Наместо ракометен празник, преседан каков не памети спортот. Ова се реакциите по вчерашниот скандалозен потег на управата на грчки АЕК, чии ракометари не излегоа на теренот за возвратниот дуел со Алкалоид од финалето на европскиот куп на ЕХФ. Јавноста конечната одлука на ЕХФ, според најавите, ќе ја чека до вторник или среда, а дотогаш може само да се претпоставува каков епилог би добил случајот, кој според правилата на европската ракометна федерација е јасен и требаше да резултира со службена победа на Алкалоид и подигање на победничкиот пехар синоќа во Борис Трајковски.
„Долги години сум во спортот и навистина ова е еден голем преседан што се случи за обичен натпревар а не за европско финале. Европската федерација треба да преземе ригорозни мерки и да го сакционира ова на најдобар можен начин за повече вакви работи да не се случуваат и да не се мешаат работите што немаат врска со спортот, односно да расипуваат едно големо славење за Македонија и македонскиот спорт. “
Сепак, ЕХФ си остави време за финална одлука, а во според многумина скандалозно соопштение наведе дека официјалното соопштение „натпреварот не се одиграл поради безбедносни причини и дека дополнителни информации за понатамошните процедури ќе бидат соопштени навремено“
Грчки АЕК синоќа не излезе на теренот, под притисок на нивните навивачи, а со образложение дека на сите дојдени во Скопје не им било дозволено да го следат натпреварот, а на дел наводно не им било дозволено да влезат во земјава. На грчките навивачи од македонска страна официјално им биле доделени 200 билети, но и покрај тоа, во Македонија пристигнале повеќе, по од безбедносни причини не им било дозволено да влезат во салата.. Информациите говорат и дека дел од грчките ракометари негодувале на одлуката на својата управа и биле подготвени да го одиграат мечот.
„Правилото важи дека гостите добиваат десет проценти од капацитетот на салата, што во превод значи околу 650 билети. Нашиот клуб и МВР донесоа одлука дека тоа не е возможно и бројот на влезници за гостинските навивачи беше ограничен на 200. Тука се кршеа копјата.. Инаку, желбата кај ракометарите на АЕК да играат беше голема, видов и солзи во очите кај некои, меѓутоа не можеа против одлуката на управата.“
Постапката на гостите од Атина и веројатно не е изненадување за познавачите на ракометот, со оглед на фактот дека АЕК неодамна се повлече и од дуелот со српски Партизан во четвртфиналето. Грциете тогаш образложија дека не се чувствуваат безбедно поради предмети кои долетале на теренот од српските навивачи, па ЕХФ одлучи во нивна корист – и возвратниот меч се одигра на неутрален терен, а АЕК се провлече во полуфиналето.
За последниов случај преку социјалните мрежи се огласија и навивачите на АЕК, кои неодигрувањето на мечот го оценија како голем момент во историјата на клубот.. Вечерва момците од ракометната секција се одрекоа од нешто важно како што е можноста да се освои европски трофеј за да ги поддржат навивачите на АЕК. За нас веќе сте победници!. стои во дел од соопштението на навивачката група на атинскиот клуб.
Во меѓувреме од Управата на Алкалоид соопштија дека сите купени билети ќе бидат рефундирани во рок од 15 дена, заблагодарувајки се на навивачите за подршката и трпението.