Ракометарот Стојанче Стоилов позитивен на Ковид 19

Во таборот на ракометниот клуб Вардар се појави првиот позитивен случај на Ковид-19.

Станува збор за капитенот Стојанче Стоилов. Тој по вчерашниот тренинг се пожалил на омалаксаност, а откако ситуацијата не се подобрила, веднаш направил тест, и истиот покажал дека е позитивен.

Светски ден посветен на Алцхајмерова болест

По повод одбележувањето на 21 септември – Светски ден посветен на Алцхајмеровата болест, информираме дека во изминатите три години во нашата земја е постигнат значителен напредок во дијагностицирањето на деменциите.​ ​

За таа цел, дизајниран е посебен протокол, кој опфаќа проширени невропсихолошки тестови, лабораториски анализи за исклучување реверзибилни деменции, imaging-методи и најважно, одредување биомаркери за Алцхајмеровата болест.​

Протоколот е дизајниран со тимска работа и мултипрофесионална експертиза од повеќе релевантни институции, меѓу кои: Универзитетската клиника за неврологија, Клиниката за психијатрија, генетската лабораторија при МАНУ, како и Институтот за нуклеарна медицина каде со помош на методата мозочен SPECT се диференцираат типичните и атипичните форми на Алцхајмерова болест и Фронто-темпорална деменција, а од овој месец и Институтот за имунологија и хумана генетика каде се одредуваат биомаркерите за Алцхајмерова болест во цереброспинален ликвор.​ ​

Со оваа дијагностичка метода се овозможува прецизна и рана дијагноза на Алцхајмеровата болест, која е неопходна за точна дијагноза кај сите лица кај кои постои сомнеж за ран почеток, на возраст под 65 години.​

Токму точната и навремена дијагноза на Алцхајмеровата болест е неопходна во раниот стадиум на болеста, со цел почнување со соодветен третман и донесување одлуки за натамошна грижа.​ ​

Во Република Македонија, во моментов живеат околу 20.000 лица со Алцхајмерова деменција, а вкупниот број лица со деменции од сите типови достигнува и до 40.000.​

Во светот има околу 50 милиони лица со оваа болест, а до 2050 година се очекува овој број да се зголеми тројно и да достигне до 152 милиони.​

Алцхајмеровата болест се нарекува и епидемија на 21 век, имајќи предвид дека е најчестиот вид деменција.​ ​

За таа цел, во континуитет работиме на кревање на свесноста за оваа болест, со цел поставување дијагноза во ран стадиум, како и овозможување социјална поддршка и реинтеграција на болните и нивните семејства во општеството.

Министерство за здравство

Предлог-законите за изменување и дополнување на законите за основно и средно образование пред пратениците

Собранието денеска ќе расправа за предлог-законите за изменување и дополнување на законите за основно и средно образование, по скратена постапка.

Во образложението на законите за основно и за средно образование, министерката за образование и наука Мила Царовска минатата недела рече дека измените не се од голем обем и сложеност и додаде оти овие законски измени се потребни за безбедно и непречено одвивање на воспитно- образовниот процес во текот на училишната година.

Во услови на вонредни околности учебната година да може да започне и да заврши во различно време за што треба да одлучи Владата, предвидуваат измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка. Како вонредни околности, во законите, се наведуваат прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди. Одлуката на Владата може да се однесува на целата територија на републиката или на нејзин дел.

-Се додава и нов став 5, кој уредува дека во услови на вонредни околности бројот на наставните денови во учебната година може да биде помал од 180, но не помалку од 100 наставни денови, зашто одлучува Владата. Ставот 6 станува став 9 и се регулира дека воспитно – образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен во случај на настапување на вонредни околности (прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), зашто одлучува Владата која го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни денови, според скратени наставни програми, кои на предлог на Бирото, ги утврдува министерот, се наведува, меѓу дургото, во образложението на измените на Законот за основно образование.

Исто така се предвидува во услови на вонредни околности училиштата да организираат воннаставни активности за учениците поврзани со нивниот личен, социо-емоционален и психолошки развој. За учеството во овие воннаставни активности во вонредни околности се предвидува наставникот да води само евиденција за присуство на учениците, и не се издава додаток на сведителство.

Во основното училиште во услови на вонредни околности, кога наставата е организирана преку далечинско учење, може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите и условите согласно здравствените протоколи за соодветниот вид на училиште донесени од Владата согласно закон, епидемиолошката состојба на подрачјето на општината на која се наоѓа училиштето, бројот на учениците во паралелката и просторните и хигиенско санитарните услови во училиштето, на начин согласно членот 50 од овој закон.

Во средните училишта ќе може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.

Во вакви околности, како што се предвидува, за времетраењето на часот и за максималната бројка на ученици во паралелките во основното и во средното образование ќе одлучува исто така Владата.

Комисијата за заразни болести денеска одлучува за дневниот престој во училиштата

Комисијата за заразни болести утринава ќе се состане за да ја разгледа можноста за воведување дневен престој во училиштата, а одлуката ќе зависи од епидемиолошката слика.

Последната информација со која располага Комисијата е дека нема да има целодневен престој.

Одлуката, како што соопшти вчера директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски, кој присустуваше на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за раст кај децата, зависи од епидемиолошката слика, од сите случувања во однос на самата болест и од условите и критериумите, кои треба да се исполнат за воведување целодневен престој.

Министерот за здравство Венко Филипче завчера изјави дека е направена анализа за бројката на деца кои би требало да останат во училиште и по завршувањето на часовите во смена.

– Ќе се донесе позитивна одлука исто како што се носи одлука и за исклучоците во сите други училишта, односно ако бројката на децата е толку мал да никако не ја загрозува нивната безбедност, односно да нема дополнителен епидемиолошки ризик што одредена група на деца ќе остане и после завршувањето на смената. Предност е што тоа е истата група на деца, значи не се зголемуваат контактите, тие биле во контакт претходно, сега само се зголемува времето на престојот, појасни Филипче.

Исјановски вчера не ја исклучи можноста за затворање на градинките, доколку дојде до влошување на состојбата со Ковид-19, кои, пак се отворија на почетокот на месецот, но веќе има неколку случаи на дечиња заболени од коронавирусот.

Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, доколку епидемиплошката состојба ескалира, следејќи ја будно состојбата и почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести ќе се преземат мерки кои ќе го гарантираат здравјето на децата и вработените.

Во однос на градинките, Филипче завчера рече дека се развиени алгоритми како и што се постапува кога ќе се дијагностицира дете и оти се направени протоколи за работа.

Од среда, 23 септември, на работа се враќаат лицата кои користеа продолжено породилно отсуство, додека бремените жени продолжуваат да ги користат мерките, односно се ослободуваат од одење на работа. На работа, од среда се враќаат и хронично болните. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза навлошување и оние со малигна болест за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист. Врз основа на таа потврда овие лица ќе користат боледување.

Во претходното деноноќие беа регистрирани 178 нови случаи на Ковид-19. Од новите случаи во Скопје се 42, Куманово-19, Кочани-17, Прилеп-16, Тетово-14, Струмица-13, Гостивар-11. Во останатите градови регистрирана е едноцифрена бројка на заболени.

Во Кичево има осум нови случаи, во Струга и Велес по пет, Битола и Гевгелија по четири, Охрид и Валандово по три случаи, Крива Паланка, Радовиш, Пробиштип и Делчево по двајца, а во Дебар, Штип, Кавадарци, Македонски Брод, Виница, Свети Николе по еден нов заболен.

Институтот за јавно здравје вчера регистрира и 71 оздравен пациент од: Скопје-25, Куманово-11, Штип-10, Прилеп-седум, Струга-пет, Охрид, Крива Паланка и Кочани по три, Кавадарци, Гостивар, Пробиштип и Берово по еден оздравен пациент.

Починаа четири лица. Двајца од нив од Скопје на 61 и 59 години, пациент од Куманово на 69-годишна возраст и пациентка од Штип на 70 години. Сите се починати во болнички услови.

Според завршените епидемиолошки анализи во моментов најмногу активни случаи и натаму има во Скопје – 598, потоа во Куманово – 211, Тетово – 170, Прилеп, 138, Гостивар – 113, Струмица -108, Кочани – 98.

На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 75 пациенти. На кислородна поддршка се 42 пациенти и нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се четири деца и четири мајки позитивни на Ковид-19, едно дете и една мајка суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември" вкупно хоспитализирани се 36 пациенти. На респираторна машина е еден пациент.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 21, а во болницата во Штип се 36 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 154, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Од скопските општини, со најмногу активни случаи е Аеродром – 89, потоа Центар – 81, Гази Баба и Карпош по 74, Чаир – 62, Кисела Вода – 57.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 16735, бројката на оздравени пациенти е 13863, на починати е 693, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2179. Досега во земјата се направени вкупно 175.465 тестирања на Ковид-19.

притисни ентер