Пуштен во употреба нов Ургентен Центар во Куманово - Канал 5

Пуштен во употреба нов Ургентен Центар во Куманово

Нов Ургентен центар, опремен со современи апарати, доби Куманово од кој бенефит ќе имаат околу 200.000 граѓани од североисточниот регион кои на едно место ќе добијат хируршки, ортопедски, анестезиолошки услуги, дневна болница.

Пуштен во употреба нов Ургентен Центар во Куманово

Објектот, со површина од околу 700 метри квадратни, денеска свечено беше пуштен во употреба, а на настанот присуствуваа и премиерот Зоран Заев, ресорниот министер Венко Филипче и министрите за внатрешни работи и земјоделство, Оливер Спасовски, Трајан Димковски и заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Садула Дураку.

Премиерот Заев рече дека оваа инвестиција во здравството, направена од парите на граѓаните, во пресрет на празникот Илинден, ги обединува сите заедно од различните етнички заедници и политички партии.

-Ќе остане трајно добро за кумановци и за целиот свероисточен регион од областа на здравството. Знаеме колку е тоа значајно во секојдневниот живот, потребите на граѓаните и е една од трите стратешки определби на Владата – здравството, образованието и социјалните дејности, изјави Заев.

Премиерот истакна дека центарот, кој е изграден од темел, делумно е опремен, а дел ќе се доопреми со постапка на набавка и е одличен спој на амбулантно работење со останатите одделенија од болницата, што ќе придонесе за унапредување на здравствената заштита на граѓаните.

-Да напоменам дека оваа година трошиме 1,3 милијарди денари за оваа општа болница, но и за реконструкција на општата болница во Кичево, продолжува и изградбата на клиничкиот центар во Штип. Крајот на годината, очекуваме да ја пушиме во употреба и во Струмица и до крајот на годинава очекуваме да ја завршиме постапката или од почетокот на идната година за отпочнување на големиот Клинички Центар, изјави премиерот Заев.

Тој истакна дека тоа се сериозни инвестиции во здравството, што заедно со поддршката на кадарот, се заокружува квалитетното здравство.

Премиерот Заев упати порака до здравствените работници, лекарите, медицинските сестри, болничарите да останат во државата.

-Останете дома, останете во нашата земја, ние ќе се потрудиме да растат платите, да се подобрат условите за работењето, бидејќи како прво никаде не е како дома и второ дефинитивно им требате на граѓаните, рече премиерот.

Тој најави дека ќе продожат со раст на платите и приходите кои ќе бидат мотивација за сите.

Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека кумановската болница е позната по својата врвна експертиза и дека лекарите и персоналот кои со години работат во болницата, од денеска ќе работат во нов современ ургенент центар со што значајно ќе се олесни треманот на пациентите кои ќе добијат соодтветен третман.

-Ние продолжуваме да работиме на плановите за следни инвестции во овој Ургентен Центар и со директорката веќе разговаравме за набавка на нов комјутерски апарат и ултразвулен апарат. Во измината година и половина се примија огромен број вработени како никогаш досега. Капацитетот во однос на кадарот во оваа болница се зголеми за 10 проценти, се дадоа 12 специјализации, сега младите колеги ќе аплицираат и две субспецијализации. Како што ветивме го започнавме и процесот на трансофмрација на работниот однос – сите вработени во здравството кои беа вработени на договор на дело ќе станат вработени на неопределено време, изјави министерот за здравство.

Тој изрази надеж дека ќе се дооформи и центарот за дојка во Куманово и дека ќе се зајаке родилиштето кое е најголемо во државата надвор од Скопје.

Филипче нагласи дека лекарите од кумановската болница веќе применуваат нови методи поради набавените апарати, лапароскопски и ортопедски интервенции, и најави дека насокор ќе биде достапен ендоскопски апарат, со што ќе се олесни на пациентите од Куманово и соседните општини кои веќе нема да мора да патуваат за Скопје.

Директорката на болницата, Снежана Захариева истакна дека Ургентниот Центар ќе биде од исклучително значење за пациентите.

-Овде ќе добијат комплетна услуга и ќе имаат можност да бидат прегледани и оние со упат од матичен доктор и оние кои дошле заради ургентна или животно загрозувачка состојба. Кадарот ќе биде екипиран што дава подобра можност за меѓусебна консултација и решавање на нјатешките случаи. За нас ова е голем момент нашите вработени ќе имаат можност да работат во модерно опремен простор се надеваме и на нови дијагностички парати кои ќе ги добиеме особено за рентген дијагностика, комјутерски томограф и ултразвучна дијагностика што ќе биде дополнителна стимулација за работа на младите кадри и можност за нивна едукација-изјави Захариева.

Ургентниот центар е сместен во кругот на болницата, со посебен влез. На првиот кат се применото одделение, дневната болница, а на вториот хирургија со ортопедија и анестезија. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Свечено е одбележано 59-годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите.

На свеченото одбележување на Денот на Академијата свое обраќање имаше претседателот на МАНУ, акад. Живко Попов, кој најнапред зборуваше за научната и уметничката дејност на Академијата во изминатата година.

Свечено е одбележано 59-годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите.

На свеченото одбележување на Денот на Академијата свое обраќање имаше претседателот на МАНУ, акад. Живко Попов, кој најнапред зборуваше за научната и уметничката дејност на Академијата во изминатата година, а потоа зборуваше за новите предизвици во време на забрзани технолошки промени и општествениот контекст во кој Академијата ја извршува својата дејност како највисока научна и уметничка институција во државата.

Потоа, на прославата свое обраќање имаше доп. член Венко Андоновски, кој ја претстави и зборуваше за делото на Соња Должан, добитничка на наградата „Блаже Конески“ – меѓународно признание за 2026 година за посебен придонес во развитокот на науката, културата и уметноста на Македонија. На крајот Соња Должан одржа поздравен говор.

МАНУ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тошковски на регионален состанок на УНОДЦ: Борбата против трговијата со луѓе бара силна прекугранична соработка

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на Регионалниот експертски состанок за зајакнување на прекуграничната кривично-правна соработка и заштита на странски жртви во случаи на трговија со луѓе.

Тошковски на регионален состанок на УНОДЦ: Борбата против трговијата со луѓе бара силна прекугранична соработка

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на Регионалниот експертски состанок за зајакнување на прекуграничната кривично-правна соработка и заштита на странски жртви во случаи на трговија со луѓе, во организација на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ).

Во своето обраќање, министерот Тошковски ја нагласи важноста на меѓународната соработка и координираното дејствување на институциите во справувањето со трговијата со луѓе, како еден од најсериозните облици на организиран криминал. Тој изрази благодарност до УНОДЦ за организацијата на состанокот, истакнувајќи дека присуството на експерти и делегации од регионот, но и од Јужна Америка, ја потврдува заедничката определба за заштита на жртвите без оглед на националните и географските граници.

„Трговијата со луѓе, како глобално и општествено неприфатлив чин, не познава граници, ниту пак прави разлика меѓу луѓето врз основа на нивното потекло, припадност или убедувања. Оттаму, нашиот одговор мора да биде исто толку одлучен: организиран, сеопфатен и мултидисциплинарен“, истакна Тошковски.

Министерот посочи дека покрај традиционалните облици на експлоатација, криминалните мрежи развиваат и нови, сè посложени начини на злоупотреба на луѓето. Посебно внимание посвети на ризиците од трудова и сексуална експлоатација, како и на ранливоста на странските државјани кои, во потрага по подобри економски можности, можат да станат жртви на трговија со луѓе.

Тошковски нагласи дека Западен Балкан претставува регион на потекло, транзит и крајна дестинација за жртвите, а во Македонија во последните години доминира внатрешната трговија со луѓе, иако се идентификуваат и странски жртви. Особено загрижувачка е ранливоста на децата и лицата погодени од сиромаштија, дискриминација и семејно насилство, поради што е неопходно институциите постојано да ги следат новите трендови и навремено да реагираат.

Осврнувајќи се на националните напори, министерот потсети дека Македонија од 2001 година континуирано ги развива институционалните механизми за борба против трговијата со луѓе, усогласувајќи го законодавството и практиките со меѓународните стандарди и препораките на релевантните организации.

„Нашиот систем е поставен врз пет столба: превенција, кривичен прогон, заштита, реинтеграција и обесштетување на жртвите. Во фокусот на секоја наша мерка секогаш стои Човекот — жртвата чие достоинство мора да го вратиме“, порача Тошковски.

На крајот, министерот истакна дека трговијата со луѓе често останува скриена, а жртвите невидливи за општеството, поради што подигнувањето на јавната свест, едукацијата, навременото препознавање и пријавувањето се од суштинско значење.

Тој порача дека само преку силна институционална координација, меѓународна соработка и пристап во чиј центар се правата и достоинството на жртвите може да се обезбеди поефикасно спречување и откривање на трговијата со луѓе, кривичен прогон на сторителите и соодветна заштита на жртвите, соопштуваат од МВР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МВР заедно со ФБИ уапси 20- годишник од тетовска Голема Речица- произведувал и продавал детска порнографија

Успешна заедничка акција на МВР и ФБИ: Разбиен нелегален онлајн пазар за продажба на украдени податоци, кривична пријава против 20-годишник од Тетовско.

МВР заедно со ФБИ уапси 20- годишник од тетовска Голема Речица- произведувал и продавал детска порнографија

Како резултат на успешна координирана истрага меѓу Министерството за внатрешни работи и Федералното истражно биро (ФБИ), откриен е администраторот на нелегалниот онлајн пазар „OLVX“, преку кој се нуделе украдени лични податоци, пристапни акредитиви и алатки за извршување компјутерски криминал.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до ОЈО Тетово поднесе кривична пријава против Е.А. (20) од Голема Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „компјутерска измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.

Акцијата е резултат на првично добиени информации од ФБИ, по што следувала заедничка, координирана истрага насочена кон откривање и сузбивање на криминалните активности поврзани со нелегалниот онлајн пазар „OLVX“.

Според обезбедените докази, пријавениот во периодот од 2023 до 2025 година бил администратор на домени и веб-страници поврзани со платформата „OLVX“, која служела како нелегален пазар за продажба на украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги наменети за извршување кривични дела.

Главни корисници на платформата биле сајбер-криминалци кои купувале и продавале лични податоци и пристапни акредитиви за кориснички сметки и компјутерски мрежи на жртви. Во периодот на функционирање на платформата биле понудени над 1.500 украдени пристапни акредитиви.

Истрагата дополнително утврдила дека во периодот од 2025 до 2026 година пријавениот администрирал и нелегална онлајн група под името „ONEMILI“ на комуникациската апликација „Телеграм“. Преку оваа група биле нудени услуги и софтверски алатки за извршување компјутерски криминал, вклучително и измами поврзани со незаконско враќање парични средства.

Дополнително, обезбедени се докази дека пријавениот преку апликацијата „Телеграм“ набавувал и поседувал за себе материјали со сексуална злоупотреба на деца.

Оваа операција претставува прва заедничка координирана сајбер-операција меѓу МВР и ФБИ, потврдувајќи го значењето на меѓународната полициска соработка во откривањето и сузбивањето на современите форми на организиран компјутерски криминал.

Министерството за внатрешни работи, преку Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, останува цврсто посветено на борбата против сајбер-криминалот, заштитата на личните податоци и безбедноста на граѓаните во дигиталниот простор.

Успешната соработка со ФБИ претставува значаен чекор во зајакнувањето на капацитетите за справување со транснационалниот компјутерски криминал и испраќа јасна порака дека дигиталниот простор не смее да биде засолниште за криминални активности, соопшти МВР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер