Реновиран пунктот за вакцинација во Поликлиниката Чаир, магнетната резонанција ќе работи до 23 часот - Канал 5

Реновиран пунктот за вакцинација во Поликлиниката Чаир, магнетната резонанција ќе работи до 23 часот

 Министерот за здравство Венко Филипче и директорот на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје Виктор Исјановски денеска ја посетија Поликлиниката Чаир, каде е реновиран пунктот за вакцинација.

Реновиран пунктот за вакцинација во Поликлиниката Чаир, магнетната резонанција ќе работи до 23 часот

Покрај реновираниот делот за вакцинација, има една просторија која е опремена со играчки, а целосно се реновирани просториите каде се врши апликацијата на вакцините, лекарските ординации и собата каде работат медицинските сестри.

– Ова е почеток на реновирање на сите вакцинални пунктови во рамки на Здравствениот дом во Скопје. Следат поликлиниките во „Јане Сандански", во Бит-пазар и во Ѓорче Петров. Дополнително на реновирањето на овие делови – вакцинални пунктови ќе се реновираат и сите други амбуланти таму каде што е најкритично. Една од најруинираните згради е амбулантата во Ѓорче Петров и направивме наша стратегија и договор од таму да почнеме со целосно реновирање на амбулантата, најави Филипче.

Според него, Здравствениот дом – Скопје врши многу значајна работа во делот на здравствениот систем. Тука се наоѓа и апаратот за магнетна резонанција.

– Новина е тоа што веќе од минатата недела пуштени се термини и за трета смена, наместо до 20 часот, магнетната резонанција ќе работи до 23 часот што значи дека ќе се намали времето на чекање за изведување на магнетна резонација на територијата на Град Скопје. Одлично е искористен и апаратот за компјутеризирана томографија што се наоѓа во поликлиниката „Јане Сандански", овде во Чаир се наоѓа и дигиталниот томограф од каде што доаѓаат за снимање жени по програмата за превенција од територијата на цела држава, рече Филипче.

Министерот за здравство информира дека прават планови за набавка на мали возила кои ќе ја промовираат патронажната служба. Најави дека во следните денови ќе се потпишат договорите на повеќе од 20 доктори кои ќе работат во патронажните сервиси.

– Тоа беа невработени доктори. Со нашиот повик за вработување на доктори и медицински сестри практично сите имаа можност да се пријават на овој оглас. Тоа е програма која за почеток трае шест месеци, меѓутоа работиме на тоа да се обезбедат средства за следната година да биде и на повеќе месеци, рече Филипче.

Министерството за здравство, како што рече, распиша уште една набавка за амбулантни возила.

– Последната анализа покажа дека возилата што ги набавивме за Здравствениот дом – Скопје сега се сосема доволни, може да одговорат на барањата на граѓаните и тие ќе бидат наменети за здравствените домови ширум државата. Продолжуваме со зајакнување на примарната поликлиничка дејност не само во рамки на Здравствениот дом – Скопје, туку и ширум државата со новите вработувања, патронажните сервиси и тоа што ги интересира концесионерите и примарните доктори зголемување на капитацијата која што ќе почне од 1 октомври оваа година, рече Филипче.

Директорот на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје Виктор Исјановски изјави дека е големо побарувањето за магнетната резонанција и затоа се решиле да воведат, како што рече, трета полусмена, со отворање на шест до седум термини.

– За да се направи едно такво снимање потребно е самиот техничар којшто е таму да го подготви пациентот, а тоа трае од 30 до 40 минути. Времето е малку поголемо, но имаме голема побарувачка не само од Скопје, туку и од целата држава. Се надеваме дека и понатаму доколку дозволат условите, ако треба да отвориме и до 00:00 часот да имаме термини за магнетна резонанса, но засега ќе биде до 22:30 часот, рече Исјановски.

Најави дека размислуваат и за компјутерот што е во Поликлиниката „Јане Сандански".- Таму веќе пуштивме доктор затоа што таму имавме мал проблем со препокривање на колегата од Поликлиниката Драчево, но веќе имаме готов специјалист којшто работеше во Итната медицинска помош и тој отиде постојано да биде на тоа работно место, рече Исјановски. Додаде дека оваа поликлиника опфаќа некаде околу четири општини, каде живеат над 130.000 граѓани, но се дозволува и пациенти од другите градови да можат да ја искористат здравствената заштита.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Авион и полициски хеликоптер се судрија во воздух, има загинати (ВИДЕО)

Едно лице загина откако мал авион удри во полициски хеликоптер во Пенсилванија, предизвикувајќи пад на двете летала.

Авион и полициски хеликоптер се судрија во воздух, има загинати (ВИДЕО)

Трагедијата се случила вчера навечер по локално време, при што загина пилотот на авионот, објави Ен-Би-Си.

Несреќата се случила во близина на пистата на мал аеродром, соопштија властите.

„Авионот се спуштал на пистата и се свртил во хеликоптерот што бил блиску до земјата“, изјави потполковник Џорџ Бивенс, вршител на должноста комесар на полициските сили на државата.

Федералната администрација за воздухопловство (FAA) и Националниот одбор за безбедност на сообраќајот (NTSB) го нарекоа судир во воздух, но државната полиција не соопшти дали авионот се одвоил од земјата.

„Кога велам дека станува збор за многу силен пад, авионот бил исечен на многу парчиња“, рече Бивенс, објаснувајќи дека дел од истрагата ќе биде да се осигури дека пилотот бил единственото лице во авионот.

Тој рече дека хеликоптерот ги изгубил лопатките и опашката и се урнал на страна.

Судирот помеѓу хеликоптер „Бел 407“, кој превезувал две лица, и „Цесна 150“ се случил околу 105 милји северозападно од Филаделфија, според Федералната администрација за воздухопловство. Не беше веднаш јасно колку лица биле во авионот.

Двајцата пилоти во хеликоптерот биле заробени сè додека едниот не отворил прозорец и не му помогнал на другиот да излезе од леталото, рече Бивенс. Пилотите, кои се од елитна полициска воздухопловна единица и изведувале обука, се во стабилна состојба.

YouTube video

Гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, изјави дека бил известен за несреќата и дека е на пат кон таму.

„Можеше да биде многу полошо. Вечерва можеше да биде многу потрагично за нашето државно полициско семејство“, рече Шапиро.

Службениците не објавуваат информации за лицето кое загинало во несреќата сè додека не бидат известени најблиските роднини на лицето.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дакота Џонсон е повторно сингл (ВИДЕО)

Според „Пипл“, Дакота Џонсон (36) и музичарот Рол Модел (29) раскинаа. Актерката и пејачка, чие вистинско име е Такер Пилсбери, се разделија „пред некое време“, изјави извор за списанието. 

Дакота Џонсон е повторно сингл (ВИДЕО)

За нивната врска почна да се пишува пред помалку од една година.

Претставниците на Дакота Џонсон и Такер Пилсбери сè уште не одговориле на барањата за коментар.

Тие се заедно од крајот на минатата година

Двојката за прв пат беше видена заедно на вечера во декември 2025 година, а еден месец подоцна повторно беа фотографирани на состанок во Лос Анџелес. „Дефинитивно е нешто посериозно од минлива авантура или флерт“, изјави извор за „Пипл“ во април, додавајќи дека се заедно „од крајот на минатата година“.

Изворот, исто така, рече во тоа време дека на Џонсон „навистина ѝ се допаѓа“ музичарот, но дека по претходната долгорочна врска, таа сака да се опушти. Пред Пилсбери, Џонсон беше во врска со фронтменот на „Колдплеј“, Крис Мартин. Нивната врска, за време на која тие раскинаа и се смирија неколку пати, траеше од октомври 2017 до јуни 2025 година, а наводно беа верени неколку години.

Неодамна, тие соработуваа и музички

Џонсон и Пилсбери никогаш јавно не зборуваа за нивната врска, но извор во април тврдеше дека се „целосно синхронизирани“ и дека „сè е лесно“ меѓу нив.

Тие неодамна соработуваа на новиот албум на Пилсбери, Chuck Timely & the Hourglass. Џонсон се појавува во говорниот дел од Love I You, разменувајќи флертувачки реплики со Пилсбери. Нејзиниот дел дојде спонтано откако таа застана во студиото додека тој ја снимаше песната.

YouTube video

И двајцата имаат познати врски зад себе

Пред Пилсбери, Џонсон беше во врска со инфлуенсерката Ема Чемберлен од 2020 до 2023 година. Пред нејзината врска со Крис Мартин (49), Џонсон беше поврзана со Ноа Герш, Џордан Мастерсон и Метју Хит.

Нови проекти од Дакота Џонсон

Џонсон наскоро ќе се врати на големото платно во „Верити“, во кој глуми заедно со Ен Хатавеј и Џош Хартнет. Тој моментално работи и на „Три инцестуозни сестри“, во кој глумат Саоирс Ронан, Џеси Бакли и Џош О'Конор.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Божиновска: Дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста се клучни за сигурен и отпорен енергетски систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и преставници на ИТ секторот од министерството денеска присуствуваа на семинар.

Божиновска: Дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста се клучни за сигурен и отпорен енергетски систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и преставници на ИТ секторот од министерството денеска присуствуваа на семинарот „Дигитализација на јавната администрација – размена на искуства, добри практики и можности за соработка со Чешката Република“, што се одржа во Свечената сала на Владата во организација на Министерство за дигитална трансформација.

На семинарот, на кој беа разменети искуства меѓу македонските и чешките институции, беше истакнато значењето на дигиталната трансформација за создавање поуспешна, поефикасна и побезбедна јавна администрација, како и за унапредување на јавните услуги за граѓаните и бизнис-секторот.

За Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, дигитализацијата има особено значење бидејќи современиот енергетски систем сè повеќе се потпира на дигитални технологии, автоматизирани системи, паметна инфраструктура и податоци во реално време.

„Енергетската безбедност денес не значи само сигурно производство и стабилно снабдување со енергија. Таа значи и сигурни дигитални системи. Колку повеќе ги дигитализираме енергетските мрежи и инфраструктурата, толку поважно станува нивното обезбедување од сајбер-закани. Затоа сајбер-безбедноста мора да биде интегрален дел од модернизацијата на енергетскиот сектор“, истакна министерката Божиновска.

Во услови на забрзана енергетска транзиција, дигитализацијата овозможува подобро управување со енергетските системи, поефикасно следење на потрошувачката, оптимизација на производството и навремено реагирање при потенцијални нарушувања.

Истовремено, зголемената дигитална поврзаност носи и нови ризици, поради што заштитата на критичната енергетска инфраструктура, безбедноста на информациските системи и отпорноста на енергетските мрежи на сајбер-напади стануваат составен дел од националната енергетска безбедност.

Во тој контекст, на семинарот беше отворена и темата за можностите за понатамошна соработка меѓу Македонија и Чешката Република во областа на сајбер-безбедноста, размената на знаења и добри практики, како и јакнењето на институционалните капацитети.

Чешката Република има значајно искуство во дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста, што претставува дополнителна можност за размена на искуства со македонските институции и за унапредување на националната отпорност на критичната инфраструктура.

Министерката Божиновска истакна дека Министерството продолжува да работи на дигитализација на процесите, модернизација на системите и зајакнување на сајбер-безбедноста, со цел енергетскиот сектор да биде подготвен за новите технолошки предизвици и ризици.

Семинарот, на кој свои обраќања имаа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Чешката Република Петр Мацинка, претставуваше платформа за размена на искуства и отворање нови можности за институционална соработка меѓу двете земји.

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер