Роб Јетен – новата холандска политичка ѕвезда и извесниот најмлад премиер на Холандија во историјата - Канал 5

Роб Јетен – новата холандска политичка ѕвезда и извесниот најмлад премиер на Холандија во историјата

Под слоганот „Можно е“, 38-годишниот Роб Јетен успеа да ја доведе својата социјал-либерална партија Демократи 66 (Д66) до изненадувачка победа на вонредните парламентарни избори во Холандија во средата. 

Роб Јетен – новата холандска политичка ѕвезда и извесниот најмлад премиер на Холандија во историјата

Со својата кампања Јетен успеа да убеди голем број Холанѓани дека е оптимистичка алтернатива на, како што го нарекуваше, „негативизмот“ на десниот популист Герт Вилдерс и на истрошениот лабурист со баласт на творец на Европскиот зелен договор, Франс Тимерманс, чии партии само на неколку дена пред изборите важеа за фаворити за победа.

Она што анкетите на ден пред изборите го наговестија како можност, а тоа е дека Партијата на слободата (ПВВ) на Вилдерс, блокот на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) на Тимерманс и Демократи 66 (Д66) на Јетен имаат подеднакви шанси за изборна победа, се покажа уште со првите резултати во средата вечерта, кои укажуваа дека Д66 е во водство.

Победата на Д66 беше потврдена и со вчерашното објавување на целосните изборни резултати. За волја на вистината остануваат да се пребројат уште гласовите на Холанѓаните што живеат во странство, кои гласаа по пошта, но предноста на Д66 пред второпласираната ПВВ е недостижна.

Ова го доведува Јетен во можност да стане најмладиот премиер на Холандија во историјата, но и првиот јавно деклариран хомосексуалец што би ја извршувал оваа функција.

Роб Арнолдус Адријанус Јетен, како што е неговото целосно име, е роден на 25 март 1987 година во местото Вегел во јужна Холандија. По матурирањето во 2005 година, Јетен се запишува на Универзитетот „Радбаут“ во Најмејген каде студира јавна администрација. По дипломирањето, се запишува на постдипломски студии и магистрира во 2011 година.

По завршувањето на формалното образование се вработува владината агенција за железничка инфраструктура како административен консултант, за потоа да напредува до позицијата регионален менаџер за североисточна Холандија.

Во политичките води Јетен се ангажира уште од студентските денови, приклучувајќи се кон партијата Д66 и набрзо станувајќи претседател на нејзиниот подмладок, Млади демократи. Во тој период Јетен е ангажиран како политички советник на пратеничката група на Д66 во холандскиот Сенатот, во 2010 година е избран за член на Општински совет на Најмејген, а подоцна станува и претседател на огранокот на Д66 во овој град.

По седумгодишното искуство во локалната политика, Јетен во 2017 година првпат е избран за пратеник во Долниот дом на холандскиот Парламент. Во текот на својот пратенички ангажман Јетен се фокусира на типично левичарски прашања како што се заштитата на климата, европската соработка и правата на припадниците на ЛГБТ заедницата, а избран е и за портпарол на Д66 задолжен за клима, енергија, железнички транспорт, демократска обнова и економски прашања.

Во октомври 2018 година, на 31-годишна возраст ја презема должноста лидер на Пратеничката група на Д66, со што станува еден од најмладите раководители на парламентарна група во историјата на Холандија.

Како јавно деклариран хомосексуалец често е изложен на хомофобични напади, па во 2020 година по повод Меѓународниот ден на борба против хомофобијата и трансфобијата објавува голем број пораки на омраза што ги добивал на Твитер.

Во јануари 2022 година Јетен е избран за министер за климатска и енергетска политика во Владата на тогашниот холандски премиер, а сегашен генерален секретар на НАТО, Марк Руте. По иницијатива на Јетен беше изработен планот за инвестирање на 750 милиони евра до 2031 година во гасниот систем во Холандија и во изградба на национална мрежа за транспорт на водород.

Во август 2023 година Јетен е избран за лидер на Д66, наследувајќи ја тогашната холандска вицепремиерка Зигрид Кааг. Јетен ја презеде лидерската позиција во Д66, на само три месеци пред изборите, кога партијата се соочуваше со слободен пад на популарност и не и се прогнозираа позначителни изборни резултати. Јетен успеа делумно да ја стабилизира партијата, која на изборите освои девет пратеници.

Во јануари 2024 година Кааг се повлече од политиката и Јетен ја презеде нејзината позиција на вицепремиер во тогаш веќе техничката Влада на Руте. На оваа функција Јетен останува до јули 2024 кога се формира актуелната Влада на Дик Схоуф и Д66 преминува во опозиција.

Јетен ја искористи таквата позиција и со својот имиџ на добар оратор кој не се плаши од директни соочувања и дебати со политичките ривали, но и со новата партиска програма која се посвети на клучните прашања што ги мачат Холанѓаните, тој успеа речиси тројно да го зголеми бројот на гласовите на Д66 на изборите во средата и да и донесе најмалку 26 мандати.

Д66 под водство на Јетен во кампањата се осврнуваше на проблемите со домувањето и животната средина, избегнувајќи да влезе во матрицата за дебати за миграцијата и мигрантите кои ги „крадат работните места на Холанѓаните“ и ги „цицаат социјалните фондови“ што се обидуваше да ја наметне Вилдерс.

Јетен вети изградба на станови по прифатливи цени во 10 нови населби со добра поврзаност и инфраструктура, како и мерки за заштита на климата кои ќе бидат „добри за планетата Земја“, но и за „паричниците на граѓаните“. Значајна тема во кампањата на Д66 беше и здравјето, ветувајќи поголема достапност до спортот и здравата исхрана и повисоки даноци за „нездравата“ храна.

Кога станува збор за правата на ЛГБТ заедницата, Јетен порача дека е потребно „помалку симболика“, а повеќе закони што ги промовираат правата и слободите на луѓето. - Веќе ми е смачено кога ги гледам пешачките премини во боите на виножитото, изјави Јетен во интервју на почетокот на јули.

Неговите противници го обвинуваат дека ги напуштил своите левичарски ставови и дека се поместил в десно во центарот. Ваквите обвинувања Јетен ги оцени како „смешни“, нагласувајќи дека класичната поделба на политичка левица, центар и десница претставува „застарен концепт“ во современата политика.

Популарноста за Јетен дополнително се зголеми со неговото учество во овогодишната есенска сезона на квизот „Најпаметната личност“, каде стигна до финалето и го освои третото место.

Инаку, во приватниот живот Јетен од 2022 година е во врска со 28-годишниот аргентински репрезентативец во хокеј на трева Николас Сантијаго Кинан, кој настапува за клубот „Клајн Цвицерланд“ од Хаг. Во ноември минатата година Јетен и Кинан објавија дека се вериле.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Развиен е нов вид на клетки, чувствителни на светлост- може да се користат како „жив“ пејсмејкер

Руските научници развија нов вид клетки чувствителни на светлина за срцеви пејсмејкери, кои потенцијално би можеле да станат „жив“ срцев пејсмејкер.

Развиен е нов вид на клетки, чувствителни на светлост- може да се користат како „жив“ пејсмејкер

Новата биоинженерска клеточна структура е контролирана од светлина со помош на технологијата што ја освои Нобеловата награда за 2026 година, изјави за новинарите заменик-директорот на центарот Александар Романов.

Нобеловата награда за физиологија или медицина за 2026 година им беше доделена на тројца истражувачи за откривањето на првите јонски канали чувствителни на светлина кои можат да бидат вградени во клеточната мембрана и „обучени“ да реагираат на светлина. Ова откритие им овозможува на научниците да создаваат нови протеини контролирани од светлина за која било намена.

„Добивме и тестираме нов вид клетки и веруваме дека оваа почетна фотосензитивност ќе ја подобри нивната ефикасност. Значи, се разбира, не ја освоивме Нобеловата награда, но сепак, тоа сугерира дека, така да се каже, работиме во вистинската насока“, рече научникот, објави ТАСС.

Биоинженерите од MFTI и аритмолози од Центарот Мешалкин одгледуваа клетки контролирани од светлина, поставени на специјални полимерни скелиња и имплантирани во срцето. Идејата на научниците е да им се овозможи на клетките да функционираат природно, додека лекарите сè уште можат да го регулираат срцевиот ритам однадвор користејќи светлосни сигнали. За да го постигнат ова, истражувачите користат специјални светлосензитивни протеини кои можат да се префрлат од една состојба во друга кога се изложени на зраци со одредена бранова должина, со што ги стимулираат или смируваат клетките.

Планирано е лекарите да можат да ги стимулираат клетките да ја контролираат аритмијата користејќи специјален уред со сина светлина со бранова должина од приближно 460 нанометри. Според Романов, за таа цел може да се имплантира посебна светлосна капсула под кожата или да се постави завој на градите на пациентот.

Кардиохирурзите денес имплантираа нова група светлосензитивни клетки на пејсмејкер во срцето на минијатурна свиња во експериментална операциона сала. Прво, тие користеа специјален полимерен супстрат, а потоа ги инјектираа клетките во срцето со шприц, во форма на специјални микрокапсули.

- Ефектот треба да трае од пет до седум дена - нагласи Романов.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Словенечката влада најави забрана за покривање на лицата- се предвидуваат огромни казни

Словенечката влада подготвува измени на Законот за заштита на јавниот ред, а една од одредбите би вклучувала забрана за покривање на лицето на јавни места .

Словенечката влада најави забрана за покривање на лицата- се предвидуваат огромни казни

Словенечката влада подготвува измени на Законот за заштита на јавниот ред, а една од одредбите би вклучувала забрана за покривање на лицата на јавни места до степен до кој можат да се препознаат цртите на лицето, што би ѝ го олеснило на полицијата идентификувањето на лицата.

Како што е наведено во нацрт-законот, ова правило нема да се однесува на специфичен вид облека, религиозен симбол или лични околности, а предвидени се исклучоци за случаи кога покривањето на лицето е неопходно од здравствени или професионални причини, како и во врска со спортски активности, уметнички, културни или традиционални настани, пренесува СТА.

За прекршување на овие одредби се предвидени казни од 100 до 200 евра. Подготовката на измените на законот започна откако коалицијата на партии „Истина“ (Resni.ca) поднесе предлог за референдум, на кој граѓаните би го изразиле своето мислење за тоа дали да се забрани покривањето на лицето на јавни места.

Иако барањето за референдум се однесува на општа забрана за покривање на лицето, претставниците на парламентарните групи за време на дебатата нагласија дека прашањето е бурката и дека е потребно да се воведат ограничувања, бидејќи во спротивно Словенците би можеле да се најдат во подредена положба во споредба со имигрантите.

Тие исто така изразија очекување дека имигрантите ќе се прилагодат на начинот на живот во Словенија.

Во Европа, забрана за целосно покривање на лицето воведоа Белгија, Франција, Бугарија, Австрија, Данска, Швајцарија и Португалија, забрана за делумно покривање на лицето, или покривање во одредени државни, образовни или здравствени институции, воведоа Холандија, Луксембург и Латвија, додека во Германија и Италија, одредени држави воведоа забрана за покривање на лицето.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Христијан Мицкоски во „Само Интервју“

Почитувани, утре Само Интервју со премиерот Христијан Мицкоски.

Христијан Мицкоски во „Само Интервју“

Што значи за Македонија политичкиот пресврт во Србија?

Дали ЕУ останува реална цел и како ќе се задржи европскиот курс, без уставни измени?

Ќе има ли етничко гласање во Брвеница, и што тоа ќе значи за владината коалиција?

Се бориме, но, дали и кога ќе се избориме со корупцијата?

Утре, Гоце Михајлоски во Само Интервју со премиерот Христијан Мицкоски..

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер