Проектот Ветерен Парк Богданци вреден 37,6 милиони евра влегува во финална фаза на реализација - Канал 5

Проектот Ветерен Парк Богданци вреден 37,6 милиони евра влегува во финална фаза на реализација

 АД ЕСМ (Електрани на Македонија) и Siemens Gamesa Renewable Energy (SGRE) денеска потпишаа клучни договори за реализација на проектот Ветерен Парк Богданци – втора фаза. 

Проектот Ветерен Парк Богданци вреден 37,6 милиони евра влегува во финална фаза на реализација

Ова стратешко партнерство ќе го зголеми капацитетот на обновлива енергија и ќе ја зајакне енергетската независност на државата. Проширувањето на ветерниот парк претставува значајна инвестиција во енергетската инфраструктура на обновливи извори во Македонија, соопшти АД ЕСМ.

Вкупната финансиска рамка изнесува 37,6 милиони евра. Оваа сума е обезбедена преку комбинација од поволен заем од KfW Развојна банка (25,7 милиони евра), грант од ЕУ преку Инвестицискиот Рамковен Фонд за Западен Балкан (WBIF) (приближно 8,9 милиони евра) и сопствени средства на АД ЕСМ во износ од 3 милиони евра.

Договорите беа потпишани од Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ и Стјепан Черкез од виенската канцеларија на SGRE, а присуствуваа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и амасадорката на Германија Петра Дрекслер.

Министерката Божиновска истакна дека „овој проект претставува моќен симбол за тоа што може да се постигне преку стратешко партнерство, доверба и заедничка визија за позелена и поотпорна иднина“.

- Тој ја зајакнува нашата национална посветеност кон забрзување на енергетската транзиција, зголемување на капацитетите за обновлива енергија и зајакнување на енергетската независност на нашата земја, оцени Божиновска.

Германската амбасадорка Дрекслер изјави дека Германија, ЕУ и Северна Македонија се обединети за одржлива и јаглеродно-неутрална енергетска иднина.

- Проширувањето на ветерниот парк Богданци во соработка помеѓу германската развојна банка КфВ, ЕУ ВБИФ и ЕСМ е уште една илустрација на нашето континуирано силно партнерство. Енергијата од ветер се издвојува како една од најчистите енергетски извори поради нејзината нула-емисиона работа и исклучително нискиот јаглероден отпечаток низ целиот животен циклус, рече Дрекслер.

Штефен Худолин, раководител на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, истакна дека Европската Унија со својата финансиска и институционална поддршка ги претвора денешните енергетски предизвици во идни пробиви на чиста енергија.

- Инвестицијата на ВБИФ во фазата 2 на ветерниот парк Богданци, со грант од 9 милиони евра, е доказ за долгорочната заложба и партнерство, како со КфВ така и со Владата, поддржувајќи ја Северна Македонија во забрзувањето на нејзината зелена енергетска транзиција. Ова е модел на успешно партнерство во рамки на Зелениот договор, а проширувањето претставува значаен чекор на патот на Северна Македонија кон декарбонизација на енергијата и регионална климатска отпорност, кажа Худолин.

Генерален директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев посочи дека во согласност со утврдената временска рамка на проектот, подготвителните теренски активности и изградбата на потребната инфраструктура за прием, монтажа и приклучување на ветерните турбини кон електроенергетската мрежа ќе започнат ова лето. Овој процес треба да биде завршен за 13 месеци, по што ќе започне завршната фаза на монтажа на ветерните турбини, која се очекува да заврши во текот на летото 2027 година.

Пабло Обрадор, раководител на Енергетскиот оддел при КфВ, рече дека енергијата од ветер е незаменлива во современиот енергетски микс. Таа нуди пат кон почист воздух, намалени емисии на стакленички гасови, енергетска независност, економски раст и долгорочна одржливост. Од 2014 година, ветерниот парк Богданци стана пример дека енергијата од ветер може да игра многу важна улога во напорите за зелена транзиција и јаглеродна неутралност, посочи Обрадор.

Стјепан Черкез, SGRE - Раководител на продажба за Источна Европа, Блискиот Исток и Турција, пак, изрази благодарност до Владата, АД ЕСМ и КФВ за укажаната доверба и најави дека по успешно реализираната прва фаза од проектот за Ветерниот парк Богданци, со еднаква посветеност и успех ќе ја завршат и втората фаза.

Втората фаза предвидува изградба на четири ветерни турбини, секоја со капацитет од 3,4 MW. Ова проширување значително ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија и ќе ја зајакне стабилноста на енергетскиот систем на државата. Оваа инвестиција ќе го зголеми инсталираниот капацитет на ветерниот парк за дополнителни 15 MW, со очекувано годишно производство од 46 GWh електрична енергија – што е доволно за задоволување на потребите на околу 6.000 домаќинства. Вкупно, над 22.000 домаќинства ќе добијат посигурно и одржливо снабдување со електрична енергија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Колекционерско издание на „GTA 6“: За 400 долари добивате сè освен самата игра

Ако се суди според огромната возбуда околу „Grand Theft Auto VI“, брзо се приближуваме кон еден од најголемите настани во светот на видеоигрите во последните неколку години.

Колекционерско издание на „GTA 6“: За 400 долари добивате сè освен самата игра

Новата „GTA“ ветува враќање на сè што ги направи автомобилите клучен дел од серијалот – од брзи потери и трки до уште подетални опции за прилагодување на возилата. Сето ова доаѓа со препознатливата мешавина од криминал, хаос и судири со законот, по кои станаа познати „Rockstar Games“.

Сепак, иако очекувањата се огромни, најновата одлука на „Rockstar“ може да разочара дел од фановите.

Компанијата претстави колекционерско издание насловено „The Goodtime State - Vice City Collection“, со висока цена од 399,99 долари. Проблемот е што во пакетот недостасува најважниот елемент: самата игра.

Што добивате?

„Rockstar“ ја претставува колекцијата како луксузен пакет со предмети за колекционери, инспириран од светот на „Vice City“. Таа содржи разновидни предмети, вклучувајќи очила за сонце „Oakley“, налепници, значки и мапа на Леонида – измислениот регион во кој се одвива дејството на „GTA VI“.

Купувачите добиваат и бејзбол капа, фигура на маскотата на „Vice City“, чашка за жесток пијалак, торба за носење преку тело, приврзок за клучеви, стапче за мешање коктели и магнетно огледало.

Иако колекцијата е очигледно наменета за сериозни колекционери, во кутијата нема да го најдете најважниот предмет: „GTA VI“.

За самата игра, ќе треба да издвоите дополнителни 79,99 долари за стандардното издание или 99 долари за „Ultimate“ верзијата. Тоа значи дека купувачот што го сака целиот пакет ќе мора да плати речиси 480 или 500 долари, во зависност од изданието на играта.

„GTA VI“ без физички диск

Колекционерскиот сет пристигнува во време кога „Rockstar“ веќе предизвика реакции со одлуката „GTA VI“ да биде првиот голем AAA наслов на компанијата без традиционално издание на физички диск.

Играта ќе биде достапна дигитално преку продавниците на „PlayStation“ и „Xbox“, додека физичките примероци во продавниците ќе содржат само код за преземање. Оваа одлука предизвика негативни реакции во дел од гејмерската заедница. Извршниот директор на „Take-Two Interactive“, Штраус Зелник, го бранеше овој пристап, тврдејќи дека физичките дискови веќе немаат голема смисла за потрошувачите.

Ситуацијата е особено интересна за колекционерите. Тие сега можат да потрошат речиси 400 долари за кутија полна со предмети поврзани со играта, а сепак да не ја добијат самата игра во таа кутија.

„Rockstar“ има направено нешто слично и претходно

Сепак, ова не е првпат „Rockstar“ да продава колекционерска кутија без самата игра. Компанијата направи сличен потег во 2018 година со „Red Dead Redemption 2“, изданието „Collector's Box“ објавено тогаш, исто така, не содржеше примерок од играта.

Разликата, сепак, беше во цената. Таа колекционерска кутија чинеше 99 долари – помалку од една четвртина од цената на новата „Vice City Collection“. Денес, оригиналните колекционерски кутии за „Red Dead Redemption 2“ можат да се најдат на „eBay“ по цени што надминуваат 700 долари, што покажува дека вредноста на ваквите производи може да порасне кај колекционерите со текот на времето.

Сепак, останува фактот дека фановите на „GTA VI“, кои ги сакаат и колекционерските предмети и самата игра, ќе мора да ги купат одделно.

Со цена од речиси 400 долари само за колекционерските предмети, „Rockstar“ очигледно цели кон најпосветените фанови на серијалот и кон колекционерите кои се подготвени да платат висока цена за предмети поврзани со еден од најочекуваните наслови во историјата на видеоигрите.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Многу те сакам“: Лука Модриќ им ги разнежни срцата на фановите со нова објава

Лука Модриќ преку социјалните мрежи ѝ го честиташе деветтиот роденден на својата најмлада ќерка, Софија.

„Многу те сакам“: Лука Модриќ им ги разнежни срцата на фановите со нова објава

По тој повод, хрватскиот фудбалер сподели неколку фотографии на кои се заедно, придружени со кратка и емотивна порака.

На една од фотографиите, таткото и ќерката се насмеани додека позираат заедно, додека другите прикажуваат опуштени моменти од семејниот живот. На пример, на една фотографија се гледа како Софија седи на рамениците на татко ѝ, а на друга Модриќ ѝ помага да си ја исуши косата.

„Среќен роденден на мојата прекрасна и многу посебна мала принцеза! Многу те сакам!“, напиша Модриќ.

Најмладото од трите деца

Софија е најмладото дете на Лука и неговата сопруга, Вања Модриќ. Покрај неа, тие имаат син, Иван, и ќерка, Ема. Лука и Вања стапија во брак во 2010 година, а една година подоцна ја прославија и црковната венчавка во Загреб.

Модриќ честопати преку социјалните мрежи ги одбележува важните моменти од животот на своите деца, особено нивните родендени. Неговото семејство често го придружува на фудбалски настани. Сопругата и децата честопати го бодреле од трибините за време на клучни натпревари и му се придружувале во прославите по големите победи.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Нов потег на Путин: Русите вежбаат со Кинезите, пристигна нуклеарно предупредување

Рускиот претседател Владимир Путин вчера присуствуваше на воена вежба на планините Урал, во која учествуваа војници од Кина и од неколку други земји.

Нов потег на Путин: Русите вежбаат со Кинезите, пристигна нуклеарно предупредување

Путин го посети воениот полигон во регионот Чељабинск за да ја следи завршната фаза од вежбата „Центар-2026“. Вежбата се одржа во склоп на вежбата „Интеракција-2026“, спроведена од членките на Организацијата на Договорот за колективна безбедност – безбедносен сојуз предводен од Москва, составен од неколку поранешни советски републики.

Путин изјави дека 47.000 војници учествуваат во вежбата „Центар-2026“, вежбајќи одбивање напади на 11 полигони и во Каспиското Море. Вежбата започна во понеделникот, а завршува денес.

Путин предупреди дека нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје за одбрана на Калининград.

„Околу 6.000 војници од Русија и од други земји учествуваа во завршната фаза на полигонот Чебаркул“, рече Путин.

YouTube video

Тој додаде дека делегации од 55 земји учествувале како набљудувачи.

Според извештаите на руските медиуми, во вежбата учествуваат воени единици од Белорусија, Киргистан и Таџикистан, заедно со војници од Кина, Монголија и Пакистан. За време на посетата, Путин изврши увид во различни видови вооружување, вклучително и новите беспилотни летала „Геран“ на млазен погон, кои руската војска ги користи во нападите врз Украина.

Посетата на Путин уследи еден ден откако Русија го предупреди НАТО дека нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје за одбрана на Калининград, доколку некоја членка на воениот сојуз се обиде да ја отсече таа руска ексклава на западот на земјата од остатокот на Русија.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер