Разрешена ОИК на Дебар, нов претседател на комисијата Рилинд Хаса

Државната изборна комисија ја разреши Општинската изборна комисија за Дебар, поточно нејзниот прв ешалон, додека остануваат и понатаму заменик-претседателот и замениците на членовите на комисијата.

На месото на Маџите Атипи, нов претседател на ОИК-Дебар е Рилинд Хаса, а потпретседател на комисијата и понатаму е Јованка Јосифовска.

-Ги презедовме обврските и продолжуваме со активностите околу спроведувањето на гласањето во недела на избирачо место 0543, каде изборите се повторуваат и за градоначалник и за членови на Советот на општина Дебар, изјави Хаса за МИА.

Како што е познато Управниот суд ја прифати тужбата на коалцијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, а ДИК врз основа на овие тужби донесе решение за повторување на гласањето, со оглед дека вкупниот број на запишани избирачи на ова избирачко место влијае врз вкупните резултати во оваа општина.

На избирачко место 0543 во единствениот избирачки список запишани се 777 лица со право на глас. Во првиот круг ова право го оставариле 484 од кои 16 ливчиња биле неважечки.

Во првиот круг кандидатот на ДУИ и актуелен градоначалник Хекуран Дука, на ова избирачко место освоил 195 гласови или 40,29 отсто од запишаните, Беким Поцеста од Алијанса за Албанците-Алтернатива 271 или 55,99 отсто, и Петрит Клења, кандидат за градоначлник од ДПА, два гласа или 0,41 отсто.

Во оваа општина има 27 избрачки места, во единствениот избирачки список се запишани 19.211лица. Во првиот круг правото на глас го искористиле 8.046 лица или 41,88 отсто. Најмногу гласови доби Поцеста 3.998 или 49,69 отсто, Дука 3.713 или 46,15 и Клења 47 или 0,46 отсто. /МИА

Во Велика Британија се тестира персонализирана mRNA вакцина против меланом

Во Велика Британија се тестира персонализирана mRNA вакцина против меланом, која може да спречи и рак на белите дробови, мочниот меур и бубрезите.

Првата персонализирана mRNK вакцина против меланом, која може да спречи и рак на белите дробови, мочниот меур и бубрезите, се тестира врз пациенти во Велика Британија.

Таа вакцина функционира така што го поттикнува телото да ги бара и уништува клетките на ракот за да спречи враќање на смртоносната болест, а може да се прилагоди на секој човек за само неколку недели, пишува „Индипендент“.

Според весникот, втората фаза од испитувањето на вакцината, во чие производство учествувале фармацевтските гиганти „Модерна“ и „МСД“, покажала значително намалување на ризикот од повторување на ракот кај пациентите со меланом.

Сега е покрената финалната фаза на трите испитувања, кои ги предводи Универзитетската колеџ болница во Лондон (UCLH).

Д-р Хедер Шо, координатор на испитувањето, рече дека вакцината има потенцијал да излечи луѓе со меланом и дека се тестира за други видови на рак.

Новата вакцина има за цел да го поттикне имунолошкиот систем да се бори со специфичен тип на рак.

МАСИТ: Компаниите од ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита

Компаниите од ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на интелектуалните права.

Поради брзото напредување на технологијата и глобализацијата, заштитата на правата од индустриска сопственост станува сè повеќе предизвикувачка. Затоа, компаниите во ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на своите интелектуални права, вклучувајќи ги патентите, заштитните знаци, авторските права и други форми на заштита, порачува Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) по повод 26 април, Светскиот ден на заштита на правата од индустриска сопственост.

МАСИТ потсетува дека индустриската сопственост вклучува различни аспекти како патенти, заштитни знаци, авторски права и заштита на индустриски дизајни. Овие права, нагласува, им овозможуваат на иноваторите и креаторите да заштитат своите идеи, иновации и креативни дела од нелегална употреба и присвојување.

Според Комората, заштитата на интелектуалните права им нуди на компаниите многу предности, вклучувајќи конкурентска предност, вредност на брендот, можност за заработка, поттикнување на иновации и сигурност на инвестициите. На овој начин, не само што директно се заштитуваат компаниите, туку и се поддржуваат иновацијата и креативноста во ИКТ секторот, што придонесува за позитивни ефекти врз целиот еко-систем.

-Светскиот ден на првата од индустриска сопственост на глобално ниво се одбележува секоја година на 26 април. Македонските ИКТ компаниите јасно ја гледаат користа и големото значење токму во овој сектор, каде иновацијата и креативноста се клуч за успехот. Со поддршка од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ, активно ги спроведуваме проектните активности во рамки на проектот за „Подигнување на свеста за потребата од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората“. Во рамки на проектот, компаниите имаа прилика да се запознаат со суштинското значење и придобивките од спроведување на заштита на индустриската сопственост, при што краен исход е новата услуга во Комората кон компаниите членки на МАСИТ за постојана правна помош за заштита на интелектуалната и индустриската сопственост, информира Комората.

Со цел соодветна едукација на своите членови, на ова претходеле неколку едукативни работилници со македонски и регионални експерти во областа.

-Оваа иницијатива им овозможи на компаниите да се запознаат со значењето и придобивките од заштита на правата од индустриска сопственост, при што беа презентирани успешни искуства и добри практики. Во рамки на проектот, пет компании веќе поминаа низ процесот со поддршка на МАСИТ и Швајцарската Програма ИМЕ. На една од едукативните работилници присуствуваа и претставници на Formula Student Macedonia - македонските студенти кои конструираат F1 болид за меѓународниот натпревар на конструктори, со цел соодветно да се информираат, истакнува МАСИТ.

Запленета голема количина фалсификувани производи во Нови Сад и Белград

Запленета голема количина фалсификувани производи во Нови Сад и Белград, меѓу кои има бисквити, детергенти и шампони.

Пазарните инспектори на српското Министерство за трговија открија нелегално производство на фалсификувани хемикалии за домаќинство, детергенти и шампони од марката „Проктер&Гембл“, како и фалсификувани бисквити Плазма.

„Ова е откриено во акцијата за сузбивање на продажбата на фалсификувани производи на српскиот пазар“, изјави денеска министерот за трговија Томислав Момировиќ.

Тој рече дека на овој начин е спречена употребата на фалсификувани производи и избегната е потенцијална опасност по здравјето на граѓаните.

Момировиќ истакна дека во акција со припадници на Министерството за внатрешни работи и Основното обвинителство од Нови Сад, извршен е инспекциски надзор на повеќе локации во Нови Сад и Белград и запленета е поголема количина фалсификувани производи.

„Меѓу тие производи се 2.021 кондиторски производи, 205 хемиски производи за домаќинството, вклучувајќи детергенти за садови, детергенти за перење и средства за лична хигиена, над 11.000 пакувања за кондиторски производи и хемикалии за домаќинство, 26 буриња од по 120 литри суровини за правење течен детергент за садови и алишта, огромен број на декларации, налепници и бар кодови подготвени за лепење на амбалажата и пуштање во оптек“, рече Момировиќ.

притисни ентер