Продале сѐ за да живеат на крузер:Други им готват и чистат за да се чувствуваат како „богаташи“ - Канал 5

Продале сѐ за да живеат на крузер:Други им готват и чистат за да се чувствуваат како „богаташи“

Животот на оваа брачна двојка за некои е сон.

Продале сѐ за да живеат на крузер:Други им готват и чистат за да се чувствуваат како „богаташи“

Моника Брзоски и нејзиниот сопруг Џорел Конли решија да го продадат речиси целиот свој имот, да ја отфрлат секојдневната рутина „од девет до пет“ и станаа крстосувачи кои живеат исклучиво на брод.

И нивните животни одлуки се сведуваа на тоа - дали тој ден да уживаат во базените на океанскиот брод или можеби сепак да останат во спа центарот.

- Сите оброци ни ги готват готвачите, а персоналот ни ги менува чаршафите - се фали Брзоска (32), поранешна учителка од Мемфис, Тенеси, пренесува „NY Post“:

- Не сум влегла во кујната, ниту сум користела машина за перење една година. Не, јас не сум милионер. Само живеам со полно работно време на бродови за крстарење.

Меѓутоа, додека плови на егзотични песочни локации, додека персоналот ја задоволува секоја нејзина потреба - за многумина изгледа како остварување на сонот, оваа жена признава дека животот на вода понекогаш може да биде предизвик.

- Има предизвици, се разбира - признава таа: - Ни недостигаат нашите семејства, но знаеме дека можеме да одиме дома ако има итен случај.

Дури, уште повеќе, семејната криза беше нешто што го инспирираше ова дуо пред две години да тргне на постојано патување околу светот.

- Очајно сакав да го видам светот - рече Брзоска: - Кога на татко ми Анджеј, кој сега има 68 години, му беше потребна трансплантација на црн дроб во август 2022 година, мајка ми Лучина (60) ми рече: „Не чекај да се пензионираш, исполни ги твоите соништа. Направи го тоа сега“.

Со благослов на нивните родители рекоа „чао“ за обичниот живот и се упатија кон луксузен брод.

- Веќе имавме резервирано еднонеделно крстарење по Карибите за март 2023 година - ја продолжува својата приказна Брзоска: - Но, наместо да се вратиме, решивме да продолжиме со нови последователни резервации на луксузни крстарења, сѐ додека можеме да си го дозволиме тоа.

Потоа седнале и внимателно ги пресметале сите трошоци и на крајот успеале да го дизајнираат својот живот на бродови за крстарење - за помалку од 10.000 долари годишно.

- Сместувањето, храната и забавата секако се вклучени - па ни остана само - да ги потрошиме парите - објаснува Брзоска.

Таа и Конли (36) најпрво отпатувале во Мексико, Белизе, Гранд Кајман и Костарика, што им овозможило да добијат огромни попусти на нивните идни патувања.

- Добивме пристап до некои неверојатни понуди - вели оваа жена: - Ако ги избравме најевтините кабини, можевме да заштедиме осум месеци крстарења за 9.989,19 долари. Некои патувања ги плативме во целост, други со депозит.

За да се одржи постојан проток на готовина, овие луѓе ја издаваат својата куќа со три спални соби во Мемфис. Ова им овозможило да го напуштат животот на копно и да го доживеат она што тие го нарекуваат „ослободително“ искуство.

- Порано секогаш имаше планови, саатници, готвење и чистење. Но, сето тоа сега го нема - истакнува таа и додава дека наместо да биде зафатена со работа и домашни работи, деновите ги поминува уживајќи во занаетчиските активности, играјќи квизови со тривијални прашања и смеејќи се на стенд-ап емисиите што ги нудат на бродот.

Нејзиниот сопруг, во ова време, претпочита да ужива гледајќи телевизија и да разговара со своите придружници во барот.

И како оваа промена влијаеше на нивниот брак?

-Без секојдневните животни стресови, ретко се каравме - открива Брзоска: - Но секогаш зборувавме за тоа дека ни треба повеќе време за да поминеме заедно.

Вечните туристи сега имаат „љубовна средба“ еднаш неделно, за што секогаш ги избираат најелегантните ресторани на бродот на кој се наоѓаат во тој момент. Мора да се признае, прилично е тешко да се расправате додека се обиколувате некои од најневеројатните места во светот.

Откако испловија, овие авантуристи посетиле десетици земји, вклучувајќи ги Фиџи, Јапонија и Грција. Во текот на изминатата година, тие биле на дури 36 последователни крстарења, честопати се симнувале од еден брод само за веднаш да се качат на друг во истото пристаниште.

И тие се далеку од единствените кои го прават тоа. И Марсел Поп (33) и Вендула Закова (31) неодамна ја напуштија работата за да го истражуваат светот заедно само два дена откако се сретнаа на одмор во Виетнам. И Њујорчаните Мет Робертсон и Кани Ли ги отфрлија оковите на обичниот живот на третиот состанок и тргнаа на патување во Костарика, кое го опишаа како „надреално искуство“.

- Во нашиот стар живот имавме „моменти“ кои ги нарекувавме „светла“, кога сè ни изгледаше магично и убаво. И сега се чувствуваме како цел живот да ни „блеска“. И тоа е навистина остварување на сонот - заклучува Брзоска.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Тврдењата дека маскирани лица го привеле јутјуберот Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе, се лажни.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Ова е утврдено по истрагата спроведена од Вишото јавно обвинителство во Белград и службеници од полициската станица „Савски венац“. Претходно, на профилот на Илиќ на Инстаграм се појави објава во која се тврди дека маскирани лица го однеле од неговиот стан.

Илиќ ѝ објаснил на полицијата дека ја објавил таа информација како дел од снимањето на видео кое планира да го објави на својот Јутјуб канал.

Поради ширење паника преку лажни информации на Инстаграм, против него ќе биде поднесена кривична пријава до Посебното одделение за високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград. Пријавата се однесува на кривичното дело предизвикување паника и неред.

Што содржеше објавата

На профилот на Илиќ на Инстаграм беше објавено соопштение од неговиот тим, во кое се тврди дека тој бил приведен околу 06:00 часот наутро. Во објавата, потпишана од „Тимот на Бака Прасе“, исто така се наведува дека за ситуацијата бил известен и неговиот адвокат.

Неговите соработници спомнаа и наводна поврзаност со „Алта банка“, тврдејќи дека Илиќ се доведува во врска со сомневања за перење пари. Оваа информација не е потврдена.

Обвинителството нареди истрага

Вишото јавно обвинителство во Белград претходно ѝ наложи на полицијата итно да ги провери тврдењата дека маскирани лица го однеле Илиќ од неговиот стан. Полициските службеници требаше да ја проверат информацијата на терен и да преземат други неопходни мерки за да утврдат што се случило. По извршените проверки, обвинителството и полицијата утврдија дека наводите се лажни.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Фридрих Мерц изјави дека Германија се соочува со тест за својата посветеност кон заштитата на еврејската заедница.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Тој ја опиша глетката на градинки и синагоги, чувани од вооружена полиција зад стакло отпорно на куршуми, како „ужасна“, пренесува Ројтерс.

Мерц го изјави ова во говор во синагога во Минхен, на годишнината од „Кристална ноќ“ (Kristallnacht) во 1938 година – настан што послужи како вовед во Холокаустот и истребувањето на повеќе од шест милиони европски Евреи, спроведено од нацистите. Тој истакна дека антисемитизмот станал „распространет“.

„Го гледаме и го слушаме на нашите улици, во нашите градови, во градовите на нашите европски соседи и ширум светот – во парламентите, клубовите и училиштата“, рече Мерц. „Токму затоа, ова е момент на вистината за паролата ’Никогаш повеќе‘, на која толку често се повикуваме“, додаде тој.

Тој вети дека неговата влада ќе стори сè што е во нејзина моќ за да го заштити еврејскиот живот, како во Германија, така и во странство. Исто така, ја потврди долгогодишната поддршка на Германија за Израел, нагласувајќи дека тоа е „дел од нашата историска одговорност“. Слични заложби за заштита на еврејските институции и борба против антисемитизмот претходно дадоа и претходниците на Мерц, Ангела Меркел и Олаф Шолц.

Според годишниот извештај на организацијата „RIAS“, бројот на антисемитски инциденти драстично се зголемил по избувнувањето на војната во Газа во 2023 година. Минатата година биле евидентирани 8.725 вакви инциденти – повеќе од тројно во споредба со 2022 година – што изнесува просек од 24 случаи дневно.

Палестински извори наведуваат дека повеќе од 74.000 луѓе се убиени во израелските напади врз Газа. Нападите беа извршени откако борци предводени од Хамас убија приближно 1.200 луѓе во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.

„Срам за нашата земја“

Илзе Ајгнер, претседателка на Баварскиот покраински парламент, чувството на несигурност што го доживуваат многу Евреи во Германија го опиша како „срам за нашата земја“. Мерц претходно ја имаше предложено неа како конзервативен кандидат за функцијата претседател на Германија.

„Кристалната ноќ“ претставуваше погром врз Евреите, кој започна на 9 ноември 1938 година, а вклучуваше убиства, грабежи и уништување имот. Името се однесува на скршеното стакло од уништените синагоги, продавници и домови, кое ги покривало улиците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Американски претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијата

Во неофицијални разговори, Русија и Украина покажуваат одредена подготвеност за компромис околу територијата, во пресрет на новите мировни преговори што започнуваат утре во Абу Даби.

Американски претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијата

Ова го изјави американски претставник запознаен со подготовките за разговорите, додавајќи дека, за првпат, Вашингтон забележува искрена желба од руска страна за ставање крај на војната, пренесува Ројтерс.

„За првпат имам впечаток дека гледаме вистинска желба од руска страна сето ова да се приведе кон крај“, рече претставникот, кој ги информираше новинарите под услов да остане анонимен.

Што ќе се случи со окупираните територии?

Според претставникот, двете страни приватно покажуваат одредена флексибилност во однос на можна територијална размена. Сепак, тој нагласи дека каков било договор за територијата веројатно би се постигнал дури на крајот од преговорите, откако ќе се постигне консензус за другите прашања.

Територијалните прашања досега беа една од најголемите пречки за постигнување мировен договор. Украина инсистира на враќање на нејзините меѓународно признати граници, додека рускиот претседател Владимир Путин бара контрола врз целиот регион Донбас.

Американскиот претставник не откри какви територијални отстапки би можеле да направат Москва и Киев. Неговите изјави во оваа фаза не значат дека е постигнат договор, ниту пак дека некоја од страните официјално ги променила своите барања.

Вашингтон смета дека прво треба да се договори безбедносен аранжман за периодот по војната. Дури потоа би имало простор за конечен договор во однос на територијата.

Безбедносни гаранции за Украина

Една од главните теми на преговорите ќе бидат безбедносните гаранции за Украина. Се разгледува можноста за заштита слична на онаа од Членот 5 од Договорот на НАТО, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите членки.

Таков модел би требало да ѝ обезбеди на Украина безбедносни гаранции по евентуалниот мировен договор, но засега не е познато како би функционирал тој, ниту кои земји би презеле конкретни обврски. Американскиот претставник нагласи дека договорот за повоената безбедносна архитектура ќе биде клучен за решавање на територијалните прашања. Американското посредување во Абу Даби ќе го предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп. Преговорите треба да траат два дена, почнувајќи од вторник. Претставник на САД изјави дека постои можност Виткоф и Кушнер, по завршувањето на разговорите, да отпатуваат во Русија на средба со Путин. Ваквата посета сè уште не е потврдена.

Во Вашингтон постои умерен оптимизам дека разговорите би можеле да доведат до напредок, иако американската страна признава дека за постигнување договор ќе биде потребно време. Во последните месеци, Трамп ги засилува дипломатските напори за ставање крај на војната, притоа често укажувајќи на тешките човечки жртви на двете страни од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер