Променливо облачно, попладне дожд и грмежи

Времето во Македонија денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. 

Времето во Македонија денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец, долж Повардарието повремено ќе се засилува. Попладне локално ќе има развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд и грмежи, особено во југозападните делови.

Утринската температура ќе се движи од 12 до 18 степени, а дневната од 20 до 32 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец.

Утринската температура ќе достигне до 17 степени, а дневната температура до 29 степени.

Во среда и во четврток ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а попладне ќе има изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Од сабота се очекува промена на временската состојба, ќе дува северен ветер и ќе предизвика пад на температурата, а сеуште ќе има локални врнежи од дожд. /МИА

Повторно во функција системот за гранична контрола на аеродромите во Велика Британија

Повторно во функција системот за гранична контрола на аеродромите во Велика Британија, не е пријавен кибер напад.

Автоматизираниот систем за контрола на пасошите повторно работи на аеродромите во Велика Британија, јавија британските медиуми, цитирајќи го Министерството за внатрешни работи.

Како што наведуваат од Министерството, проблемите со системот биле отстранети по полноќ. Нема знаци за кибер напад и не е нарушена граничната безбедност.

Претходно, телевизијата „Скај њуз“ објави дека имало голем дефект во системот за гранична контрола на аеродромите во Велика Британија. Аеродромите „Станстед“, „Гетвик“, „Хитроу“ и „Манчестер“ потврдија дека имаат проблеми со системот.

Естонија ќе дозволи гласање на изборите со мобилни телефони

Граѓаните на Естонија во иднина ќе можат да гласаат на избори преку мобилен телефон, откако Парламентот во Талин го одобри законот предложен од Владата.

Според предлог-законот, електронското гласање нема да биде можно само на компјутери, туку и преку специјални апликации за заеднички оперативни системи на мобилни уреди.

Техничките услови ги утврдува избирачкиот одбор пред секои избори.

Измената на законот треба да стапи на сила во октомври, па опцијата за гласање со мобилен телефон се уште нема да може да се користи на изборите за Европскиот парламент во јуни.

Според естонскиот министер за економија и ИТ, Тиит Риисал, новиот закон има за цел да ја земе предвид промената во однесувањето на граѓаните.

„Значителен дел од секојдневните дигитални активности на луѓето се префрли од компјутери на паметни уреди, а е-Естонија мора да биде достапна за сите на овие нови и широко распространети платформи“, рече министерот.

Во 2005 година, Естонија беше првата земја во Европа што овозможи онлајн гласање на политички избори.

Во балтичката држава, која сака да се нарекува себеси е-Естонија, на парламентарните избори во март 2023 година повеќе од половина од сите гласови беа дигитално дадени.

Граѓаните на таа балтичка држава, исто така, можат да прават речиси сè онлајн во секојдневниот живот.

Естонија се смета за пионер на дигитализацијата и електронската управа во Европа.

Отворени се сите избирачки места во десетте општини во Југоистокот

Сите 273 избирачки места во десетте општини во Југоистокот се отворени утрово во 7 часот, а право на глас во вториот круг на претседателските и парламентарните избори имаат 141.167 гласачи.

Според информациите од општинските изборни комисии гласањето тече во најдобар ред.

Инаку, во Југоисточниот плански регион се гласа во општините Струмица, Радовиш, Василево, Босилово, Ново Село, Конче, Богданци, Гевгелија, Дојран и Валандово.

Вчера гласаа болните и изнемоштените и затвореници од затворите во Струмица и Гевгелија.

притисни ентер