Ристовски го пречека светскиот шампион Марко Џорлев - Канал 5

Ристовски го пречека светскиот шампион Марко Џорлев

Поддршката за младите спортски таленти е инвестиција во иднината на македонскиот спорт.

Ристовски го пречека светскиот шампион Марко Џорлев

Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска во Министерството за спорт го пречека младиот каратист Марко Џорлев и лично му го честиташе историскиот успех – златниот медал на Светското првенство за кадети, јуниори и постари јуниори (У21), кое се одржа во полскиот град Бјелско-Бјала.

Џорлев го освои златото во категоријата до 63 килограми, во дисциплината борби, совладувајќи го во финалето Унгарецот Адам Баги со 4:1. Со овој триумф, тој стана првиот македонски светски шампион во карате во својата возрасна категорија, остварувајќи историски резултат за македонскиот спорт.

На средбата, министерот Ристовски ја истакна важноста на успехот на Џорлев и значењето на континуираната поддршка за младите спортски таленти.

„Успехот на Марко е гордост за Македонија и доказ дека со талент, посветеност и дисциплина се стигнува до светскиот врв. Наша обврска како Министерство за спорт е да создаваме услови за развој на младите спортисти и да им обезбедиме поддршка за да ги остварат своите потенцијали. Продолжуваме да инвестираме во спортските надежи, бидејќи тие се иднината на македонскиот спорт“ - истакна Ристовски.

Марко Џорлев е еден од стипендистите на Министерството за спорт во категоријата „Спортска надеж“, наменета за поддршка на талентираните млади спортисти. Светската титула е круна на неговата успешна натпреварувачка година, во која освои злато и на натпревар од Светската младинска лига во Пореч, а на Европското првенство го освои петтото место. Благодарение на постигнатите резултати, Џорлев се најде и на врвот на светската ранг-листа во својата категорија.

На Светското првенство во Полска, Македонија настапи со вкупно 31 каратист, предводени од селекторот Дејан Ристески.

Успехот на Џорлев е историски момент за македонското карате и потврда дека поддршката за младите спортисти е вложување во иднината и новите успеси на македонскиот спорт.

Со почит,

Министерство за спорт

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МП: Силна поддршка од Грција за европската интеграција и реформите во правосудството

Грција дава силна поддршка на нашата држава на патот кон членство во Европската Унија. 

МП: Силна поддршка од Грција за европската интеграција и реформите во правосудството

Ова беше потврдено на средбата меѓу министерот за правда, Јетон Шасивари, и новиот амбасадор на Грција, Јоанис Малукос, на која беше нагласена важноста на европската перспектива и натамошното продлабочување на билатералната соработка.

На средбата, грчката страна изрази подготвеност за безрезервна поддршка на реформите во правосудството, преку споделување искуства, обезбедување експертска помош и зајакнување на соработката меѓу надлежните институции.

Министерот Шасивари изрази благодарност за силната и континуирана поддршка од Грција, истакнувајќи дека реформите во правосудството, зајакнувањето на владеењето на правото и усогласувањето со европските стандарди остануваат меѓу клучните приоритети на Министерството за правда.

Двајцата соговорници ја потврдија заедничката заложба за унапредување на соработката и за конкретна поддршка на реформските процеси што се од суштинско значење за европската иднина на нашата држава.

Министерство за правда

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Реформа на државната управа: Помалку бирократија, повеќе услуги за граѓаните

Завршува времето на институционално самоволие и неконтролирано буџетско трошење, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев, на јавната дискусија за нацрт законот за организација и работа на органите на државната управа.

Реформа на државната управа: Помалку бирократија, повеќе услуги за граѓаните

Тврди дека во иднина ќе се воспостави ред со предвидената рационализација и ќе се стави крај на формирање на непотребни паралелни агенции, дирекции и комисии кои не одговараат пред никого, а се производ на партиски договори по политичките кризи од минатото.

-Суштината на оваа реформа не е во тоа колку органи ќе има државата, туку дали секој од нив има оправдана причина да постои, јасно утврдена надлежност и капацитет да ја извршува. Не станува збор за реорганизација на сите институции во јавниот сектор, туку за воспоставување јасни правила за органите на државната управа - правила кои пред се ќе ја поврзат функцијата со одговорноста и овластувањето со законската граница,- Горан Минчев – министер за јавна администрација.

Нацрт законот е ставен на ЕНЕР и е испратен до координаторите на пратеничките групи во Собранието, а пред да биде испратена финалната верзија ќе има и јавна расправа во Комисијата за политички систем.

Овој закон е дел од реформската агенда и за негово усвојување е потребно двотретинско мнозинство. Инаку пред неколку дена беа изгласани законите за административни службеници, а во процедура се уште неколку други кои треба да донесат помала, попрофесионална и дигитализирана администрација.

Од 1 октомври стапи на сила и законот за висока раководна служба, со кој позицијата В.Д. директор се ограничи на шест месеци, а управните одбори се намалени на три члена.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

На 25 октомври 2026 започнува зимското сметање на времето

Летното сметање на времето започна на 29 март 2026 година, а зимското сметање на времето започнува на 25 октомври 2026 година во 03:00 часот, со поместување на стрелките на часовникот за еден час наназад, односно времето од 03:00 часот се смета како

На 25 октомври 2026 започнува зимското сметање на времето

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека Владата на Република Македонија донесе Одлука за утврдување на почетокот и завршувањето на летното сметање на времето во 2026 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 58 од 19 март 2026 година.

Согласно донесената Одлука, летното сметање на времето започна на 29 март 2026 година, а зимското сметање на времето започнува на 25 октомври 2026 година во 03:00 часот, со поместување на стрелките на часовникот за еден час наназад, односно времето од 03:00 часот се смета како 02:00 часот.

Донесувањето на оваа Одлука е во согласност со утврдената годишна практика за регулирање на сметањето на времето, како и со обврските за усогласување со европската регулатива во оваа област.

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер