Наместо во судница, судската одлука ја слушнал во лифт.. Александар Цветковски, чија сопруга беше смртно прегазена пред две години, за Канал 5 вели дека се уште е шокиран од односот на судијката Цветанка Никодиновска која случајно ја сретнал во лифтот во основниот суд во Битола, каде и му кажала, дека сторителот Димитар Петковски добил 9 години затвор за случајот. Вели дека е разочаран од односот на една таква институција и очекува поголема сериозност од Апелација.
-На прашањето во лифтот за каде сте, јас реков на 4ти, за кај вас, и таа ме погледна и рече, а да за кај мене, ме погледна и рече девет години, тоа е. Викам, како девет години? Девет години, толку е затвор осуде. Викам не ве разбирам. Викам, не ве разбирам. Тоа е тоа, нема што тоа е. И реков, ние идеме денеска, зедовме ден од работа за соопштување на одлуката. Нема соопштување, нема потреба никој да иде еве сега јас ви соопштувам. Јас бев во голем шок. Пред да излеземе од лифтот и кажав на судиката, дека подобар момент и подобро време за соопштување на таква одлука отколку во лифт не сте можеле да одберете.-Александар Цветковски – Сопруг.
Од Основниот суд во Битола пак велат дека на закажаното рочиште за објава на пресудата биле присутни од семејството на загината, на кои им било усно соопштена пресудата.
-На закажаното рочиште за објава, на ден 14.05.2025 година во 13 часот на објавувањето не беа присутни странките на постапката, беа присутни само од семејството на оштетената (покојната) и нив им беше усно јавно објавена пресудата,- Татјана Петровска – Претседател основен суд Битола.
Цветковски вели дека како семејство се незадоволни и од висината на казната поради отежнителните околоности и за тоа ќе се жалат до повисокиот суд. Како што кажа, Петковски, кој ја прегазил неговата сопруга, надвор од коловозна лента, избегал од местото и не и понудил помош. Вината како што кажа се обидел да ја преземе неговиот татко, за сепак по 24 часа, Петковски кој е сообраќаен полицаец да оди да се пријави, но било доцна за алко-тест по еден изминат ден.