Ристески: Владата со зелено светло за утврдување на нова минимална плата

На гостувањето на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува’’, заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески говореше за транспарентноста и чесното работење на Владата.

На гостувањето на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува’’, заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески говореше за транспарентноста и чесното работење на Владата, во однос на договорот за минимална плата, каде што е оставена на работниците и работодавачите да се договорат околу износот на истата.

„Се даде можност на двете спротивставени страни, а тоа се Организацијата на работодавачите во Македонија и синдикатите да седнат и да се договорат и она што ќе го договорат оваа Влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати. Тоа јасно и гласно го кажа премиерот Христијан Мицкоски’’, истакна Ристески.

Ристески го оправдува револтот на граѓаните околу цените во маркетите и ги повикува маркетите да се вразумат околу цените, за да нема потреба од ургенции на Владата.

„Треба да се вразумат, имаат период да се вразумат и доколку ги симнат цените на едно нормално ниво, ние не велиме да немаат профит маркетите, кој би работел без профит, ние треба да внимаваме и на таа страна, значи производители, добавувачи, маркетите, не треба да работат со загуби, како што било во претходната власт, нормално тие вработуваат луѓе, влијаат на економскиот раст, меѓутоа да имаат едно стабилно ниво на цени кое што одговара на економските прилики и состојби и во Македонија и во регионот“, појасни Ристески.

Околу Законот за нефер трговски практики, заменик министерот за економија и труд нагласи за тоа дека Законот што го спроведувале, не бил докомплетиран поради тоа што немало формирање на Комисија за заштита на конкуренцијата.

„Сега е се комплетирано, излезени се луѓето на терен и КЗК треба комплетно да ги проверува овие договори и доколку постојат нефер трговски практики да ги казнува. Казните се големи до 20 илјади евра, се надевам дека во текот на овој месец, доколку се утврдат вакви неправилности, ќе ги слушнеме и првите казни за маркетите или добавувачите“, потенцираше тој.

Ристески на крајот напомена и за унгарскиот кредит, кој според него, е еден од најповолните кредити до сега, со кој ќе се вбризга финансиски средства во бизнисите и општините.

„Владата зеде еден од најповолните кредити со 3,25% каматна стапка што навистина е во оваа пазарна економија и можност на пазарот за кредитирање на една држава е еден од најниските проценти на каматна стапка. Исто така, условот за да користат кредити е уште пониска каматна стапка 1,95% што досега не се случило во Република Македонија на корисниците. Тие ќе имаат можност 20% учество со свои финансии остатокот ќе биде од кредит обезбеден од комерцијалните банки преку развојната банка на Република Македонија, што навистина сето тоа е подготвено и спремно. Јас ги повикувам сите претпријатија и бизнис секторот, сите правни субјекти во Македонија да го искористат проектот“, заклучи Ристески, се наведува во партиското соопштение.

СДСМ: Укинување на ДДВ за храна ќе донесе намалување на цените веднаш и заштеда до 2.000 денари

СДСМ предлага законско решение што ќе донесе поевтина храна за граѓаните и ја повикува власта и пртениците од мнозинството да го прифатат. 

Со укинувањето на ДДВ за храна над 250 категории основни производи ќе поевтинат веднаш а тоа ќе донесе значително олеснување за граѓаните.

Учеството на храната и пијалакот во потрошувачката кошничка изнесува над 23.000 денари, што значи ефектите од оваа мерка со заштеда и до 2.000 денари ќе влијае на заштита на стандардот на граѓаните и состојбата на семејните буџети.

Дополнително, укинувањето на ДДВ за храна нема да ги оптовари компаниите, ниту ќе дозволи трговците да ја изиграат. Значи СДСМ нуди законско решение со реален ефект за вистинско намалување на малопродажните цени на прехранбените производи, со што ќе се намали и вредноста на потрошувачката кошница.

Ајде да ги донесеме овие законски решенија заедно. Секое одолговлекување значи нов удар врз семејните буџети, врз граѓаните.

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

„Ги запознаваме ретките болести“ - Постериорна уретрална валвула

ПРЕВАЛЕНЦА - постериорната уретрална валвула е забележана кај приближно 1 на 5 000 живородени машки деца (1-9/ 100 000 население. 

ПОСТЕРИОРНА УРЕТРАЛНА ВАЛВУЛА (ПУВ)/ POSTERIOR URETHRAL VALVE

MKБ-10 Q64.21

ПРЕВАЛЕНЦА - постериорната уретрална валвула е забележана кај приближно 1 на 5 000 живородени машки деца (1-9/ 100 000 население.

ВОВЕД

Постериорна уретрална валвула (ПУВ) е конгенитална аномалија која ги зафаќа машките новороденчиња. Истата вклучува присуство на абнормални мембрани на ткивото во уретрата кои прават опструкција или го блокираат нормалниот проток на урина водејќи до разни компликации, од кои карактеристична е задршката на урина која води до ретроградна дилатација на уретерите и бубрезите што како резултат води до нивно оштетување.

ЕТИОЛОГИЈА

Причината за ПУВ не е целосно позната, но се смета дека резултира со абнормален развој на уретрата во текот на раната фаза од феталниот развој. Се смета за спорадично нарушување, но забележани се и случаи кај браќа и близнаци кои водат до можност за генетска компонента.

СИМПТОМИ И ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ

Симптомите на болеста се на нивоа од средни до многу тешки. Денес, за време на пренаталните испитувања можно е да се идентификува болеста пред да се појават симптомите, особено при постоење на хидронефроза кај плодот за време на бременост, се јавува можност за сомневање за ваква дијагноза. Како чести симптоми кај ваквите дечиња се забележува:

присуство на уринарни инфекции поради застој на урината предизвикан од опструкција

абдоминална дистензија поради задршка на урина и зголемен мочен меур

слаб млаз на урина, потешкотии во комплетно празнење на мочниот меур кој води до резидуална урина

уринарна фреквентност, дизурија и инконтиненција

хидронефроза од различен степен.

Може да постои сомнение за присуство на болеста уште за време на пренаталните испитувања со помош на ултразвук, но конечната дијагноза се поставува кога бебето ќе се роди, при што може полесно да се превенираат компликациите. Дефинитивна дијагноза може да се постави со цистоуретрограм, цистоуретроскопија и функционални тестови за бубрезите, т.е. крвна анализа за проверка на функција на бубрезите и нивото на електролити. Многу често алармантен знак кај децата е појава на покачени деградациони продукти, особено креатининот, кој е показател за тековно бубрежно страдање.

ПОСЛЕДИЦИ

Прогнозата на ПУВ е променлива во зависност од степенот на сериозноста на LUTO. Пациентите може да бидат подложни на уринарна инконтиненција, инфекции на уринарниот тракт и прогресивно бубрежно оштетување. Приближно една третина од пациентите родени со ПУВ напредуваат до крајниот стадиум на бубрежно заболување и на сите пациенти им е потребна периодична долготрајна уролошка нега. Без интервенција, пациентите се изложени на ризик од бубрежна инсуфициенција и дисфункција на мочниот меур. Плодноста може да биде нарушена кај пациенти кои се уремични.

ТРЕТМАН

Примарниот третман на ПУВ е хируршка интервенција за да се отстрани ткивотo кое предизвикува опструкција. Тоа претставува ендоскопска инцизија на вавулите, исто позната како валвотомија. Целта е да се врати нормалниот проток на урина и да се превенираат понатамошни компликации. Самата процедура е минорна и минимално инвазивна, но во некои случаи, хируршката процедура се повторува. Кај новороденчиња со хидронефроза можно е да е потребна уринарна диверзија, т.е. процедура која ја дивертира урината пред да стигне до уретрата, а тоа се постигнува со везикотомија – отварање на мочен меур за да може урината да дренира директно во пелената, или пак, со проксимална диверзија која е поретка процедура каде уретерот е изнесен надвор на кожата за да излегува урината, но ова се изведува кај дечиња со тешка клиничка слика каде ѕидовите на уретерот се многу дебели. Медикаментозно може да се дава симптоматска терапија за релаксација на мускулатурата на мочен меур, а тука спаѓаат антиспазомотици, симпатомиметици и антихолинергични лекови. По хируршкиот третман следува долгорочно следење на бубрежната функција и уринарниот систем, а вообичаено 6 месеци по отстранување на валвулите, докторите продолжуваат да мониторираат функција на мочниот меур со уродинамична студија. Овој пристап ја следи функцијата на мочниот меур и дава специфични објективни информации за неговиот капацитет, простор и функциите на празнење.

Судот во БиХ утре ја објавува пресудата за Додик,тој најавува „радикални мерки“ ако биде осуден

Суд во Босна и Херцеговина утре ќе ја заврши едногодишната судска постапка против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, кој е обвинет за непочитување на одлуките на високиот претставник. 

Доколку биде прогласен за виновен, Додик и неговите најблиски соработници најавуваат „радикални мерки“.

На последното рочиште, предвидено за изнесување на завршните зборови на обвинителството и одбраната, ќе се утврди судбината на Додик и директорот на Службениот весник на Република Српска, Милош Лукиќ. Доколку процесот заврши истиот ден, судијката Сена Узуновиќ може веднаш да ја соопшти пресудата или најдоцна до 25 февруари.

Додик и Лукиќ се обвинети затоа што во 2023 година дозволиле објавување во Службениот весник на два закона донесени од парламентот на РС, иако тие претходно беа поништени од високиот претставник Кристијан Шмит. Со овие закони во РС се настојуваше да се забрани спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на БиХ и на високиот претставник.

Во БиХ, непочитувањето на одлуките на високиот претставник е кривично дело за кое се предвидува затворска казна до пет години. Доколку Додик биде осуден, тоа автоматски би значело и негово разрешување од функцијата претседател на РС.

Во пресрет на пресудата, Додик синоќа одржа состанок зад затворени врати со своите најблиски соработници во Бања Лука, за да одлучат како ќе реагираат ако биде осуден. По состанокот, во медиумите беше испратено соопштение полно со закани, во кое се наведува дека пресудата против Додик би била „државен удар“.

„Народното собрание, Владата и сите институции на РС ќе донесат радикални одлуки како одговор на секоја пресуда на Судот на БиХ. Исто така, сите претставници на српскиот конститутивен народ во БиХ и сите вработени во институциите на БиХ ќе се повлечат и ќе го прекинат својот ангажман“, се вели во соопштението.

Додик и неговите соработници, меѓу кои и претседателката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, оценија дека секоја пресуда на Судот на БиХ би претставувала правно насилство и државен удар врз БиХ и РС, а дека ентитетот нема да остане нем.

Цвијановиќ и Додик изразија надеж дека новата администрација во САД ќе има поинаков пристап и дека со поддршка од претседател Доналд Трамп ќе можат да реализираат дел од своите планови.

Како прв чекор во нивниот одговор, властите во РС најавија дека ентитетскиот парламент ќе премине во постојано заседавање за да може без прекин да носи потребни закони и одлуки.

Иако не се конкретизира кои ќе бидат тие одлуки, Додик веќе најави дека првиот чекор би можел да биде прогласување на независноста на РС.

„Ако има таква пресуда (осудителна), што и да зборуваат другите, во истиот момент ќе имаме одлука на Собранието за отцепување од БиХ и распишување референдум за независност“, изјави Додик во јануари во интервју за ентитетската телевизија РТРС.

Во поддршка на Додик застана и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изрази надеж дека Судот на БиХ ќе донесе „мудри одлуки“ за да не дојде до дестабилизација на регионот.

Слична поддршка Додик доби и од унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој вчера во Будимпешта порача дека „политичките напади“ врз Додик треба да престанат и дека „не треба повеќе да биде казнуван“.

Додик веќе подолго време е под санкции на САД и Велика Британија, а првите мерки против него беа воведени уште во 2017 година поради загрозување на спроведувањето на Дејтонскиот договор.

Оттогаш, списокот на санкционирани лица од неговиот круг значително се зголеми, а последниот санкциониран беше неговиот министер за внатрешни работи, Синиша Карана, во јануари. Американската администрација тогаш објави дека Карана бил активно вклучен во работна група која ја формирал Додик, со цел подготовка на планови за отцепување на РС од БиХ.

притисни ентер