Промоција на книгата „Чичко маестро Џамбаз - во светот на децата“

Оваа промоција ќе биде дел од еден поголем настан, „За Маестрото“, кој е во организација на синот на маестро Џамбазов, Игор Џамбазов и Општина Центар.

Во Дебар Маало во Скопје денеска ќе се одржи промоција на книгата „Чичко маестро Џамбаз - во светот на децата“ во Дебар Маало, посветена на композиторот и диригент Александар Џамбазов, од познатите македонски музички публицисти Бранка Костиќ-Марковиќ, автор на воведниот текст и Марко Коловски, автор на нотографиите.

Ова издание претставува збирка на песни од маестро Александар Џамбазов, еден од нашите најистакнати македонски композитори, диригенти и втемелувачи на македонската популарна и детска музика. Изборот на композициите, кој опфаќа 52 песни за деца од предучилишна и училишна возраст, е направен од страна на самиот Џамбазов за време на неговиот живот.

Како што вели авторката Костиќ-Маровиќ во воведот, насловот на збирката не е случаен.

-Сите „славејчиња“, поранешни солисти на познатиот фестивал на детска песна „Златно славејче“ и хористите на детскиот хор „Развигорче“, го нарекуваа својот диригент Александар Џамбазов, кој ги водеше низ живата фестивалска изведба, „Чичко маестро Џамбаз“. А тој возвратно, на шега, ги нарекуваше „златни гавранчиња“. Песните издвоени во оваа збирка денеска претставуваат своевидни детски евергрини за сите генерации, а авторскиот тим и издавачот ценат дека изданието ќе биде и одлично дидактичко средство и извор на квалитетен дополнителен материјал за денешните одделенски и предметни наставници во реализирањето на наставата по музичко образование, но и на секој истражувач и љубител на детската песна, вклучувајќи ги и децата, соопштија од Арс Ламина.

Оваа промоција ќе биде дел од еден поголем настан, „За Маестрото“, кој е во организација на синот на маестро Џамбазов, Игор Џамбазов и Општина Центар, по повод сеќавање на животот и делото на композиторот, токму на денот на неговиот роденден, 3 февруари.

Книгата е достапна во поголемите книжарници како и онлајн преку „www.literatura.mk“. /МИА

Ковачки: Платформата 1198 се обврзува на 17 милиони евра за проекти за Кочани

Платформата 1198 се обврзува на 17 милиони евра за Кочани за проекти, продолжување на експресниот пат Кочани до Делчево, реконструкција на патот Кочани до Зрновци, реконструкција на железничката линија Кочани до Велес, изградба на катна гаража ....

Платформата 1198 се обврзува на 17 милиони евра за Кочани за проекти, продолжување на експресниот пат Кочани до Делчево, реконструкција на патот Кочани до Зрновци, реконструкција на железничката линија Кочани до Велес, изградба на катна гаража и старечки Дом.

Денеска сме во посета на македонските општини од Истокот.

Денеска сме во посета на Кочани. Со Платформата 1198 предвидуваме многу нови проекти, инвестициски бум во општините околу 1 милијарда евра ќе се слеат од централниот буџет во општинските буџети.

Само за Кочани планираме да одвоиме 17 милиони евра во првиот четири годишен мандат.

И тука предвидуваме продолжување на експресниот пат Кочани до Делчево, реконструкција на патот Кочани до Зрновци, секако целосна реконструкција на железничката линија Кочани до Велес и во градот Кочани предвидуваме изградба на катна гаража, изградба на старечки Дом и јужниот булевар.

Така што ова е еден инвестициски бум кои што ги чека нашите општини после промената на власта.

Ги повикувам сите граѓани на 8мај да ни се приклучат, за прпекти реформи и да си ја вратиме Македонија повторно горда и твоја.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

На ФЕИТ финале на натпреварот по роботика, aвтоматика, електроника и ВИ - RoboMac 2024

 Финалето на натпреварот по роботика, aвтоматика, електроника и вештачка интелигенција - RoboMac 2024, ќе се одржи денеска во 17 часот во амфитеатарот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

RoboMac е годишна меѓународна студентска работилница и натпревар по роботика, aвтоматика, електроника и вештачка интелигенција, кој се одржува по 12-ти пат на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје.

Носители на настанот се македонската секција на ИЕЕЕ (IEEE – The Institute for Еlectrical and Еlectronics Еnginеers), преку нејзиниот студентски огранок при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и Факултетот за електротехника и информациски технологии, а е во коорганизација со Факултетското студентско собрание – ФЕИТ.

Учесниците на натпреварот имаат можност да работат во тимови и да ги усовршат и употребат своите теоретски знаења и практични вештини за да победат во својата категорија, притоа дружејќи се и соработувајќи со студенти од земјата и странство.

Целта на настанот е популаризација на роботиката и вештачката интелигенција помеѓу студентите и младите во Македонија.

ЕУ ги продолжи санкциите против одговорните за поткопување на Молдавија и Мјанмар

Санкциите поврзани со Молдавија, со кои во моментов се опфатени 11 физички лица и еден субјект, се продолжени до 29 април 2025 година.

Советот на ЕУ донесе одлука за продолжување за една година на режимите на рестриктивни мерки кон физички и правни лица одговорни за активности насочени кон дестабилизација, поткопување или загрозување на суверенитетот и независноста на Молдавија и кон поткопување на демократијата и сериозни кршења на човековите права во Мјанмар.

Санкциите поврзани со Молдавија, со кои во моментов се опфатени 11 физички лица и еден субјект, се продолжени до 29 април 2025 година. Рестриктивните мерки поврзани со Мјанмар, кои се продолжени до 30 април 2025 година, во моментов важат за вкупно 103 физички лица и 21 субјект.

На физичките и правните лица опфатени со санкциите им се замрзнува имотот и на субјекти од ЕУ им е забрането директно или индиректно да им доставуваат средства на располагање или да им овозможуваат пристап до економските ресурси. Дополнително на поединците подложни на санкциите им е забранет влез и транзит низ територијата на ЕУ.

Со санкциите за Мјанмар се воведува и ембарго за извоз на оружје, опрема за следење на комуникациите што може да се користи за внатрешна репресија и на стоки за двојна употреба на мјанмарската армија и граничната полиција, како и забрана за воена обука и соработка со Вооружените сили на земјата. Со рестриктивните мерки, исто така, се замрзнува финансиска помош и поддршка од ЕУ за мјанмарската Воена хунта, што би можеле да се сметаат за нејзино легитимирање.

Во заклучоците од Самитот на ЕУ одржан на 21 и 22 март, европските лидери ја реафирмира својата посветеност да ја обезбеди сета релевантна поддршка на Молдавија за справување со предизвиците предизвикани од руската агресија врз Украина и за зајакнување на отпорноста, безбедноста и стабилноста на земјата од дестабилизирачките активности на Русија и нејзините сателити. Режимот на рестриктивните мерки на ЕУ насочени кон лица одговорни за поддршка или спроведување активности за поткопување или загрозување на суверенитетот, независноста, демократијата, владеењето на правото, стабилноста или безбедноста на Молдавија беше воведен лани во април. Дополнително, на Самитот на ЕУ на 14 декември минатата година беше донесена одлука за старт на преговорите за членство со Молдавија. Земјата доби статус на земја на кандидат за членство во ЕУ на 23 јуни 2022 година.

ЕУ ги воведе првите рестриктивни мерки поврзани со Мјанмар на 22 април 2013 година. Дополнително санкциите беа проширувани по воениот удар од 1 февруари 2021 година и континуираната воена и полициска репресија во следните години. Со одлуката за ново продолжување на овие санкции, ЕУ ја реафирмира својата најсилна осуда на воениот удар во Мјанмар и неговите последици и ја изразува својата длабоко загриженост поради континуираната ескалација на насилството и конфликтот во земјата, проследени со репресивни неселективни акции од страна на армијата врз населението, со сериозно кршење на основните човекови права и со непочитување на принципите на правдата и хуманоста. ЕУ ја потврдува својата непоколеблива посветеност на потрагата на народот на Мјанмар за слободна, мирна и демократска иднина, посочува ЕК.

притисни ентер