Проект за алтернативно производство на биодизел од тутунот

Македонија во соработка со италијански експерти почна проект за употреба на тутунот за биодизел гориво. Како што беше речено на денешната средба во Институтот за тутун, ова е резултат на барањето на Светската здравствена организација за намалување и пренамена на површините со тутун.

- Тутунот има алтернативи и затоа, заедно со Министерството за земјоделство, се залагаме површините да се задржат. Пушењето е штетно, но не и тутунопроизводството. Постојат можности и бараме начини за негова поинаква употреба, изјави Васко Ристески од Стопанската комора на Македонија.

Проектот наречен ЕЛ-84 е македонско - италијански и предвидува употреба на тутунот за биодизел гориво. Треба да биде готов до јуни годинава по што експертите ќе работат на студијата и на резултатите. Италијанците имаат искуство во оваа област.

Според Филипо Моцариол од Унијата на стопански комори од Венето, Италија, целото растение на тутунот нуди можности да се искористи алтернативно.

- Треба да се добијат податоци и резултати какви се приносите од овој најпознат производствен регион за тутун во Македонија, потоа ќе видиме и каква е исплатливоста за производство на масло или биодизел гориво. Се отворија можностите за искористување на целото растение како база за долгорочна исплатливост, рече Моцариол.

Во Прилепско годишно се произведуваат околу 12.000 тони ориентален тутун, а италијанските искуства се впечатливи кога се во прашање истражувањата и производството на масло од тутунскиот лист.

- Во средината на минатиот век во Италија почна првото производство на масло од листовите на тутунот. Целото растение може да се употребува алтернативно, истакна Лујиза Делпјано од Институтот за истражувања и развој од италијанската област Кампања.

Во Институтот за тутун престојуваше италијанска делегација од Унијата на стопански комори од Венето, од Институтот од Наполи и од Стопанската комора на Македонија. Италијанските стручњаци се сретнаа со надлежните од Институтот и со локалните власти за можностите за алтернативно производство и употреба на тутунот за биодизел гориво. /МИА

Терзиќ: Можевме да победиме со поголема разлика

Тренерот на Борусија Дортмунд, Един Терзиќ е задоволен од победата над ПСЖ синоќа со 1:0 во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите, иако смета дека разликата можеше да биде и поголема.

- Ова е заслужена победа, добра тимска игра. Можевме да постигнеме повеќе голови, исто како и тие. Затоа, од моја гледна точка, резултатот не е лош. Многу се движевме, но тоа е неопходно во ваков натпревар. Мора да се стекнеме со право да играме на „Вембли“. За тоа ни треба само реми во реваншот, но секако дека сакаме и да победиме следната недела. Имаме мала предност и добра можност, изјави Терзиќ за сајтот на УЕФА.

Реваншот ќе се игра на 7 мај во Париз.

Другата полуфинална двојка во елитното фудбалско натпреварување е Реал Мадрид – Баерн Минхен (2:2 прв натпревар). /МИА

Синер: Морав да се повлечам од турнирот во Мадрид

Италијанскиот тенисер Јаник Синер објасни зошто решил да се повлече од турнирот во Мадрид.

Во четвртфиналето на Мастерсот требаше да игра со Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим, кој сега автоматски се пласираше во полуфиналето, каде што ќе игра со победникот од двојката Данил Медведев - Јиржи Легечка.

- Многу е тажно да го пропуштам мојот следен натпревар овде во Мадрид. Колкот ме мачи оваа недела и болката постепено се влошува. Следејќи ги советите на лекарите, решивме дека е подобро да не играме понатаму. Во текот на следните неколку дена ќе спроведам други тестови и ќе ги следам советите на специјалистите за закрепнување. Ви благодарам за поддршката, напиша Синер на социјалните мрежи.

Оваа сезона 22-годишниот Италијанец освои три турнири - Австралија опен, како и турнирите во Ротердам и Мајами. /МИА

Блинкен го повика Хамас да се согласи за примирје за да им помогне на луѓето во Газа

Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

Највисокиот американски дипломат Антони Блинкен го повика Хамас да го прифати планот за примирје во Газа и покрај израелското предупредување дека армијата ќе продолжи да се бори против палестинската милитантна група по каков било прекин на огнот.

Посредниците предложија договор за примирје со кој би се запреле борбите на 40 дена и би се размениле заложници.

Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

„Хамас треба да каже „да“ и треба да го заврши тоа“, рече Блинкен синоќа додека беше во Израел на својата седма турнеја на Блискиот исток од почетокот на конфликтот во октомври.

Тој подоцна додаде: „Ако Хамас всушност тврди дека се грижи за палестинскиот народ и сака да види итно олеснување на неговото страдање, треба да го прифати тој договор“. /МИА

притисни ентер