Режисерите Свиличиќ и Хигс гости на Скопски филмски фестивал - Канал 5

Режисерите Свиличиќ и Хигс гости на Скопски филмски фестивал

Огњен Свиличиќ, режисер и сценарист на „Такви се правилата“, и Броди Хигс, режисер на „Еликсир“, денеска на средба со новинарите зборуваа за своите остварувања кои публиката имаше можност да ги види вчера на Скопскиот филмски фестивал.

Режисерите Свиличиќ и Хигс гости на Скопски филмски фестивал


Филмот на Свиличиќ тематизира насилство меѓу младите. Базиран е на вистински настан за 17-годишник кој умира претепан од врсници, но и поради лекарска грешка т.е последица на неажурност на институциите. Актерот Емир Хаџихафизбеговиќ доби награда на фестивалот во Венеција за улогата на татко кој немоќен пред рамнодушноста на системот и без доверба во него, самиот ќе се обиде да ја задоволи правдата.

- Родителите во филмот не можат да си помогнат себеси и општеството треба да им помогне во таква ситуација. Човекот зема оружје зашто општеството не му помага, а тоа води кон анархија - како што гледаме на крајот на филмот, рече режисерот денеска на прес-конференција.

Филмот е минималистички и носи мачни емоции кои актерите не ги изразуваат на платното, туку се воздржани. Тоа било и идеја на режисерот - емоцијата да премине кај гледачите и, како што рече, да им остане в грло. Филм без олеснување и со тврд крај, во кој актерите не плачат, за да плаче публиката.

Според Свиличиќ, кому ова му е петти филм, антинасилничката порака на „Такви се правилата“ треба да стигне до младите и до надлежните установи и да допре до што поголем број луѓе, а тоа го очекува со прикажување на филмот на телевизија.

Во филмот, покрај Србија и Франција, партиципира и Агенцијата за филм на РМ со 5 милиони денари, а монтажата ја изработи Атанас Георгиев. Филмот од денеска ќе биде на редовен репертоар во киното „Синеплекс“.

Гостин на 18-тиот СФФ е и Броди Хигс, режисер на германско-австралиската копродукција „Еликсир“, во кој игра и македонската актерка Наташа Петровиќ. Се работи за арт-филм за уметноста на 20 век, во кој Хигс поврзува 22 современи уметници, тројца модни креатори кои живеат во Берлин и музика на неколку автори.

- Се започна со моето истражување на книжевните и уметничките ликови кои го одбележаа 20 век. Главни ликови се Андре Бретон и Тристан Цара. Двајцата беа дадаисти, но по извесно време Бретон скршна од дадаизмот и го основа надреализмот, што доведе до еден голем конфликт меѓу нив. Тој конфликт, тоа милје и тие реални доживувања ги ставив во модерен контекст, во сосема друг град и со други луѓе, за да прикажам како тоа би изгледало сега, рече Хигс. Дејството е во Берлин зашто бил поевтин за уметниците отколку Париз но, нагласи Хигс, Берлин е конгломерат на култури и јазици и вистинско место за уметничка енергија.

Петровиќ го игра ликот на Лексија, кој е измислен, за разлика од другите ликови кои се инспирирани од вистински личности. - Ликот на Лексија не зборува, има проблем со изразување на чувствата, не комуницира, туку пишува. Има изградено свој свет и така се справува со стварноста, рече Петровиќ.

Таа е задоволна од соработката во интернационаната екипа. Во проектот влегла по покана за аудиција и за кастинг во Берлин, каде што филмот беше и прикажан на годинашното Берлинале.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сали: Напредокот на Црна Гора ја зајакнува европската перспектива на регионот

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Црна Гора, на која разговараа за билатералните односи, процесот на пристапување кон Европската Унија...

Сали: Напредокот на Црна Гора ја зајакнува европската перспектива на регионот

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Црна Гора, на која разговараа за билатералните односи, процесот на пристапување кон Европската Унија и можностите за продлабочување на институционалната соработка.

Сали го поздрави напредокот на Црна Гора во пристапните преговори и ја потврди поддршката на Македонија за нејзината амбиција да стане следната членка на Европската Унија. Тој истакна дека овој напредок претставува охрабрувачки сигнал за регионот и за кредибилитетот на политиката на проширување.

На средбата беа разгледани можностите за поинтензивна размена на експертиза, врз основа на Договорот за соработка во контекст на пристапувањето кон Европската Унија, потпишан во 2012 година. Областите од интерес ги опфаќаат координацијата на преговорите, усогласувањето со европското законодавство, реформата на јавната администрација и управувањето со европските фондови.

Министерот ги претстави и приоритетите на Македонија за спроведување на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, со акцент на конкретните придобивки за граѓаните и бизнисите.

Сали ја нагласи важноста на праведен и предвидлив пристапен процес, заснован на заслуги, како и на регионалната соработка за напредување кон заедничката цел — членство во Европската Унија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Герасимовски: Македонска песна и оро утре на „Боемска“ со КУД „Орце Николов“, Блага Петреска и Наум Петрески

Општина Центар утре, 16 октомври, го организира настанот „7/8 Центарски такт“, посветен на македонската народна песна и фолклорната традиција. 

Герасимовски: Македонска песна и оро утре на „Боемска“ со КУД „Орце Николов“, Блага Петреска и Наум Петрески

На Боемска улица 1, граѓаните ќе можат да уживаат во вечер исполнета со музика, народни носии и дружење.

Програмата започнува во 18:00 часот со дефиле на КУД „Орце Николов“, а во рамки на настанот ќе биде поставена и изложба на народни носии. Официјалниот почеток и музичката програма се закажани за 20:00 часот, со настапи на ВИС „Интрада“, Блага Петреска, Наум Петрески и Тули.

„Македонската песна има посебно место во секој наш дом. Со неа сме растеле, сме се радувале и сме ги одбележувале најважните моменти во животот. Со овој настан сакаме да ја споделиме таа љубов и со помладите генерации, затоа што традицијата се чува кога ја живееме и ја пренесуваме. Ги поканувам граѓаните да ни се придружат на Боемска, да запееме и заедно да уживаме во богатството на македонската музика и фолклор“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Со „7/8 Центарски такт“, Општина Центар продолжува да поддржува настани што го негуваат културното наследство и ја доближуваат македонската традиција до сите генерации.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Милошоски: Вето на една членка е доволно за блокирање на македонскиот јазик во ЕУ, ете ги “успесите” на СДС и Филипче

Вето на една членка е доволно за блокирање на македонскиот јазик во ЕУ.

Милошоски: Вето на една членка е доволно за блокирање на македонскиот јазик во ЕУ, ете ги “успесите” на СДС и Филипче

Една од тезите со која Филипче ја манипулира јавноста дека бугарското барање за уставни измени не носи ризици по националниот идентитет е тврдењето дека преговарачката рамка гарантира дека македонскиот јазик ќе стане и еден од службените јазици на ЕУ. Ова е голема манипулација која има за цел да создаде чувство на лажна сигурност и обид политички да се покрие грешката со која владата на СДСМ го прифати бугарското билатерално прашање како составен дел од "францускиот предлог".

За жал, демантот на ваквото лажно тврдење на претседателот на СДСМ доаѓа токму од документите на ЕУ, меѓу кои е и последната стратегија "Preparing for a wider Union", каде се нагласуваат членот 55 од Договорот за ЕУ и чл.342 од Договорот за функционирањето на ЕУ. Правилото е едноставно: официјалните јазици на институциите на ЕУ, без исклучок, се определуваат со едногласна одлука од страна на Советот на ЕУ! Односно, ЕУ може да добие нов службен јазик ако тоа биде побарано од земјата кандидат која преговара, но под услов ниедна земја членка да нема приговор/ вето на таквото барање.

Ваквата методологија на одлучување во комбинација со Декларацијата која официјална Софија ја достави до Советот на ЕУ во јули 2022 со нагласување дека споменувањето на македонскиот јазик во преговарачката рамка не може да се толкува како негово признавање од страна на Бугарија, е доволна и за политички аматер да може да погоди која ќе биде земјата која ќе стави вето за впишување на македонскиот јазик како официјален јазик на ЕУ, при евентуална можност за зачленување во Унијата. За жал, тоа се "плодовите" од сервилните потписи на владата на СДСМ и ДУИ ставени на Договорот за добрососедство од август 2017, како и на вториот протокол и анекс на Договорот од јули 2022 година. Евтините потписи на Заев и Бујар Османи, скапо ќе ја чинат Македонија и ќе бидат постојан ризик за официјалната промоција на македонскиот јазик во рамките на ЕУ.

Користењето на терминот македонски јазик во преговарачката рамка на ЕУ не е ист правен акт со потребата од нова едногласна одлука за негово вклучување меѓу официјалните јазици на ЕУ во иднина. Тука ветото од Бугарија, според досегашниот однос на официјална Софија, е кец во кец.

Затоа, кога станува збор за идентитетските прашања и македонскиот јазик, важно е да се знае реалноста, а тоа е дека со ниту еден документ досега не е потврдено, уште помалку загарантирано дека македонскиот јазик би добил едногласна одлука за да биде впишан како еден од службените јазици на ЕУ при евентуалното членство во сојузот. Од страна на Македонија ќе биде потребно да се вложи огромен политички напор, континуиран дипломатски ангажман и сериозни сојузници за да се поправат овие трасирани грешки на претходната влада.

И на крај во контекст на оваа тема, добро е да се напомене дека во моментов во Брисел се водат преговори дали да во подготвувањето на нацрт пристапниот Договор за евентуалното членство на Црна Гора во ЕУ да се впише и црногорскиот јазик како нов службен јазик на Унијата. Без да се прејудицира исходот, засега дипломатски може да се рече дека за оваа тема кај најмалку една земја членка постојат лингвистички дилеми. Дилемата пак за буџетските трошоци и логистиката за превод во секоја ЕУ институција на уште еден нов официјален јазик е дополнително присутна кај уште 2-3 членки. Но, за неколку месеци ќе има и појасна слика за оваа тема, како и за политичката клима дали во ЕУ постои едногласност за нови официјални јазици.

Компаративно, без разлика на нивните историски спорови и конфликти, сепак рационалноста на Шпанија и Португалија, на Германија и Полска, како и разумноста на Данска и Шведска, за жал, сеуште се далечни стандарди во споредба со (не)прагматичноста на Бугарија во односот кон Македонија.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер