Првите нови товарни вагони за МЖ Транспорт до крајот на месецов

До крајот на овој месец или почетокот на следниот ќе стигне првата пратка на 15 товарни вагони. Сите 150 ќе пристигнат до вторта половина на јануари, информираше денеска директорот на МЖ Транспорт Оливер Дерковски.

Набавката на товарните вагони изнесува 13, 2 милиони евра. Со оваа инвестиција ќе се обнови возниот парк и ќе се намалат трошоците за одржување.

“МЖ Транспорт моментно располага со околу 1.000 товарни вагони од различни типови. Набавката на новите значи почеток на обновување на возниот парк затоа што товарниот вагони во нашиот состав се прилично стари и одржувањето бара зголемени трошоци од нашата компанија. Со набавката на новите вагони всушност се намалуваат трошоците, но и се вклучуваме во нови превози од пристаништето Пиреја кон Средна Европа, изјави Оливер Деркоски, директор на МЖ Транспорт.

Покрај товарни вагони, МЖ Транспорт набавува и шест патнички железнички гарнитури. Испораката на првата треба да почне од август следната година, а до крајот на таа година да пристигнат сите. Инвестицијата во новите патнички возови изнесува 20 милиони евра.

МЖ Транспорт и Инфраструктура учествуваа на конференција за посебни пратки која за прв пат се организира во земјава.



Двајца загинати, 21 повреден во нападот со нож во кинеска болница

Две лица загинаа, а 21 се повредени во напад во болница во југозападна Кина, јави ДПА.

Полицијата во округот Женксионг, во југозападната провинција Јунан, денеска соопшти дека маж од локално село ги извршил нападите со нож непосредно пред пладне.

Нема дополнителни информации за можните мотиви за нападот, ниту за идентитетот на жртвите.

Кинеските државни медиуми претходно објавија за 10 жртви, без да го прецизираат бројот на загинати и ранети.

На кинеската платформа за социјални медиуми Веибо кружеа видеа на кои се гледа апсењето на осомничениот сторител.

На други слики од местото на настанот се гледаат повредени жртви на земја. Полицијата соопшти дека повредените се пренесени во болница.

Обвинителството отвори истрага за инцидентот, соопшти полицијата.

Си Џинпинг во 2-дневна посета на Белград, ќе биде пречекан од авиони МИГ-29

Со кинески знамиња и билборди со пораки за добредојде испишани на кинески јазик, Белград го пречекува кинескиот претседател Си Џинпинг, кој вечерва пристигнува во дводневна посета на Србија.

Безмалку три и пол илјади полицајци се ангажирани за безбедноста на џинпинг, кој според најавите, доаѓа со 400 члена делегација.

Кинескиот лидер ќе го пречекаат и српските борбени авиони МИГ-29, кои ќе го придружуваат неговиот авион од српската границата до Белград, а потоа на враќање ќе го испратат.

За време на посетата на Србија Си Џинпинг со неговиот домаќин претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе разговараат за широк спектар на теми - од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата.

На состаноците се очекува да бидат потпишани над 30 договори од различни сфери..

Протест пред Берлинскиот слободен универзитет во знак на солидарност со Појасот Газа

 Пропалестинските активисти денеска протестираа пред Берлинскиот слободен универзитет, апелирајќи на студентски отпор низ Германија во знак на солидарност со луѓето во Појасот Газа.

Според процените на портпаролката на Универзитетот во протестите учествувале од 80 до 100 луѓе.

Активистите на групата Студентска коалиција Берлин повикаа на запоседнување на германските универзитети и побараа крај на „колонијалното угнетување“.

Околу 150 активисти на 3 мај протестираа пред Универзитетот Хумболт во Берлин.

Повеќе од две недели на голем број универзитети во САД, во Велика Британија и други земји има протести против израелската офанзива врз Појасот Газа./МИА

притисни ентер