Продолжуваат консултациите за Законот за Јавно обвинителство

 Во текот на денов ќе продолжат билатерални средби со претставниците на пратеничките групи на кои се разгледуваат нивните амандмани за законот за јавно обвинителство, потврдија за МИА од Министерството за правда.

Од Министерството информираат дека целта на тие средби е обезбедување консензус и двотретинско мнозинство.

По последната средба на работната група во петокот, некои пратенички групи викендов доставиле амандмани за Законот за Јавно обвинителство, а некои замолиле за дополнително време за да ги формулираат заради обврските што ги имаа со Жан Моне дијалогот.

Доналд Трамп најави правни мерки против автори на филм за неговиот живот

Новиот филм за Доналд Трамп, „Приправник“ (The Apprentice) вчера ја имаше својата светска премиера на Канскиот филмски фестивал, привлекувајќи главно добри оценки од критичарите, но и закани за правни последици од поранешниот претседател на САД.

Филмот е издаден додека судењето на Трамп во Њујорк сѐ уште трае, како и во пресрет на претседателски избори во САД во ноември. Насловот за филмот е преземен од натпреварувачкото бизнис-реално шоу на Трамп, додека тој беше познато ТВ-лице, но приказната почнува во 1980-тите.

Авторот - иранско-данскиот режисер Али Абаси претставува неколку брутални настани што наводно се случиле зад затворени врати. Во една од сцените, Трамп ја силува Ивана. Директорот за комуникации на кампањата на Трамп, Стивен Чеунг изјави дека ќе бидат преземени правни дејствија за „лажните тврдења“ од филмаџиите.

- Ова ѓубре е чиста фикција којашто ги сензационализира лагите што одамна се разоткриени. Ова е мешање во изборите од страна на холивудските елити, кои знаат дека претседателот Трамп повторно ќе ја преземе Белата куќа и ќе го победи нивниот избраник бидејќи ништо што тие направиле - не функционирало, нагласи Чеунг.

Како одговор, Абаси рече пред новинарите во Кан: - Тимот на Доналд треба да почека, прво нека го погледнат филмот пред да почнат да нѐ тужат.

Премиерата на „Приправник“ на францускиот Филмски фестивал се одржа во денови кога на Трамп сѐ уште му се суди на Менхетен. Тој, патем, одрече дека фалсификувал извештаи за да ја прикрие исплатата кон порноѕвездата Сторми Даниелс во врска со наводните сексуални средби. /МИА

Обвинителството поведе истрага против две лица за примање награда за противзаконито влијание

По претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчера во попладневните часови МВР реализираше акција во која од слобода е лишен активен врховен судија.

Врз основа на доставеното Известување од МВР, БЈБ, Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.

Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот.

Предметниот обвинител, вчера вечер покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд кој ужива имунитет, а кој е фатен in flagranti во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка.

Прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, додека во однос на второосомничениот до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи, соопшти Обвинителството.

Чешката полиција обвини 14 лица за шверц на луѓе од Турција

Чешката полиција соопшти дека обвинила 14 лица за шверц на најмалку 2.000 луѓе во Европа, главно од Турција од 2021 година.

Тие се во притвор и ќе се соочат со 16 години затвор доколку бидат осудени, изјави Јарослав Ибехеј, портпарол на одредот за организиран криминал, на веб-страницата на чешката полиција.

„Полицијата проценува дека групата заработила најмалку два милиони евра од нивните активности“, додаде тој.

Групата ги носела мигрантите во Чешка и други земји од Европската унија. Ибехеј рече дека полицијата запленила околу 40.000 долари во готовина, два автомобили и една куќа. /МИА

притисни ентер