Промовирани осум маркирани планинарско-велосипедски патеки на Попова Шапка

На Попова Шапка денеска беа промовирани осум маркирани крос кантри планинско-велосипедски патеки кои гравитираат околу скијачкиот центар.

Тоа е проектна активност спроведена од планинарскиот клуб Шара Ски. Во изминатиот период е извршено обележувањето и маркирањето на патеките. Станува збор за веќе постоечки, но запустени патеки, а дел од нив се нови.

– Проектот „Попова Шапка – cross country trails" има два аспекта. Со проектот ги обновивме и дополнивме постоечката маркација на патеките, подготвени и поставени се патокази, маркирани се патеките со ГПС уред, впишани се координати и карактеристики на патеките, одредени се места за пауза долж патеката, исцрани се мапи од секоја патека со сите поодатоци. Овие места се поставени и пред платото на терасата на Конак, како и во флаерите и брошурите. Вториот аспект е подготовка на Инфо – пакет/брошура за cross country trails на Попова Шапка. Брошурата ќе содржи информации за името, локацијата и должината на cross country патеките, како и висинската разлика, потребното време за возење на секоја од патеките, инфраструктурните објекти долж патеката и слично, изјави Јован Јовановски од Шара Ски.

За користење на патеките на потенцијалните корисници на располагање ќе им бидат повеќе алатки.

-Освен патокази на самите патеки, имаме создадено ГПС рути, апликација за мобилни телефони, можност за изнајмување велосипеди, ангажирање на лиценциран велосипедски или планински водич, воспоставени мерки за безбедност и медицинска помош и слични потреби, рече Горан Миловановски, лиценциран водич од Шара Ски.

Планинско велосипедската патека наречена „Репетитор МРТ" е најкратка со три километри и просечно времетраење за поминување од еден час. Патеките „Вакуф" и „Голема Смрека" имаат иста должина од по 17 километри. Најдолга е патеката „Шарски води" или 90 километри и времетраење од 8 до 10 часа. Останатите патеки се наречени „Шарпланинско бачило", „Вргањ", „Лешница" и „Јелак"./МИА

Елегантни моторџии низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. 

Елегантни моторџии облечени во палто, елек и вратоврска денеска по деветти пат како дел од глобалното движење „The Distinguished Gentlmens Ride“ ќе дефилираат низ скопските улици со цел да ја подигнат свеста за машкото здравје и превенцијата од рак на простатата.

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. Организаторите најавуваат учесници и од останатите градови од државата и гости од Косово. Меѓу нив има доктори, професори, личности од јавниот живот кои, како и секоја година, ќе донираат средства за фондацијата „Мовембер“ во Лондон за борба против рак на простатата.

„The Distinguished Gentlmens Ride“ годинава се одржува во 959 градови низ светот. Учествуваат 90.000 мотоцикли од 105 држави.

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се 18.836 евра.

Глобалното движење почна на иницијатива на Марк Хава во 2012 година во Сиднеј кога тој заедно со своите пријатели продефилира низ улиците на градот во чест на неговиот пријател кој починал од рак на простатата. Оттогаш движењето станува помасовно секоја година. Од основањето на „The Distinguished Gentlmens Ride“ досега собрани се 50,2 милиони долари на светско ниво кои се донираат во институции и болници кои се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и борбата против рак на простатата. /МИА

Пронајдени телата на четворица мигранти, спасени 52 лица во близина на брегот на Тунис

Телата на четворица мигранти се пронајдени во близина на брегот на Тунис, а крајбрежната стража во посебна операција спасила 52 лица, соопшти Националната гарда.

Се додава дека гардата уапсила девет шверцери и ги запленила чамците.

Најмалку 23 туниски мигранти исчезнале откако со чамец се упатиле кон Италија, соопшти претходно Националната гарда.

Тунис се соочува со миграциска криза и ја замени Либија како главна појдовна точка за луѓето кои бегаат од сиромаштијата и конфликтите во Африка и Блискиот Исток во потрага по побезбеден живот во Европа. /МИА

Одбележување на Светскиот ден на семејниот лекар - 19 Мај

Под мотото „Здрава планета, здрави луѓе“ денеска се одбележува 19 Мај - Светскиот ден на семејниот лекар.

Здружението на лекари по општа медицина - семејна медицина (ЗЛОМ СМ), информира дека за таа цел во Градскиот парк во Скопје денеска од 11 до 14 часот граѓаните ќе можат да измерат крвен притисок, гликемија и пикфлоуметрија. Специјалистите по семејна медицина ќе даваат совети за здрави животни навики.

Предвидена е и прес-конференција за медиумите.

притисни ентер