Според новата фискална стратегија на Министерството за финансии 2019-2021 година, јавниот долг во 2020-тата предвидено е да се зголеми за 7 проценти во однос на 2017 година.
Јавниот долг лани изнесувал 47,6 отсто од БДП или близу 4,8 милијарди евра, а според проценките, би се зголемил за дополнителни 600 милиони евра во 2021 година.
Како ќе се обезбедат парите, во стратегија не пишува, но со оглед на сумата, најверојатна опција е нова еврообврзница.
Од министерството за финансии уверуваат дека нивото на долгот е одржливо и умерено.
-Парите ќе се користат за финансирање на буџетските дефицити на среден рок, отплата на долгови, инвестициите во патната инфраструктура и за изградба на капитални проекти.
Во 2020 и 2021 година редовно ќе достасаат еврообврзниците издадени од 2014 година и 2015 година во износ од 678 милиони евра и втора рата од заемот на Светска банка од 155 милиони евра. Јавниот долг на среден рок ќе има умерен пораст, без да ја загрози одржливоста на долгот, стои во стратегијата.
Со стратегија е предвидено и перманентно зголемување на буџетот.
Тој годинава е речиси 3,5 милијарди евра, а во 2021 година, предвидено е да надмине 4 милијарди. сепак, прогнозите на владата се оптимистички - дека тој ќе се полни пред се од растот на економија, предвиден на ниво од 5 проценти од БДП, со дефицит не поголем од 2 проценти.