Рајна и Дунав пресушуваат. Европа се соочува со економски удар од 126 милијарди евра - Канал 5

Рајна и Дунав пресушуваат. Европа се соочува со економски удар од 126 милијарди евра

Европа се соочува со суша од големи размери по неколкумесечни слаби врнежи, високи летни температури и втор екстремен топлотен бран во рок од само еден месец. 

Рајна и Дунав пресушуваат. Европа се соочува со економски удар од 126 милијарди евра

Според проценките на експертите, економската штета предизвикана од сушите и горештините во Европа би можела да достигне и до 126 милијарди евра годишно до 2029 година, пренесува ХРТ.

Последиците се видливи низ целиот континент.

Во периодот од април до јуни, на огромни површини од Европа – кои се протегаат од Португалија до јужна Финска – се регистрирани врнежи под просекот за овој период од годината.

Ова, во комбинација со последователните топлотни бранови, ја засили сушата и доведе до невообичаено ниски водостои на реките, особено на Дунав и Рајна.

Влијанието ги надминува рамките на големите речни системи; и алпските езера останаа без вода. Езерото Брене (Lac des Brenets), сместено на швајцарско-француската граница, речиси пресуши и е непроодно за пловни објекти веќе повеќе од една недела.

„Загрижен сум; ова се катастрофи какви што не можевме ни да замислиме. Очекувавме многу работи, но не и суши што се појавуваат една по друга во толку краток интервал. Тоа тешко нè погодува бидејќи едноставно сме беспомошни пред ваквите климатски промени“, изјави Иван Дуриг од Ле Брене, Швајцарија.

Поради сушата, Франција стравува од најслабата жетва на пченка во последните 50 години, додека Шпанија го ограничи пристапот на земјоделците до вода за наводнување. Холандија минатата недела воведе посебни мерки поради недостигот на вода, а на седум грчки острови беше прогласена вонредна состојба.

Екстремно ниското ниво на водата го попречи и транспортот на стока по реката Рајна, принудувајќи ги германските фабрики да го намалат производството. Некои економисти предупредуваат дека прекините во транспортот би можеле да го намалат германскиот економски раст за 0,2 процентни поени.

Бидејќи Рајна ги поврзува индустриските центри на Швајцарија, Германија и Холандија со Ротердам – најголемото пристаниште во Европа – проблемите во речниот транспорт брзо влијаат врз голем дел од европската економија.

Биологот Торстен Ренебарт од Институтот за истражување на езера во Келн ја објасни состојбата на Рајна: „Вообичаено, водостојот е низок во зима, а висок во лето, бидејќи реката се полни со вода од Алпите. Кон крајот на пролетта или почетокот на летото, снегот на Алпите се топи и тогаш обично имаме голем прилив на вода. Сепак, минатата зима имаше многу малку снег, а сега нема вода.“

Научната мрежа „World Weather Attribution“ во своите анализи наведува дека климатските промени не биле причина за значителниот недостиг на врнежи во Европа во периодот од април до јуни. Сепак, научниците објаснуваат дека високите температури и сè почестите топлотни бранови стануваат главниот двигател на сушата. Имено, порастот на температурите ја зголемува способноста на атмосферата да ја извлекува влагата од почвата, реките, езерата и акумулациите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тошковски на Илинден од Пелинце: Да ја чуваме слободата, да ја јакнеме државата и да ги негуваме вредностите

Да ја чуваме слободата, да ја јакнеме државата и да ги негуваме вредностите што ни ги оставија илинденците и асномците.

Тошковски на Илинден од Пелинце: Да ја чуваме слободата, да ја јакнеме државата и да ги негуваме вредностите

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска, како дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, присуствуваше на одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката, при што во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце беше положено свежо цвеќе во чест на илинденците и асномците, кои со својата борба ги поставија темелите на македонската државност.

По оддавањето почит во Пелинце, владината делегација, заедно со висока делегација на Република Србија, го посети манастирот „Св. Прохор Пчињски“, каде положи свежо цвеќе во спомен-капелата, оддавајќи почит на историското значење на ова место за современата македонска држава.

Министерот Тошковски истакна дека Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ претставуваат два столба на македонската државност и симболи на вековната борба за слобода, правда и национално достоинство.

„Денес оддаваме почит на луѓето кои со својата храброст и саможртва ни ја оставија најголемата обврска – да ја чуваме и развиваме државата што ја создадоа. Наш долг е да го продолжиме нивното дело, да ги чуваме слободата, единството и институциите и да изградиме сигурна, стабилна и просперитетна Македонија за идните генерации“, истакна министерот Тошковски.

Тој нагласи дека историските идеали на Илинден и АСНОМ и денес претставуваат силна инспирација за градење демократска, безбедна и достоинствена држава, во која владеењето на правото, единството и грижата за граѓаните остануваат врвни вредности.

По повод Денот на Републиката, министерот Тошковски упати честитка до сите граѓани, посакувајќи празникот да биде потсетник на заедништвото, истрајноста и одговорноста кон татковината.

Нека е честит и вековит 2 Август – Илинден, Денот на Републиката!

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Андоновски од Смилево: Илинден е меѓник според кој се мери како се однесуваме како народ кога времињата стануваат тешки

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска ја предводеше владината делегација на одбележувањето на 2 Август – Илинден во Смилево, Демир Хисар.

Андоновски од Смилево: Илинден е меѓник според кој се мери како се однесуваме како народ кога времињата стануваат тешки

Во состав на владината делегација беа заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, и заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јакимоски. Делегацијата положи свежо цвеќе пред спомен-обележјата на повеќе локации во Смилево, оддавајќи им почит на илинденците и на сите генерации што се бореле за слободна, независна и достоинствена Македонија.

Во своето обраќање, Андоновски истакна дека Илинден не е само датум што му припаѓа на минатото, туку вредносен систем и трајна обврска за секоја македонска генерација.

„Постојат датуми што ги паметиме и постојат датуми што нè обликуваат како народ. Илинден е токму таков ден. Не затоа што му припаѓа само на минатото, туку затоа што секоја генерација повторно го открива неговото значење. Илинден е вредносен систем: непокор, слобода и иднина“, порача Андоновски.

Тој нагласи дека не е случајно што токму во Смилево секоја година повторно се навраќаме на Илинден, бидејќи овде историјата не е запишана само во книгите, туку е вградена во местото, во луѓето и во споменот што се пренесува од поколение на поколение.

„Историјата не ја создаваат само победите. Ја создаваат и луѓето кои имале храброст да станат кога било најтешко. Илинденското востание не успеа да ја донесе слободата веднаш. Но успеа да направи нешто многу поголемо – да создаде народ кој никогаш повеќе немаше да се помири со неслободата“, истакна министерот.

Осврнувајќи се на историскиот континуитет на македонската борба, Андоновски посочи дека по илинденците дошле нови генерации, потоа АСНОМ и независна Македонија, при што секоја од нив ги носела истата надеж и истиот пламен – Македонија да биде слободна, посилна и подостоинствена отколку што ја затекнала.

„Затоа Илинден не е само спомен. Тој е меѓник според кој се мери како се однесуваме кога времињата стануваат тешки. И токму затоа денес сме овде. Со почит да се потсетиме на 1903 година и, уште поважно, длабоко да им се поклониме на луѓето што покажаа што значи непокор.

Илинденците не ни оставија слободна држава, но ни оставија насока до неа. Не ни оставија готова иднина. Ни оставија обврска да ја создадеме. Тоа е суштинската разлика. Историјата не е нешто што се наследува, туку нешто што секоја генерација повторно го заслужува“, порача Андоновски.

Според него, предизвиците на денешната генерација се поинакви. Тие не се водат по планините, туку во училниците, лабораториите, институциите и компаниите, како и во секој обид да се изгради држава во која младите ќе сакаат да останат, довербата ќе се заслужува, а трудот ќе вреди повеќе од привилегијата.

„Денес, овде во Смилево, не се поклонува само една генерација пред друга. Една генерација презема обврска пред следната, да ја зачува Македонија, да ја развива и да ја направи посилна отколку што ја наследила. Тоа е најголемата почит што можеме да им ја оддадеме на илинденците. Не само да ги паметиме, туку да бидеме достојни за нив“, порача Андоновски.

На крајот од своето обраќање, министерот истакна дека мотото на годинешното чествување не претставува само порака за минатото, туку и обврска на сегашноста.

„Непокор – да не се откажуваме. Слобода – да ја чуваме. Иднина – да ја изградиме. Нека е вечен Илинден. Нека ни е вечен непокорот. Нека ни е вечна слободата. И нека ни биде достојна иднината што заедно ќе ја изградиме. Нека е вечна Македонија“, заклучи Андоновски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Во Италија 25 градови се под црвен аларм поради високи температури

Четвртиот топлотен бран денес го достигнува својот врв во Италија, а црвен метеоаларм е на сила за 23 града, додека утре во понеделник, 3 август, нивниот број ќе се зголеми на 25, што претставува рекордна бројка летово.

Во Италија 25 градови се под црвен аларм поради високи температури

Четвртиот топлотен бран денес го достигнува својот врв во Италија, а црвен метеоаларм е на сила за 23 града, додека утре во понеделник, 3 август, нивниот број ќе се зголеми на 25, што претставува рекордна бројка за ова лето, пренесува денес „Кориере дела сера“.

Температурите во областа Терни во Умбрија вчера достигнаа 41 Целзиусов степен, а метеоролозите предвидуваат дека топлотниот бран ќе продолжи – можно е со малку пониски температури – уште најмалку една недела, сè до очекуваниот налет на постудено време во периодот меѓу 8 и 10 август.

„Јадрото на топлината“ се наоѓа над долината на реката По и централните региони, а и во внатрешноста на земјата и на Сардинија ќе се регистрираат високи температури што би можеле да надминат 40 Целзиусови степени.

Во централните и северните делови на земјата, дури и ноќните температури главно нема да паднат под 25 степени, предупредуваат метеоролозите.

Климатолозите укажуваат на два главни фактора за оваа појава: првиот е африканскиот антициклон, кој веќе не може да се смета за аномалија, туку стана „нова нормала“, бидејќи трајно го потисна поблагиот атлантски Азорски антициклон, пренесува весникот.

Уште еден клучен фактор е постепеното затоплување на Средоземното Море, кое акумулира огромни количества топлина.

Во последните денови, температурите на површинската вода низ целиот басен, вклучително и во морињата околу Италија, достигнаа – а во некои случаи и надминаа – 30 степени Целзиусови.

„Целата таа вишок топлина ќе послужи како гориво за атмосферска нестабилност“, објасни Лоренцо Тедичи, метеоролог од порталот iLMeteo.it. Одделот за цивилна заштита издаде жолто предупредување поради обилните врнежи што се очекуваат денес долж целиот апенински појас, од Умбрија до Калабрија, како и во внатрешноста на Сицилија. Од 27-те градови што италијанското Министерство за здравство ги следи поради ризици поврзани со горештините, 23 денес се под црвен аларм, а утре ќе бидат 25, што претставува рекордна бројка за ова лето.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер