Работилница на Трескавец: Високо ниво на третман на културното богатство за да не го загубиме - Канал 5

Работилница на Трескавец: Високо ниво на третман на културното богатство за да не го загубиме

Секое утро кога влегувам во црквата, тоа на што сме сведоци е страшно. Влагата само во текот на денот има амплитуди од 30, 60, па до 90 проценти.

Работилница на Трескавец: Високо ниво на третман на културното богатство за да не го загубиме

Немаме соодветен третман и ниво на заштита на импозантното културно богатство со кое располага нашата држава, а е во рангот на светското наследство, заклучија еминентните научници од земјава на денешната работилница на манастирот Трескавец кај Прилеп, учесници на тридневниот научен собир за состојбите во заштитата на културното богатство и исклучувањето на науката од конзерваторските и реставраторските работи.

Голем пример е тешката состојба во која е црквата „Успение на Пресвета Богородица на Трескавец" која датира од крајот на 12 и почетокот на 13 век, за чија заштита и спас се бара странска стручна помош. Особено што влагата, оштетувањата и пукнатините ќе ги уништат ѕидното сликарство и објектот.

Како што вели отец Калист секој ден влагата се зголемува, а само Бог, се чини, ја одржува црквата.

-Секое утро кога влегувам во црквата, тоа на што сме сведоци е страшно. Влагата само во текот на денот има амплитуди од 30, 60, па до 90 проценти. Тоа е влажноста на ѕидовите кои се со ремек дела на ѕидното сликарство. И со децении е така. Му благодариме на бога, изгледа тој го штити она што ние не сме го заштитиле. Со оглед на ситуацијата, фреските сѐ уште се во одлична состојба. Кога ќе се реши прашањето со влагата, мислам дека понатаму полесно ќе може да се спроведе заштитата, вели отец Калист.

Сузана Грибовска, архитект-конзерватор, Завод и музеј – Прилеп објаснува дека има повеќе видови опасност, а веќе е побарана странска стручна помош.

-Најзагрозена е црквата од подземните води кои се слеваат внатре. Од црквата се извадени оригиналните подови. Овие сега се привремени. Со министерството за култура ја прогласивме црквата за културно наследство во опасност и презедовме мерки за превентивна заштита. Поставена е дрвена конструкција однадвор и внатре во црквата за да не дојде до дополнително пробивање на атрмосферските води, многу опасни за самата градба и за фрескоживописот. Немаме и доволно стручен кадар. Затоа во последно време побаравме и стручна помош од странство која ќе оди преку Министертсвото за култура и сега сме во чекање одговори.

Едно од најбитните оштетувања се пукнатините на ѕидното сликарство кое е многу старо, изјави Грибовска.

Сашо Цветковски од истражувачкиот центар „Цветан Грозданов" при МАНУ, вели ако не се врати високото ниво на третман на импозантното културно богатство од пред 30-тина години, ќе го загубиме.

-Потребно е повторно навраќање на оние изворни принципи во третманот на културното наследство. Ако науката е вклучена перманентно, дали е преку комисии во Министерството или во Заводите и музеите, или на ниво на некоја црковна комисија, тогаш резултатите би биле многу подобри во смисла на еден целосен пристап. А конзерваторската е во една институционална и кадрвоска криза. Ние веќе не може да одговориме на најсложените зафати кои треба да ги правиме. Таков е примерот со Трескавец. Трескавец не е само споменик на минатото, туку тој сведочи за нашиот однос кон тие вековни споменици. Никој не може да се амнестира. Сите треба да придонесеме за заштита на ова наше големо културно наследство. како мала земја располагаме со навистина импозантно наследство. Околу 5000 археолошки локалитети, околу 3000 сакрални споменици, имаме приближно 30 000 икони, имаме 1 500 средновековни ракописи, околу 800 книжни икони, над 1000 споменици од Преродбата. Тоа е огромно културно наследство кое ние, за жал, сега не сме во состојба да го заштитиме и соодветно да го третираме, смета Цветковски.

Бранислав Ристески, директор на прилепскиот Институт за старословенска култура апелира на вклучување на науката во конзерваторската и реставраторската работа и повеќе научно-истражувачки проекти.

– Петте институти, па и МАНУ имаат само по еден, во просек, проект за научноистражувачка работа, што е апсурдно. Не може да се исклучат научната мисла, сознанијата, истражувањата во заштитата и третманот на културното наследство. Со научниот собир упатуваме апел да се внимава на тоа за да имаме соодветен третман на културното наследство, вели Ристески.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ДИК: Денес во Брвеница гласаат болните или немоќни лица и затворениците

Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за Предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница.

ДИК: Денес во Брвеница гласаат болните или немоќни лица и затворениците

Вкупно 88 болни или немоќни лица можат да гласаат за градоначалник на Брвеница.

Своето право на глас може да го остварат и вкупно 9 лица кои се на издржување казна затвор. Гласањето на овие лица се спроведува во 3 казнено поправни установи на територија на Македонија, и тоа во градовите Скопје, Штип и Тетово.

Државна изборна комисија

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Жетва без нејзино име“ во Јуроп хаус Струмица: Разговор за руралните жени и нивниот невидлив труд

Над 38.000 жени во Македонија се регистрирани како земјоделки, но многу од нив немаат еднаков пристап до финансиска сигурност, породилно отсуство, здравствено осигурување и социјална заштита. 

„Жетва без нејзино име“ во Јуроп хаус Струмица: Разговор за руралните жени и нивниот невидлив труд

Овие предизвици беа во фокусот на вчерашната панел-дискусија „Жетва без нејзино име: Руралните жени и невидливиот труд“, одржана во Јуроп хаус Струмица.

Настанот беше организиран како дел од кампањата „Носи ја промената“ (Wear the Change), иницирана од Делегацијата на Европската Унија и амбасадите на земјите членки на ЕУ, обединети во #TeamEurope, во рамки на националниот караван. Дискусијата отвори простор за разговор за системските и институционалните пречки, но и за предрасудите и нееднаквостите што го ограничуваат пристапот на жените во руралните средини до нивните права.

Жените земјоделки учествуваат во производството на храна и руралната економија, а истовремено најчесто се грижат и за домот. Сепак, нивниот труд и придонес често остануваат надвор од формалните економски и институционални рамки. Посебно загрижувачки е пристапот до имот и земјиште: во 2021 година, само 4,1 процент од жените во руралните области биле евидентирани како сопственички на имот, додека на национално ниво земја поседуваат само 12 проценти од жените.

Разговорот ги опфати причините за овие нееднаквости, вклучувајќи ги практиките поврзани со наследувањето. Иако ќерките имаат законско право да наследуваат, често се откажуваат од својот дел во корист на браќата. На тоа влијаат долгогодишни традиции и очекувањето дека по бракот ќерката ќе „припадне на друго семејство“.

Во дискусијата учествуваа Вероника Јоана Чолка, заменик-шефица на мисијата на Амбасадата на Романија, Лејла Рајкова, застапничка за правата на руралните жени и локалното земјоделство, и Лилјана Јоновски, вонредна професорка на Факултетот во Кичево и експертка за вклучување на жените во јавниот живот, со фокус на руралните средини. Разговорот го модерираше Андреа Угриноска од „Тиииит! Инк.“ – Скопје.

Панелистките ги разгледаа предизвиците со кои се соочуваат жените што живеат и работат во руралните средини, спроведувањето на законите и достапните механизми за поддршка. Беше отворена и перспективата на Романија, како земја со значително учество на работната сила во земјоделството, како и прашањето за улогата на Европската Унија во унапредувањето на правата на руралните жени.

Во разговорот беа опфатени и општествените и културните пречки што опстојуваат покрај законските рамки, како и начините на кои институциите и заедниците можат да придонесат за еднакви можности. По панелот, во прашања и одговори се вклучи и публиката.

Главната порака од дискусијата беше дека придонесот на жените земјоделки мора да биде препознаен и проследен со еднакви права и сигурност. Обезбедувањето пристап до имот, здравствено и социјално осигурување и права поврзани со работата е важен чекор кон поправедно и одржливо општество.

Преку караванот „Носи ја промената“, Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на земјите членки на ЕУ и мрежата на Јуроп хаус продолжуваат да отвораат јавни разговори за родовата еднаквост и правата на жените низ земјата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МППС: Бараме итна акција за да се намали сиромаштијата и социјалната исклученост во земјата

Отворено писмо  до владата на Македонија.

МППС: Бараме итна акција за да се намали сиромаштијата и социјалната исклученост во земјата

Кога се соочуваме со сиромаштијата, солидарноста е отпор!

На 17 октомври - меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, потсетуваме дека речиси 22% од граѓаните живеат под линијата на сиромаштија:

29,5% од децата живеат во сиромаштија;

38% од децата се наоѓаат во состојба на повеќедимензионална сиромаштија и живеат во услови ризични по здравјето, учењето, безбедноста и развојот на самото дете;

19% од домаќинствата со деца добиваат детски и семејни додатоци, во споредба со 88% во Европската Унија.

Од оваа статисика, најпогодени се децата во многудетните семејства, самохраните родители и ромските семејства.

Но сиромаштијата е тесно поврзана и со услугите за грижа за деца и стари лица кои се ограничени - 45,5% од децата на возраст од 3 до 6 години посетуваат градинка, додека кај децата Роми таа стапка е 17% (во ЕУ таа стапка е 95%),

Недостигот од услуги за грижа особено ги погодува жените, кои извршуваат 72,5 % од неплатената домашна работа и грижата за децата, старите и изнемоштени лица, што ја ограничува нивната економска независност и придонесува повеќе од половина од жените во земјата да се неактивни на пазарот на труд.

Во Северна Македонија, сиромаштијата останува долготрајна, структурна и системска реалност додека социјалната заштита е под сè поголем притисок, што резултира со срам и изолација. Недостигот од стратегија уште од 2020 година, и постојаното префрлање на одговорноста меѓу централната и локалната власт, создава длабок институционален вакуум. Граѓаните се без системска поддршка во борбата против сиромаштијата.

Повикувајќи се на европските цели и стандарди, бараме итно отворање на широк и инклузивен дијалог кој ќе ги преточи барањата во политики за достоинствен живот за сиромашните.

Секоја можност за вклучување на преживеаното искуство во креирањето на државните политики е важен чекор напред, додека ние, претставниците на граѓанското општество и локалните организации, заедно со лицата со искуство во борбата против сиромаштија и социјална исклученост го ставаме на располагање тоа знаење и искуство.

Нашата цел и директно барање е итно донесување на сеопфатна Национална стратегија против сиромаштијата, по примерот на Европската стратегија против сиромаштија, со која Европската комисија постави јасна цел за целосно искоренување на сиромаштијата до 2050 година.

Состојбата во државата налага потреба од дефинирање на стратешка рамка за следење на мултидимензионалноста на сиромаштијата низ целиот животен век. Во време на тешки социо-економски предизвици, несериозно е државата да имплементира парцијални мерки кои не го решаваат проблемот и да промовира социјална помош која го гази човековото достоинство.

Наспроти тоа бараме да се прекине пренесувањето на сиромаштијата низ животниот век преку обезбедување системска поддршка во сите критични транзиции, од детство кон младост, од младост кон вработеност и од работен век кон пензија.

Оттука, Македонската платформа против сиромаштијата, по повод 17 Октомври - Меѓународен ден за борба против сиромаштијата, ги упатува следните барања до Владата:

Итно спроведување на Европската гаранција за децата, универзален детски додаток и мерки за превенција на детската сиромаштија;

Вклучување на домувањето во социјалните политики, со фокус на домувањето како човеково право, превенција на бездомништво, достапно домување за младите, заштита на граѓаните од нереалните цени на пазарот и незаконските пракси на правните субјекти;

Развој на услуги за ранливите категории на граѓани, вклучително и вложувања за зголемување на пристапот до градинки, социјални услуги за деца со попречност и услуги за грижа и нега за стари лица;

Намалување на сиромаштијата помеѓу вработените преку соодветна и доследна имплементација на механизмите за заштита и надзор врз работничките права;

Усвојување на политики кои ќе ги намалат плаќањата од џеб на граѓаните во здравството;

Развој на мерки за справувањето со сиромаштијата и социјалната исклученост кај постарите лица преку флексибилни патеки за пензионирање и соодветност на пензиите, поддршка за активно стареење и ефективен пристап до висококвалитетни услуги за нега и насочени интервенции за социјална инклузија.

Националната стратегија против сиромаштија не може и не смее да биде уште еден документ без буџет и скриен во фиока. Таа треба да е документ од стратешко значење на Владата и институциите, кој ќе води кон структурно и системско искоренување на сиромаштијата и мора да е донесен инклузивно и транспарентно преку механизам за учество и следење од страна на граѓанските организации.

Одбележувањето на 17 Октомври - Меѓународен ден за борба против сиромаштијата и реалната состојба на граѓаните се повод институциите да преземат одговорност за справување со сиромаштијата, заштита на правата, обезбедување соодветна социјална заштита и зачувување на достоинството на сите граѓани.

Со поврзување на преживеаните искуства на луѓето со колективното дејствување и политичкото одлучување, можеме да изградиме општество во кое секој има моќ да учествува и каде што никој нема да биде изоставен.

Конечно, НАМАЛУВАЊЕТО НА СИРОМАШТИЈАТА Е ПОЛИТИЧКА ОДЛУКА и директно зависи од креирање и имплементирање на соодветни, сеопфатни и достоинствени политики, кои не ја третираат сиромаштијата како случајност или личен неуспех, туку како системски проблем што може и мора да се реши!

Во солидарност,

Македонска платформа против сиромаштијата (МППС) – Сојуз на здруженија на граѓани со повеќе од 50 членови

Мрежи, сојузи и коалиции:

  • Родова платформа
  • Коалиција МАРГИНИ Скопје
  • Мрежа за заштита од дискриминација
  • Мрежа на даватели на социјални услуги
  • Национален младински совет на Македонија
  • Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство
  • Платформа за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ
  • Мрежа ИнклузиваМ
  • Организации кои не се дел од горенаведените мрежи:
  • Здружение за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена Порта“ Скопје
  • Здружение на граѓани за промовирање и зачувување на културните и духовните вредности – Легис Скопје
  • Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина Гоу Грин Скопје
  • Здружение на граѓани Еврохаб агенда

МППС

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер