се менува со конкретни проекти што се гледаат и што го подобруваат секојдневието на граѓаните.

Проданоски: Прилеп го менуваме со конкретни проекти, инвестираме во инфраструктура, модернизираме и дигитализираме

Во партнерство со Владата и ресорните министерства, реализираме 18 проекти, поддржани со околу 12 милиони евра. Шест се завршени, пет се во завршна фаза, а седум се на почеток на реализација.

Еден од најзначајните е кружниот тек кај мостот „Табана“, вреден повеќе од 2 милиони евра. Со него, го решаваме едно од најголемите сообраќајни тесни грла во градот. Проектот вклучува санација и проширување на мостот, нова траса, регулација на коритото, осветлување и сигнализација.

За локалните улици и патишта, обезбедивме 168 милиони денари за три години, од кои 60 милиони до крајот на оваа година. Го реконструиравме тротоарот на „Кеј 1-ви Мај“, а на „11-ти Октомври“ се обновуваат тротоарите, велосипедските патеки и осветлувањето. На повеќе од 20 локации поставуваме средства за забавување на сообраќајот.

Во индустриската зона „Металец“ градиме 973 метри патна мрежа, а кај „Жито Прилеп“ градиме сервисна улица од 392 метри. Улицата „Победа“ и мостот се реализираат со повеќе од 100 милиони денари. Следуваат и улиците „Трајко Николоски“ и „Орде Чопела“, проекти вредни повеќе од 180 милиони денари.

Инвестираме и во сигурно водоснабдување. На „Кузман Јосифоски“ ги заменивме старите азбестни цевки. Во Карабдалица, по повеќе од 70 години, обновивме 1.240 метри мрежа, со 124 приклучоци и 7 хидранти. Во тек се нови мрежи во Селце и Лениште, вредни 25 милиони денари.

Го уредивме и јавниот простор. На плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ обновивме 2.100 квадратни метри. Во Типската населба изградивме детско игралиште, започнуваме уште едно, а ново игралиште следува и зад Участакот. Во ООУ „Рампо Левката“ изградивме спортско игралиште и ја обновивме фасадата. Во Точила ги реконструиравме терените за фудбал, кошарка и одбојка и поставивме фитнес-реквизити.

За почиста животна средина, изградивме фотонапонска централа за пречистителната станица. Ќе поставиме полуподземни контејнери на 21 локација и јавни тоалети на три локации во центарот. Посебна гордост е првата фабрика за селекција на отпад од ваков тип во Македонија, со капацитет до 10 тони на час. Работиме и на регионален систем за управување со отпад.

Ја модернизираме и општината. Отворивме Центар за услуги со повеќе од 1.000 дигитални услуги - над 350 за граѓаните и повеќе од 700 за компаниите. Подготвуваме нов Генерален урбанистички план, 18 детални планови за градот и уште 30 за околината и населените места.

Не ги заборавивме културата, спортот и младите. Средствата за културни манифестации ги зголемивме од 4 на 12 милиони денари, а за спортските клубови издвоивме 14,5 милиони. Формиравме Локален младински совет и отворивме музичка соба во НУЦК „Марко Цепенков“. Само во трите летни месеци поддржавме повеќе од 160 настани.

За првпат обезбедивме по 3.000 денари за секое запишано прваче. Отворивме Центар за дневен престој на стари лица за активно стареење. Како најинклузивна општина, продолжуваме и со нов Дневен центар за лица со попреченост, за индивидуален третман.

Почитувани,

Ова се резултати од заедничка работа на Општината, Советот, јавните претпријатија, службите и нашите партнери во Владата и институциите. Не тврдиме дека сè е завршено. Пред нас има уште многу работа и предизвици. Но правецот е јасен: модерен, функционален и достоинствен Прилеп за сите генерации.

Продолжуваме одговорно, посветено и со уште посилно темпо, рече Дејан Проданоски, градоначалник на Општина Прилеп.

YouTube video

.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер