Речиси 75 милиони евра конфискувани на раководството на Јувентус - Канал 5

Речиси 75 милиони евра конфискувани на раководството на Јувентус

Судот во Торино одлучи да одземе речиси 75 милиони евра од сопственикот на Јувентус, Џон Елкан.

Речиси 75 милиони евра конфискувани на раководството на Јувентус

Станува збор за финансиски средства, движен и недвижен имот. Братот на Елкан, Лапо, неговата сестра Гинерва и претседателот на клубот Џанлука Фереро исто така се под истрага за „даночна измама“ и „измама на штета на државата“.

Семејството Елкан, наводно, го наследило имотот по смртта во 2019 година на нивната баба Марела Карачиоло, сопруга на поранешниот шеф на Фиат и поранешен сопственик на Јуве, Џани Ањели.

Според адвокатите на Елкан, конфискацијата на имотот е стандардна постапка што не значи дека обвинетите се виновни.

-Потенцираме дека Марела Карачоло е жител на Швајцарија од раните 70-ти години, многу пред да се родат браќата Елкан. Нејзината желба да живее во Швајцарија беше непроменета“, се вели во соопштението на адвокатите, кои се „убедени дека можат да ја докажат невиноста на своите клиенти“.

Јувентус по четири кола сезонава во Серија А има две победи и два нерешени натпревара.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кристијан Ериксен како „феникс“ повторно се враќа на зелиниот терен

Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен направи уште еден чекор во процесот на закрепнување, откако за првпат по здравствените проблеми што ги доживеа во јуни, се појави на теренот на својот клуб, Волфсбург.

Кристијан Ериксен како „феникс“ повторно се враќа на зелиниот терен

Искусниот дански фудбалер кој долги години има срцеви проблеми присуствуваше на пријателски натпревар против холандскиот тим „Телстар“, кој го следеше покрај теренот, а од германскиот клуб соопштија дека неговата посета првично била планирана за порано, но била одложена поради организациски причини.

По краткиот престој во Германија, Ериксен се врати во Данска, каде што ја продолжува индивидуалната програма за рехабилитација. Ериксен инаку, во јуни доживеа здравствен инцидент за време на пријателскиот натпревар против Украина, што ги оживеа сеќавањата на драматичниот срцев застој што го претрпе на Европското првенство во 2021 година.

Многумина неговото појавување меѓу соиграчите го гледаат како позитивен знак дека 34-годишниот фудбалер не се откажал од враќање на теренот.

„Убаво е да се вратам, макар и накратко, меѓу тимот, повторно да видам познати лица и да запознаам нови луѓе. Разговорот со играчите и луѓето од клубот ми значеше многу. Исто така, многу ме израдуваа топлите зборови и поддршката од навивачите. Им посакувам на момците успешен почеток на сезоната“, изјави Ериксен.

Сепак, сè уште не се знае кога данскиот играч за врска би можел повторно да заигра. Неговото закрепнување ќе продолжи под постојан надзор на медицинскиот тим, додека Волфсбург влегува во новата сезона во Втората Бундеслига, откако испадна од елитниот ранг на германскиот фудбал.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тошковски на Илинден од Пелинце: Да ја чуваме слободата, да ја јакнеме државата и да ги негуваме вредностите

Да ја чуваме слободата, да ја јакнеме државата и да ги негуваме вредностите што ни ги оставија илинденците и асномците.

Тошковски на Илинден од Пелинце: Да ја чуваме слободата, да ја јакнеме државата и да ги негуваме вредностите

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска, како дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, присуствуваше на одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката, при што во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце беше положено свежо цвеќе во чест на илинденците и асномците, кои со својата борба ги поставија темелите на македонската државност.

По оддавањето почит во Пелинце, владината делегација, заедно со висока делегација на Република Србија, го посети манастирот „Св. Прохор Пчињски“, каде положи свежо цвеќе во спомен-капелата, оддавајќи почит на историското значење на ова место за современата македонска држава.

Министерот Тошковски истакна дека Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ претставуваат два столба на македонската државност и симболи на вековната борба за слобода, правда и национално достоинство.

„Денес оддаваме почит на луѓето кои со својата храброст и саможртва ни ја оставија најголемата обврска – да ја чуваме и развиваме државата што ја создадоа. Наш долг е да го продолжиме нивното дело, да ги чуваме слободата, единството и институциите и да изградиме сигурна, стабилна и просперитетна Македонија за идните генерации“, истакна министерот Тошковски.

Тој нагласи дека историските идеали на Илинден и АСНОМ и денес претставуваат силна инспирација за градење демократска, безбедна и достоинствена држава, во која владеењето на правото, единството и грижата за граѓаните остануваат врвни вредности.

По повод Денот на Републиката, министерот Тошковски упати честитка до сите граѓани, посакувајќи празникот да биде потсетник на заедништвото, истрајноста и одговорноста кон татковината.

Нека е честит и вековит 2 Август – Илинден, Денот на Републиката!

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Андоновски од Смилево: Илинден е меѓник според кој се мери како се однесуваме како народ кога времињата стануваат тешки

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска ја предводеше владината делегација на одбележувањето на 2 Август – Илинден во Смилево, Демир Хисар.

Андоновски од Смилево: Илинден е меѓник според кој се мери како се однесуваме како народ кога времињата стануваат тешки

Во состав на владината делегација беа заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, и заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јакимоски. Делегацијата положи свежо цвеќе пред спомен-обележјата на повеќе локации во Смилево, оддавајќи им почит на илинденците и на сите генерации што се бореле за слободна, независна и достоинствена Македонија.

Во своето обраќање, Андоновски истакна дека Илинден не е само датум што му припаѓа на минатото, туку вредносен систем и трајна обврска за секоја македонска генерација.

„Постојат датуми што ги паметиме и постојат датуми што нè обликуваат како народ. Илинден е токму таков ден. Не затоа што му припаѓа само на минатото, туку затоа што секоја генерација повторно го открива неговото значење. Илинден е вредносен систем: непокор, слобода и иднина“, порача Андоновски.

Тој нагласи дека не е случајно што токму во Смилево секоја година повторно се навраќаме на Илинден, бидејќи овде историјата не е запишана само во книгите, туку е вградена во местото, во луѓето и во споменот што се пренесува од поколение на поколение.

„Историјата не ја создаваат само победите. Ја создаваат и луѓето кои имале храброст да станат кога било најтешко. Илинденското востание не успеа да ја донесе слободата веднаш. Но успеа да направи нешто многу поголемо – да создаде народ кој никогаш повеќе немаше да се помири со неслободата“, истакна министерот.

Осврнувајќи се на историскиот континуитет на македонската борба, Андоновски посочи дека по илинденците дошле нови генерации, потоа АСНОМ и независна Македонија, при што секоја од нив ги носела истата надеж и истиот пламен – Македонија да биде слободна, посилна и подостоинствена отколку што ја затекнала.

„Затоа Илинден не е само спомен. Тој е меѓник според кој се мери како се однесуваме кога времињата стануваат тешки. И токму затоа денес сме овде. Со почит да се потсетиме на 1903 година и, уште поважно, длабоко да им се поклониме на луѓето што покажаа што значи непокор.

Илинденците не ни оставија слободна држава, но ни оставија насока до неа. Не ни оставија готова иднина. Ни оставија обврска да ја создадеме. Тоа е суштинската разлика. Историјата не е нешто што се наследува, туку нешто што секоја генерација повторно го заслужува“, порача Андоновски.

Според него, предизвиците на денешната генерација се поинакви. Тие не се водат по планините, туку во училниците, лабораториите, институциите и компаниите, како и во секој обид да се изгради држава во која младите ќе сакаат да останат, довербата ќе се заслужува, а трудот ќе вреди повеќе од привилегијата.

„Денес, овде во Смилево, не се поклонува само една генерација пред друга. Една генерација презема обврска пред следната, да ја зачува Македонија, да ја развива и да ја направи посилна отколку што ја наследила. Тоа е најголемата почит што можеме да им ја оддадеме на илинденците. Не само да ги паметиме, туку да бидеме достојни за нив“, порача Андоновски.

На крајот од своето обраќање, министерот истакна дека мотото на годинешното чествување не претставува само порака за минатото, туку и обврска на сегашноста.

„Непокор – да не се откажуваме. Слобода – да ја чуваме. Иднина – да ја изградиме. Нека е вечен Илинден. Нека ни е вечен непокорот. Нека ни е вечна слободата. И нека ни биде достојна иднината што заедно ќе ја изградиме. Нека е вечна Македонија“, заклучи Андоновски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер