Рекорден број новозаразени во САД,најпогодени некои од клучните држави за изборите

Во Соединетите држави, вчера имало рекорден број на нови инфекции со коронавирус, 91.000, а во десетици држави инфекцијата достигна рекорден број само неколку дена пред претседателските избори на 3 ноември.

Истиот ден, објави Би-Би-Си, повеќе од 1.000 Американци починале од коронавирус, а трендот на жртви и хоспитализирани пациенти продолжува да расте.

Во Соединетите држави, над девет милиони луѓе се заразени со ковид-19, покажуваат податоците на Универзитетот Џон Хопкинс. Во исто време, се ближи вторник, денот на претседателските избори на кои Американците ќе треба да одлучат меѓу актуелниот републикански претседател Доналд Трамп и демократскиот противник Џо Бајден.

Според Ројтерс, ова е трет пат овој месец дневниот биланс на жртви да надмине 1.000.

Дваесет и една држава се соочува со ширење на пандемијата, а некои од најпогодените држави ќе бидат клучни во донесувањето изборна доминација.

Во една од нив, Висконсин, болниците во Грин Беј предупредија дека предизборен митинг организиран од Трамп во петокот, може да го влоши ширењето на пандемијата.

„Сега е поважно од кога и да е да се избегне собирање во толпа, особено тука во Грин Беј, каде гледаме едно од најбрзите ширења на ковид-19 во Соединетите Држави“, се вели во заедничката изјава од неколку болници.

Вчера во пресрет на закажаните предизборни митинзи, Трамп твитна во негов стил: „Колку повеќе тестови, толку повеќе случаи. Ние сме најдобри во тестирањата. Има сè помалку смртни случаи“

На неговите последни предизборни митинзи на собраните им била измерена температурата и се дистрибуирани маски. Собири се одржуваат на отворено поради пандемијата. Но, немало почитување на мерките за социјално растојание и некои од поддржувачите продолжуваат да избегнуваат маски.

Демократскиот кандидат Бајден исто така ја продолжи кампањата, но митинзите на демократите се одржуваа со почитување на дистанца, повикувајќи ги луѓето да останат, на пример, во своите автомобили за време на митинзите.

Според Центрите за контрола на болести (ЦДЦ), на 29 ноември биле регистрирани 1.060 смртни случаи поврзани со ковид - 19. Вкупно 228 000 луѓе починаа во САД во пандемијата.

Американски здравствени експерти предупредуваат дека бројот на случаи на инфекција и бројот на смртни случаи ќе продолжат да растат затоа што сезоната на грип се совпаѓа со ширењето на пандемијата.

Специјалистот за инфективни болести и член на тимот на Белата куќа за коронавирус, др. Антони Фаучи за CNBC во средата изјави дека нацијата „оди во погрешна насока“.

„Ако работите не се променат, ако продолжиме во оваа насока, сè уште ќе има голема болка во оваа земја поврзана со нови случаи, хоспитализации и смртни случаи.”

Приведени двајца дилери на дрога, пронајдени над три килограми марихуана

 Двајца прилепчани се приведени синоќа бидејќи во возилото „пежо“ со кое се превезувале биле пронајдени торба со над три килограми марихуана и автоматска пушка со празна рамка. 

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека двајцата дилери се приведени на регионалниот пат Дебар-Струга околу 21:30 часот. Автомобилот марка „пежо“ со скопски таблички било на рент а кар компанија. Возилото го управувал 34-годишниот Б.С., а сопатник бил 36-годишниот Д.Н.

Лицата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Галант: Израел нема избор, мора да почне офанзива во Рафа

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант синоќа му кажал на својот американски колега, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин дека Израел нема друг избор освен да почне офанзива во градот Рафа на југот на Појасот Газа.

Галант во телефонски разговор го информирал Остин за вчерашниот смртоносен ракетен истрел од Рафа на позициите на израелската армија, соопшти неговиот кабинет.

Тој изјавил дека се прават сите напори од страна на државата Израел да се постигне договор за ослободување на заложниците и привремен прекин на огнот и оти Хамас го отфрла секој предлог што ќе го овозможи тоа.

Галант му рекол на Остин дека „нема избор“ и дека тоа значи „почеток на израелска операција во Рафа“.

Притоа, тој се заблагодарил за блиската соработка и истакнал дека САД имаат важна улога во унапредувањето на дијалогот за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас, пренесоа израелските медиуми.

Демократскиот сојуз:Да гласаме за Македонија

Демократскиот сојуз ги повикува сите граѓани, без разлика на етничка, верска или политичка припадност, да излезат на гласање, да гласаат  за стабилна, силна и унитарна Македонија.

Партиите кои се на власт, кои ги разградија институциите, ја криминализираа државата, ги загрозија националните и државните интереси, ги доведоа граѓаните во очај и предизвикаа масовно иселување, треба да одат во опозиција и да одговараат за грабежот и загрозувањето на опстанокот на државата.

Во овие сложени состојби кога се одлучува за иднината на Македонија, Ве повикуваме на масовно гласање за промени, за Гордана Силјановска Давкова (2) и за кандидатите за пратеници на Коалицијата ТВОЈА МАКЕДОНИЈА, предводена од ВМРО-ДПМНЕ (Број 2).

Бојкотот е антимакедонски чин и затоа повикуваме на разумно и одговорно однесување и гласање.

притисни ентер