Радев: Поддршката за евроинтеграцијата на Македонија не може да биде на штета на бугарските историја и јазик

Поддршката за европска интеграција на Република Македонија не може да биде на штета на бугарските историја и јазик.

Тоа го изјави денеска претседателот на Бугарија, Румен Радев на средба со првите луѓе на Бугарската академија на науките (БАН), Јулијан Ревалски и Васил Николов.

Како што соопшти Прес-службата на бугарскиот претседател, на средба станало збор за објавената книга на БАН, „За официјалниот јазик на Република Македонија", при Радев што „го пофалил придонесот на научната заедница во Бугарија во заштитата на бугарскиот јазик и историската вистина".

Книгата е дело на тим од 12 лингвисти и историчари, како и на консултанти од БАН, софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски ", Југозападниот универзитет „Неофит Рилски" и Универзитетот во Велико Трново „Св. Кирил и Методиј".

– Книгата го проучува јазикот што се користи во нашиот југозападен сосед врз чисто научен, а не врз политички план, и не се осврнува на прашањето за национално самоопределување на граѓаните на Република Македонија, бидејќи тоа е длабоко личен чин за секој човек, изјавил на средбата потпретседателот на БАН, Васил Николов.

Во соопштението се посочува дека претставниците на БАН нагласиле дека „научните норми категорично го дефинираат службениот јазик во Република Македонија како пишана регионална норма на бугарскиот јазик".

Според нив, „тврдењата за вековен континуитет на македонскиот јазик се во спротивност со фактите се јавно познати политичкиот декрет усвоен во август 1944 година во манастирот Прохор Пчински, како и мотивите за создавањето на јазикот".

– Неприфатливи се и обидите за присвојување и фалсификување на средновековните бугарски споменици или на делата на бугарските преродбеници, како браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Григор Парличев и др., кои пишувале на бугарски јазик и се идентификувале себе си како Бугари. Имајќи ја педвид јазичната блискост меѓу граѓаните на Бугарија и Република Македонија, научниците повикаа билатералната културна и медиумска размена да не биде предмет на превод на внатрешен јазик, а делата на бугарските преродбеници, писатели и свештеници од Македонија да бидат објавени без манипулации и во оригинал во Република Македонија, се додава во соопштението. /МИА

Австрија домаќин на конференција посветена на системи за автономно оружје

Во Виена денеска почнува дводневна меѓународна конференција за системи за автономно оружје, јави ДПА.

Министерството за надворешни работи испрати покани за конференцијата на тема „Човештвото на крстопат: Автономни системи за оружје и предизвикот на регулативите“ откако експертските разговори под покровителство на Обединетите нации во Женева во последните 10 години не доведоа до разговори на дипломатско ниво.

На форумот се очекува да присуствуваат претставници од околу 130 земји, како и од Обединетите нации, невладини организации и истражувачки институти. Системите за оружје, кои самостојно таргетираат и ангажираат цели користејќи вештачка интелигенција, се во центарот на дискусијата, особено со оглед на конфликтите во Газа и Украина.

На дневен ред се и прашања како што се употребата на технологии за вештачка интелигенција од страна на терористите и опасностите од трка во вооружување со системи за вештачка интелигенција.

Ќе биде подготвен извештај до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за следната седница на Генералното собрание на ОН. /МИА

Во ЗОО Скопје се роди двогрба камила

Во Зоолошката градина во Скопје се роди двогрба камила од фамилијата Бактријан.

- Нашето ново бебе. Во фамилијата Бактријан двогрби камили имаме подмладок, оваа преслатка млада дама, која е второ дете на Карло и Мираи. Се роди на 03 април и по краток карантин со мајката, веќе ужива во пролетните сончеви денови, стои во објавата од Зоолошката градина на Фејсбук.

Фото: Фејсбук на ЗОО Скопје

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата во Македонија

Македонија е една од 14 држави што треба да бидат прегледани од страна на работната група на УПП.

Работната група на Универзалниот периодичен преглед (УПП) на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) на состанок на 2 мај во Женева, ќе ги разгледува по четврти пат податоците за состојбата на човековите права во Македонија, се наведува во денешното соопштение на Канцеларијата на ОН во Скопје.

- Македонија е една од 14 држави што треба да бидат прегледани од страна на работната група на УПП, за време на претстојната седница, што ќе се одржи од 29 април до 10 мај. Првиот, вториот и третиот УПП преглед на Македонија беа одржани во мај 2009, јануари 2014, односно јануари 2019 година, пишува во соопштението.

Работната група na УПП се состои од 47 земји-членки на Советот за човекови права, секоја од 193-те земји-членки на ОН може да учествува во прегледот на земјата.

- Документите врз што се темелат прегледите се: 1) националениот извештај - информации обезбедени од страна на државата што се разгледува; 2) информации содржани во извештаите на независни експерти за човекови права и групи, познати како специјални процедури, договорни тела за човекови права и други ентитети на ОН; 3) информации обезбедени од други засегнати страни, вклучувајќи ги националните институции за човекови права, регионалните организации и групите за граѓанско општество, се појаснува во соопштението.

УПП е процес што вклучува периодичен преглед на податоците за состојбата на човековите права во сите 193 држави-членки на ОН.

- Од првиот состанок, одржан во април 2008 година, сите 193 држави-членки на ОН беа разгледани трипати. Во текот на четвртиот УПП циклус, државите повторно се очекува да ги објаснат чекорите што ги презеле за да ги имплементираат препораките, добиени за време на нивните претходни прегледи, на чие следење се обврзале, како и да укажат на скорешните случувања во oбласта на човековите права во земјата, се посочува во соопштението.

Делегацијата на Македонија, како што е најавено, ќе биде предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи. Трите претставници на земјата што служат како известувачи - „тројка“, за прегледот на државава се Албанија, Бенин и Финска. /МИА

притисни ентер