Рекорд: Тинејџер од Германија останал без возачка дозвола по само 49 минути

Неверојатно, но вистинито. 18-годишник од германската покраина Северна Рајна Вестфалија останал без возачка дозвола само 49 минути откако ја добил.

Локалните медиуми јавуваат дека тој успешно го положил возачкиот испит во Хемер, но набрзо бил запрен како возач почетник од сообраќајната полиција.

Тинејџерот управувал возило во кое се наоѓале четворица негови пријатели, а бил запрен при контрола на брзината. Властите велат дека тој возел 95 км/ч наместо дозволените 50 км/ч, пишува Шпигел.

Според окружниот полициски оддел, младиот возач добил голема парична казна, забрана за возење, продолжување на пробниот период и скапа преквалификација.

Како тоа да не е доволно, прес-службата на полицијата објави: „Некои работи траат вечно, а некои не траат ниту еден час“.

Симулациска вежба на македонската и грчката полиција за прекугранична контролирана испорака

Јанев денеска во Дојран присуствувал на средба по повод вчера одржаната симулациска вежба за прекугранична контролирана испорака.

Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи Александар Јанев денеска во Дојран присуствувал на средба по повод вчера одржаната симулациска вежба за прекугранична контролирана испорака, што во организација на мисијата на ОБСЕ во нашата земја била реализирана од страна на македонските и на грчките полициски служби.

Симулациската вежба, во која од македонска страна учествувале полициски службеници од повеќе организациони единици при Министерството за внатрешни работи, примарно била насочена кон надградба на оперативните механизми и протоколи за операции во рамки на граничната соработка, како и детектирање на областите за подобрување на интероперабилноста, споделувањето разузнавачки информации и друго.

Од МВР денеска соопштија дека директорот на БЈБ Јанев го поздравил одржувањето на вежбата, констатирајќи дека меѓуграничната соработка на полициските служби на двете држави е важна како за натамошно подобрување на билатералната соработка, така и во поглед на градењето на заеднички европски систем во сферата на интегрираното гранично управување.

Влезниците за дуелот со Велс во мундијалските квалификации од 300 до 900 денари

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница ја одреди цената на влезниците за мартовскиот дуел во Скопје против Велс во рамки на 2 коло во групата Ј во квалификациите за пласман на Светското првенство 2030.

Билетите за Источната и Западната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ за првиот домашен натпревар на македонската репрезентација од мундијалските квалификации изнесува 300 денари, а 400 денари ќе чинат влезниците за Јужната и Северната трибина. Цената на ВИП влезниците изнесува 900 денари.

Македонија ќе ги стартува мундијалските квалификации на гостински терен против Лихтенштајн на 22 март, пред дуелот против Велс три денови подоцна во Скопје.

Средба на министерката Божиновска со претставници на ММФ

Средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ)

Тековните економски состојби и идните проекции во енергетскиот сектор на земјава беа тема на дискусија на денешната средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводени од шефицата на мисијата, Анет Кјобе.

На средбата, како што информираат од Кабинетот на Божиновска, министерката ја истакна важноста на соработката со меѓународните финансиски институции во процесот на енергетска транзиција и ги истакна напорите на Министерството во спроведувањето на реформите насочени кон одржлив развој на енергетиката, зголемување на енергетската ефикасност и промоција на обновливите извори на енергија, како што е Ветерниот парк Богданци, кој обезбедува значителен дел од зелената енергија во земјата, се пример за успешна имплементација на обновливи извори. Таа нагласи дека овие активности се клучни за економскиот раст и стабилност на земјата.

Шефот на мисијата на ММФ, Анет Кјобе, ја пофали посветеноста на Министерството во спроведувањето на енергетските реформи и изрази поддршка за понатамошните активности. Таа истакна дека ММФ ќе продолжи да ја поддржува земјава во нејзините напори за постигнување одржлив економски развој.

Двете страни се согласија дека зајакнувањето на билатералната соработка и координацијата меѓу институциите е клучно за успешно справување со енергетските предизвици и постигнување на стратешките цели во оваа област.

притисни ентер