Продолжуваат борбите во Газа- убиени се 200 Палестинци, сирени за тревога во јужен Израел

По еднонеделното примирје, Израел денеска изврши нови напади врз Појасот Газа. 

Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас, соопшти дека речиси 200 Палестинци се убиени од прекинот на привременото примирје меѓу Израел и палестинската група, објавува британски „Гардијан“.

- Ги гаѓаме воените цели на Хамас низ појасот Газа, изјави портпаролот на Изралеските одбранбени сили Џонатан Конрикус.

Палестински извори, пак, соопштија дека по прекинот на примирјето и продолжувањето на непријателствата, вооруженото крило на Хамас добило „наредба да продолжи да се бори“ и да „го брани Појасот Газа“.

„Тајмс оф Израел“ пренесува дека изутринава се огласиле сирените за воздушен напад во пограничните населби Холит и Суфа на југот на Израел. Досега нема извештаи за повредени или материјална штета.

Жестоки борби се водат во јужниот дел на Газа. Во текот на ноќта израелската армија извршила опсежни операции против Хамас и други вооружени групи во Газа, а борби се водат во јужниот дел на палестинската енклава, јавуваат израелските медиуми. Копнени борби им и во областа Кан Јунис, каде, според разузнавачките податоци, има членови на раководството на Хамас. Военото радио „Канал 12' извести дека израелските сили дејствуваат и во градот Газа и Беит Лахија, во северниот дел на Газа.

Во Јагодина ќе се одржи првиот собир на новото движење на Вучиќ

Првиот собир на движењето, чие формирање претходно го најави српскиот претседател Александар Вучиќ, ќе се одржи в петок, 24 јануари во Јагодина, јави српската агенција БЕТА.

Вучиќ на социјалните мрежи најави дека ќе биде поведена кампања на разговори и претставување на луѓето кои ќе го сочинуваат движењето.

- Ќе има многу тешки обврски и многу важни работи за Србија во Давос, но со нетрпение очекувам да разговарам со граѓаните на Србија, веднаш по моето враќање од Швајцарија. Прва голема средба и ги поканувам луѓето од Поморавље и Шумадија во Јагодина, в петок на 24 јануари, претпоставувам во 17 часот. Повелете и едвај чекам да се видиме, наведе Вучиќ.

Вонреден инспекциски надзор во прилепската болница по смртта на новороденчињата близначиња

Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов потврди дека издал налог за вонреден инспекциски надзор во прилепската болница за случајот со двете новороденчиња близначиња кои починаа пред четири дена.

-Издадов налог и денеска ќе се изврши вонреден инспекциски надзор во болницата. Ќе се проверува сета документација врзана со новороденчињата. Се надевам дека во текот на утрешниот ден ќе имаме извештај за надзорот на инспекторатот, рече Лазов.

Јавниот обвинител при прилепското основно јавно обвинителство Стевчо Биноски ја побарал документацијата од болницата и од службата на Итната помош која интервенирала во семејниот дом во прилепското село Славеј од каде било пријавено дека бебињата се во тешка здравствена состојба и била побарана лекарска помош.

-Се чека наодот од обдукцијата на бебињата. Ја очекувам и медицинската документација од болницата и од службата за итна помош за потоа да побарам искази, рече Биноски.

Од Центарот засоцијални работи информираа дека нивна екипа и денеска го посетила семејниот дом на младите родители во Славеј за да видат во какви услови е домаќинството каде сега се другите три деца на младата брачна двојка.

Бебињата, машко и женско се родиле на 30 декември во прилепската болница како недоносени, во 34 гестациска недела и со тежина помала од два килограми. Како што информираа од Болницата, на 10 јануари мајката, на своја одговорност, заминала со бебињата од болницата кои биле во добра општа состојба. Во четвртокот родителите повикале Итна помош зашто бебињата биле во тешка здравствена состојба. Едното бебе, машко, починало во домот, а другото во прилепската болница. Лекарите се обидувале да го реанимираат и да го затоплат, но безуспешно.

-На 16 јануари во 10,45 часот, на одделот за детски болести е донесено женското новороденче во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување. Според достапните информации, машкото новороденче е претходно починато дома од истата причина. По приемот на женското новороденче, веднаш е преземена интензивна медицинска интервенција. Извршена е реанимација, новороденчето е интубирано, поставено во топли ќебина и применети се дополнителни мерки за затоплување. И покрај сите преземени обиди од страна на медицинскиот персонал, состојбата продолжи да се влошува. Во 13 часот, за жал, е констатирана смртта на женското новороденче, известија во петокот од Болницата за трагичниот случај.

Извештајот од вонредниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе го очекува и основното јавно обвинителство.

Русин со лажен пасош украл 190.000 евра од туѓа сметка

 Во Санкт Петербург, Русија, уапсен е маж осомничен дека украл 20 милиони рубљи (околу 190.000 евра) од сметка во Москва, со лажен пасош, соопшти денеска портпаролката на руското Министерство за внатрешни работи, Ирина Волк.

„Осомничениот ја искористил својата физичка сличност со сопственикот на сметката за да украде пари... Осомничениот прво извадил лажен пасош со своја фотографија и туѓите лични податоци, а потоа од мобилниот оператор на кого му го покажал лажниот документ побарал дупликат од СИМ-картичката што наводно ја изгубил“, напиша Волк на „Телеграм“.

Според наводите, против уапсениот е поведена кривична постапка.

Таа посочи дека осомничениот потоа користел мобилна апликација за да ги добие потребните информации за банкарските сметки и од нив подигнал околу 20 милиони рубљи. Потоа, се наведува, им ги испраќал парите на своите соучесници.

притисни ентер