Професорката Јасмина Денковска од кумановската гимназија прогласена за „Просветен работник за учебната 2024/25година, на ниво на средни училишта“ - Канал 5

Професорката Јасмина Денковска од кумановската гимназија прогласена за „Просветен работник за учебната 2024/25година, на ниво на средни училишта“

Денковска има 25 годишно работно искуство. 

Професорката Јасмина Денковска од кумановската гимназија прогласена за „Просветен работник за учебната 2024/25година, на ниво на средни училишта“

Професорката по информатика, информатичка технологија и програмски јазици, Јасмина Денковска од гимназијата „Гоце Делчев“ Куманово е добитничка на признанието „Просветен работник за учебната 2024/25 година за средно образование“ кое го додели Министерството за образование и наука и Сојузот на просветни работници на Македонија, по повод – Светскиот ден на учителите. Денковска има 25 годишно работно искуство. Признанието ќе ѝ биде дополнителна мотивација да продолжи да создавам современа, креативна и инклузивна настава која ќе ги инспирира младите, и со уште поголема енергија, ентузијазам и визија.

- Признанието, доделено од Сојузот на просветни работници, заедно со плакетата од Министерството за образование и наука за постигнати врвни резултати во остварувањето на целите и задачите во воспитно-образовната работа, за мене претставуваат чест и потврда дека вложениот труд, љубовта и посветеноста кон образованието и учениците навистина имаат вистинска вредност. Тие се симбол на признание за сите години исполнети со труд, креативност и искрена љубов кон учениците и професијата. Истовремено, тие се силна ме поттикнуваат и понатаму да се усовршувам, да воведувам иновативни пристапи и активно да придонесувам кон унапредување и развој на квалитетно образование, вели Денковска.

Професорката вели низ годините се соочувала со бројни предизвици, еден од последните бил недостигот на современи и квалитетни учебници и софтвер приспособен за наставните програми по предметите, што често го отежнувал наставниот процес и барал од професорите дополнителен ангажман и креативност. Во вакви услови, таа и нејзините колеги самите создавале наставни материјали и дигитални содржини за да им обезбедат на учениците квалитетно и современо образование.

-Тоа бара многу време и енергија, но воедно отвора можност за иновативност и професионален раст. Со години немаме учебници по информатичка технологија и програмски јазици, а кои според мене се многу важни предмети во денешно време. Голем предизвик претставува и брзиот развој на технологијата, кој бара постојано прилагодување и усовршување на наставниците. Денешните ученици растат во дигитален свет и очекуваат модерни, интерактивни и визуелно привлечни часови. Затоа, задачата на наставниците е да ја интегрираат технологијата на интересен и едукативен начин, преку дигитални алатки, апликации и онлајн ресурси што ќе ја зголемат мотивацијата и вклученоста на учениците, објаснува Денковска.

За неа лично, предизвик низ годините била и потребата да се одговори на различностите меѓу учениците на нивните индивидуални способности, интереси, стилови на учење и социјални околности, да се одговори трпеливо на секој ученик. За Денковска, најголема мотивација е љубовта кон професијата и кон младите луѓе.

- Ништо не носи поголема радост од тоа да се види како ученикот расте, напредува и со текот на времето станува самоуверен и успешен. Секој нивни успех, секоја искрена насмевка и благодарност се потврда дека трудот има вистинска вредност. Ме инспирира и чувството да бидам пример и поттик за да покажам дека знаењето, трудот и истрајноста отвораат врати и создаваат нови можности. Верувам дека образованието е патување на заемно учење, кое ги обликува и учениците и наставниците. Токму предизвиците ме мотивираат постојано да напредувам, да барам нови решенија и да создадам современа, инклузивна и инспиративна средина во која учениците ќе се чувствуваат охрабрени и подготвени за светот што постојано се менува, додава таа.

Покрај редовната настава, професорката постојано работи на создавање и реализирање нови меѓународни проекти преку кои им овозможува на учениците и колегите да се запознаат со начинот на функционирање на образовниот систем во различните европски земји. Преку овие активности тие добиваат можности за размена на идеи, искуства и добри практики со врсници и наставници од други држави, што придонесува за нивен личен и професионален развој. Ништо помалку важно за неа е пренесувањето на вредности што се обидува да им ги всади на учениците искреност, почит, одговорност, упорност и човечност.

- Верувам дека знаењето е важно, но без овие вредности нема вистински успех. Сакам учениците да разберат дека секој труд може да вроди со плод, дека грешките се дел од учењето и дека најважно е да имаат цели и никогаш да не се откажуваат од нив. Ги учам да ја почитуваат различноста, да бидат толерантни, емпатични и да ја ценат соработката. Истовремено, настојувам да развијат љубов кон знаењето, критичко размислување и свест дека образованието не е обврска, туку можност за личен раст и подобра иднина. Мојата цел е да ги подготвам да бидат одговорни, чесни и доблесни личности кои ќе придонесуваат за подобра иднина на сите нас, вели Денковска.

За признанието, додава дека ѝ е важна поддршката од колегите и семејството, објаснувајќи дека ничиј успех не е индивидуален, напротив, зад него стои тимска работа и разбирање од луѓето, колегите со кои разменува идеи решава проблеми, работиме на проекти и секако поддршката од семејството, што овозможува рамнотежа, сигурност и цврста основа потребна за да се постигне траен и вистински успех.

- На образовниот систем најмногу му недостасува системска поддршка за модернизација и практичност во наставата од една страна и мотивација за учениците и за наставниците од друга страна. Најпрво, потребно е поголемо вложување во современи наставни материјали, софтверски решенија и дигитални ресурси, бидејќи наставата мора да се прилагоди на реалноста во која денес живеат младите. Недостигот на ажурирани учебници, лабораториска опрема и интерактивни алатки го отежнува процесот на учење и ја ограничува креативноста на наставниците. Исто така образовниот систем треба повеќе да се насочи кон развивање на практични вештини, критичко размислување и тимска работа, наместо кон механичко меморирање. Учениците треба да учат преку истражување, да работат на проекти и реални примери кои ги подготвуваат за животот и пазарот на трудот. Многу важно е поголемо вреднување и поддршка на наставниците преку континуирани обуки, професионален развој, фер оценување и подобрување на условите за работа, додава Денковска.

Таа порачува дека наставникот е значајна личност во општеството и има непроценлива улога во формирањето на идните генерации и системот не треба да го третира како пренесувач на знаење, туку и ментор, водич и инспирација за младите луѓе, затоа е важна неговата мотивација, посветеност и љубов кон професијата, без која не може да постои квалитетен образовен систем.

- Најуспешни методи во работата со средношколците, според моето искуство, се оние што ги прават активни учесници во наставата, а не само пасивни слушатели. Денешните ученици имаат потреба од динамична, интерактивна и современа настава што поттикнува критичко размислување и соработка. Особено е ефикасен проектно-базираниот пристап и имплементацијата на STEAM концептот во наставата, преку кој учениците истражуваат реални проблеми, комбинираат знаења од повеќе области и создаваат креативни практични решенија. Јас сум ИТ наставник и во наставата активно ја интегрирам технологијата, овозможувајќи им постојано на учениците практична работа на компјутери и користење на современи дигитални алатки. На тој начин наставата станува поинтересна, интерактивна и подинамична, вели Денковска. Нејзина интенција е да продолжи со реализација на меѓународни проекти преку кои учениците ќе можат да учат преку практични активности, да се поврзуваат со свои врсници од други земји и да развиваат дигитални, комуникациски и еколошки вештини. Во иднина, планира да работам на неколку нови проектни идеи поврзани со вештачка интелигенција во образованието, екологија, одржлив развој и дигитална писменост, како и да подготвам нови наставни ресурси кои ќе ги комбинираат технологијата и креативноста.

- На моите колеги просветни работници би им порачала никогаш да не ја изгубат вербата во моќта и силата на образованието како и во значењето на нашата улога во општеството. Нашата професија не е само работа туку е повик, одговорност и привилегија да ја обликуваме иднината преку знаењето и воспитувањето на младите генерации. Би им посакала да останат истрајни, инспирирани и горди на сè што прават секојдневно, на секој совет што го даваат и на секој ученик чиј живот го менуваат на подобро. Во време кога промените се брзи и предизвиците се големи, најважно е да останеме обединети, солидарни и мотивирани, да продолжиме да учиме и да се поддржуваме меѓусебно за подобро образование, заклучува Денковска.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Меѓународен успех на МВР: „Безбеден град“ ја освои наградата за сообраќајна безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи

Министерството за внатрешни работи со проектот „Безбеден град“ го освои првото место во категоријата „Извонредност во сообраќајната безбедност“ на Светскиот полициски самит во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

Меѓународен успех на МВР: „Безбеден град“ ја освои наградата за сообраќајна безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи

Ова значајно меѓународно признание денеска на прес-конференција го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, презентирајќи ги резултатите од примената на системот и постигнатиот напредок во сообраќајната безбедност.

Македонскиот проект беше избран за најдобар во конкуренција со Полицијата на Сингапур, Полицијата на Абу Даби, Управата за патишта и транспорт на Дубаи и полициската служба од индиската држава Махараштра. За наградите на Светскиот полициски самит пристигнале повеќе од 700 номинации од над 60 држави во 13 категории, а изборот на победниците се спроведува преку независно стручно оценување, интервјуа и детална проценка на технолошките и оперативните резултати.

„Кога почнавме со „Безбеден град“, многумина се сомневаа дека конечно ќе профункционира систем за кој со години се зборуваше. Денес имам чест да ви соопштам до каде стигнавме на тој план. Македонија го освои првото место во категоријата за извонредност во сообраќајната безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи“, истакна министерот Тошковски.

Тој нагласи дека ова признание претставува потврда дека и Македонија има капацитет да спроведе современи реформи и да постигне резултати препознаени на меѓународно ниво.

„Знаеме што значи Сингапур кога се зборува за функционална администрација и технолошки развој. Знаеме што значат Дубаи и Абу Даби во примената на технологијата во сообраќајот. Но, ние покажавме дека и Македонија има капацитет да постигне резултат што ќе биде препознаен во светот“, посочи Тошковски.

Министерот потсети дека „Безбеден град“ со години бил проект за кој се зборувало, но не бил целосно ставен во функција. Со спроведените законски измени, дигиталното поврзување на институционалните постапки и воспоставувањето автоматизиран систем за контрола, создадени се услови за доследна примена на сообраќајните правила и еднаков третман на сите учесници во сообраќајот.

Резултатите покажуваат значително намалување на бројот на загинати и тешко повредени лица. Во периодот јануари–октомври 2026 година на македонските патишта загинале 85 лица, наспроти 117 во истиот период од 2025 година и 119 во 2024 година. Тоа се 32 помалку загинати во однос на минатата година, односно намалување од 27,4 проценти.

Истовремено, бројот на тешко повредени лица е намален на 748, наспроти 872 во 2025 година, што претставува 124 помалку тешко повредени, односно намалување од 14,2 проценти.

Особено значајна е споредбата за периодот февруари–октомври, од почетокот на примената на системот, кога бројот на загинати е намален од 108 на 74 лица, односно 34 помалку загинати или намалување од 31,5 проценти.

Тошковски истакна дека овие резултати се постигнати преку заедничкото дејствување на „Безбеден град“, засилените полициски контроли, законските измени и превентивните активности.

„Тие резултати ѝ даваат суштина на нашата кандидатура, затоа што успехот го мериме по намалувањето на опасното возење и тешките последици, а не по бројот на наплатени казни“, нагласи министерот.

Тој потсети дека во последните 15 години на македонските патишта животот го загубиле 2.131 лице, што ја потврдува неопходноста од континуирани и системски мерки за подобрување на сообраќајната безбедност.

Заблагодарувајќи им се на полициските службеници, правните и техничките тимови и на граѓаните за нивниот придонес, министерот порача дека меѓународното признание е дополнителен мотив за натамошно унапредување на системот, проширување на опфатот на ризичните локации и детектирање дополнителни опасни однесувања.

Како долгорочна цел ја посочи „Визија нула“ – сообраќај без загинати и тешко повредени лица, нагласувајќи дека безбедноста на патиштата бара постојани вложувања, подобра инфраструктура, едукација и одговорност од сите надлежни институции.

„Наградата е признание за завршената работа, но одговорноста за она што сè уште не е добро останува исклучиво наша. Додека постои и едно дете кое не може безбедно да премине улица, нашата работа не е завршена“, порача Тошковски.

Официјалното доделување на признанието е предвидено за 18 ноември 2026 година во Дубаи.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кристи Мекормик номинирана за нова амбасадорка на САД во Македонија

Американскиот претседател Доналд Трамп ја номинираше Кристи Мекормик за нова амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Македонија, соопшти Белата куќа.

Кристи Мекормик номинирана за нова амбасадорка на САД во Македонија

Мекормик не доаѓа од редовите на традиционалната дипломатска служба, туку е долгогодишна правничка и специјалистка за изборно право со меѓународен теренски ангажман. Нејзиниот избор носи поинаков профил на чело на амбасадата на Кале, каде што фокусот на Вашингтон природно се насочува кон владеењето на правото и институционалната функционалност.

Кристи Мекормик минала речиси дванаесет години во американската Комисија за помош при изборите (EAC), институција независна од партиските тела што поставува технички стандарди и ја гарантира веродостојноста на гласачките процеси во САД.

Таа била именувана за комесарка во декември 2014 година и ја извршувала функцијата сè до јули 2026 година, период во кој повеќепати застанала на претседателското место на комисијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Специјалниот“ Жозе Мурињо прогласен за тренер на месец октомври во Ла Лика

Шефот на стручниот штаб на фудбалскиот клуб Реал Мадрид, Жозе Мурињо, денес беше прогласен за најдобар тренер во шпанската Ла Лига за месец октомври.

„Специјалниот“ Жозе Мурињо прогласен за тренер на месец октомври во Ла Лика

Португалскиот стратег, „Специјалнио“ Жозе Мурињо го доби ова признание благодарение на одличните резултати што Кралевите од Мадрид ги постигнаа во текот на изминатиот месец.

Во октомври, „кралскиот клуб“ одигра три натпревари во првенството и забележа исто толку победи.

Реал прво го совлада Виљареал со 1:0 на домашен терен, потоа беше убедлив против Севиља (4:1), а месецот го заокружи со голем триумф во „Ел Класико“, каде што како гостин го победи најголемиот ривал, Барселона со 2:1.

На тој начин, Мурињо го водеше тимот од Мадрид низ октомвриските предизвици со максимален учинок и сосема заслужено ја доби наградата за тренер на месецот.

Инаку, Реал Мадрид продолжи со добрите резултати и во меѓувреме, бидејќи пред два дена, во рамките на 12-тото коло од Ла Лига, славеше на гостувањето кај Валенсија со резултат 3:0. Екипата од Мадрид моментално се наоѓа на второто место на табелата, со три бода помалку од лидерот Барселона.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер