Повеќе од 2.000 граѓани – академици, просветни работници, здравствени работници, средношколци, студенти, универзитетски професори, поети, министри, дипломати, музичари, актери, бизнисмени, новинари ја потпишаа Декларацијата за мир во светот и против сите војни и употреба на нуклеарно оружје.
Декларација ја подготвија членовите на Цветиновиот комитет за мир, како иницијатива на македонскиот уметник и мироносец Живко Поповски – Цветин, претставена на 6 август годинава.
-Со оваа Декларација настојуваме да му дадеме глас на мирот, на просперитетот, на иднината. Затоа, на документот се потпишуваат многу граѓани од разни професии, а меѓу нив се и Жан Пјер Симеоне, годинешен добитник на Златен венец на Струшките вечери на поезијата и поетесата Хилда Миклебуст од Норвешка. Навистина сум среќен што Декларацијата добива широка поддршка од граѓаните и се надевам и посакувам да биде прифатена од носителите на одлуки во светот, вели Живко Поповски – Цветин, стои во соопштението од Цветиновиот комитет за мир.
Декларацијата против сите војни и против нуклеарното оружје е подготвена по повод одбележувањена 79-годишнината од употребата на нуклеарното оружје во јапонските градови Хирошима и Нагасаки во Втората светска војна и во неа се бара завојуваните држави да прекинат со војните, да постигнат мир преку преговори, државите да не употребуваат нуклеарно оружје, да ги уништат сите боеви нуклеарни глави и да нефинансираат развој на нуклеарна програма за воени цели, а научниците да не учествуваат во програмите со разорна моќ.