Пробив во Женева: САД и Украина се договорија за изменет нацрт на мировниот план, Рубио оптимист - Канал 5

Пробив во Женева: САД и Украина се договорија за изменет нацрт на мировниот план, Рубио оптимист

Соединетите Американски Држави и Украина изготвија „ажурирана и подобрена“ мировна рамка за ставање крај на војната во Украина, по вчерашните разговори одржани во Женева, се вели во заедничка изјава од Киев и Вашингтон.

Пробив во Женева: САД и Украина се договорија за изменет нацрт на мировниот план, Рубио оптимист

Двете страни се согласија да продолжат со интензивна работа на заедничкиот предлог во наредните денови и да останат во блиска координација со европските партнери, се наведува во заедничката изјава, пренесува ДПА.

„Конечните одлуки во однос на оваа рамка ќе бидат донесени од претседателите на Украина и на Соединетите Држави“, се додава во изјавата.

Разговорите во Женева беа опишани како „конструктивни, фокусирани и со почит“, покажувајќи „значаен напредок кон усогласување на позициите и идентификување на јасни следни чекори“.

„Двете страни се согласија дека консултациите беа високо продуктивни“, се вели во изјавата.

Преговарачите повторија дека секој иден договор мора да го поддржи суверенитетот на Украина и да обезбеди траен и праведен мир. „Како резултат на разговорите, страните изработија ажурирана и подобрена мировна рамка“, изјавија тие.

Украина, исто така, изрази благодарност за поддршката од САД. Двете страни наведоа дека ќе продолжат да работат заедно за да постигнат мир кој ќе гарантира „безбедност, стабилност и реконструкција“ на Украина.

Во одделно соопштение од САД се посочува дека украинската делегација потврдила дека сите нејзини главни грижи – безбедносните гаранции, долгорочниот економски развој, заштитата на инфраструктурата, слободата на навигација и политичкиот суверенитет – биле темелно разгледани за време на состанокот.

Во него се додава и дека украинските претставници изјавиле дека ревидираниот нацрт ги одразува нивните национални интереси и обезбедува „веродостојни и спроведливи механизми за заштита на безбедноста на Украина и на краток и на долг рок“.

Киев засега нема непосреден коментар.

Рубио е оптимист за ревидираниот мировен план

Американскиот државен секретар, Марко Рубио, претходно вчера изјави дека е постигнат „суштински“ напредок за време на разговорите со украинските претставници во Женева за мировниот план од 28 точки на Вашингтон, кој наиде на отпор од Киев и неговите европски сојузници.

Тој истакна дека преостанатите прашања не се „несовладливи“ и рече дека прашањата што директно ги засегаат Европа и НАТО ќе бидат разгледани одделно, со придонес од сојузничките нации.

- Искрено верувам дека ќе стигнеме до целта, додаде секретарот.

Рубио, исто така, го ублажи претходно предложениот краен рок за прифаќање од страна на Украина, истакнувајќи дека иако заклучок до четврток би бил идеален, сепак „дали ќе биде четврток, дали ќе биде петок, дали ќе биде среда, дали ќе биде понеделник следната недела, сакаме да биде наскоро“, рече тој.

Рубио во Женева се сретна со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и Даниел Дрискол, висок функционер на Пентагон, за разговори со украинската делегација.

Украинскиот преговарач Андриј Јермак го нарече состанокот „многу продуктивен“, додавајќи дека разговорите се движат кон праведен и траен мир. Конечните одлуки, рече Јермак, ќе ги донесат претседателите на Соединетите Држави и на Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги пофали обновените дипломатски напори во вечерното видео обраќање, изразувајќи надеж дека разговорите ќе доведат до вистински чекори за ставање крај на конфликтот.

Разговорите во Швајцарија, во кои учествуваа и претставници од Франција, Велика Британија, Германија и ЕУ, беа набрзина организирани за да се натера САД да го преиспитаат својот последен предлог за завршување на конфликтот што се појави претходно оваа недела.

Европските сојузници на Украина го отфрлија планот во неговата првична форма, кој во голема мера ја фаворизира Русија. Документот од 28 точки ќе бараше од Киев да ѝ отстапи големи делови од територијата на Русија и да ја ограничи големината на својата војска, меѓу другите мерки.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дали спиете многу, а сепак постојано се чувствувате уморни? Научниците открија специфична форма на депресија

Според новото истражување на австралиски научници, приближно еден од четири случаи на депресија е поврзан со нарушувања во циклусот на спиење и будност.

Дали спиете многу, а сепак постојано се чувствувате уморни? Научниците открија специфична форма на депресија

Станува збор за таканаречениот „циркадијален подтип“ на депресија, кој е поврзан со внатрешниот биолошки часовник кај луѓето.

Истражувачите анализирале податоци од над 10.000 пациенти и откриле дека кај околу 25 отсто од нив се јавува облик на депресија поврзан со нивниот биолошки часовник. Многу од овие пациенти си легнуваат доцна и следниот ден се чувствуваат исклучително уморни, иако често спијат подолго од вообичаеното.

Поизразени симптоми и поголем ризик од други болести

„Кај лицата со циркадијална депресија, состојбата почесто се појавува во порана возраст и се манифестира со поизразени симптоми“, наведуваат од Универзитетот во Сиднеј. Како посебно загрижувачки се издвојуваат појавата на манични епизоди и поголемата застапеност на суицидни мисли.

Студијата исто така покажа дека овие лица се поподложни на развој на кардиоваскуларни болести и почесто покажуваат знаци на невролошки состојби, како што е АДХД (нарушување на вниманието со хиперактивност). Врз основа на овие наоди, научниците сугерираат дека за оваа група пациенти треба да се разгледаат нови пристапи во лекувањето.

„Депресијата не е единствена, униформна болест; разбирањето на карактеристиките на нејзините различни подтипови ни овозможува на луѓето порано да им овозможиме пристап до терапиите што ќе бидат најефективни за нив“, изјави Емилијана Тонини од Центарот за мозок и ум при Универзитетот во Сиднеј.

Светлосната терапија и мелатонинот би можеле да помогнат

Во труд објавен во списанието „British Journal of Psychiatry“, истражувачите истакнуваат дека депресијата е состојба која може да се манифестира на различни начини и дека пациентите различно реагираат на третманот. Наодите сугерираат дека лековите што делуваат на серотонинскиот систем – кои често им се препишуваат на лицата со депресија – можеби не се најсоодветниот избор за пациентите со циркадијален подтип на ова нарушување.

„Бидејќи циркадијалната депресија е поврзана со внатрешниот биолошки часовник на поединецот, терапиите насочени кон регулирање на циркадијалниот ритам – како што се светлосната терапија и мелатонинот – би можеле да бидат многу посоодветни“, изјави Џејкоб Краус, истражувач во Центарот за мозок и ум при Универзитетот во Сиднеј.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кина донесе нов закон за Антарктикот, со цел заштита на своите интереси

Кина донесе закон со кој се заоструваат прописите за нејзините активности на Антарктикот и се воведува подетално уредување на истражувањата на овој континент.

Кина донесе нов закон за Антарктикот, со цел заштита на своите интереси

Слично како и Соединетите Држави, Кина го проширува своето присуство на Антарктикот и на Арктикот, со цел истражување на поларните ресурси. Според „Ројтерс“, официјалната цел на законот е да ги поттикне кинеските научни истражувања, истовремено штитејќи ја безбедноста на националните операции, имотот и другите интереси на Кина на Антарктикот.

Законот наложува за време на кинеските операции да се заштитат флората и фауната, отпадот соодветно да се отстранува, а загадувањето на морето да се спречува. Исто така, се бара избегнување или ублажување на штетните влијанија врз животната средина. Издавањето дозволи за кинески истражувања, туризам, пловидба и други активности ќе зависи од исполнувањето на низа критериуми поврзани со животната средина, безбедноста и други аспекти.

Станица за следење на атмосферата

Во изминатите две години, Кина управува со станица за следење на атмосферата на Антарктикот. Овој објект служи за следење на промените во животната средина и дава придонес кон глобалниот одговор на климатските промени.

Кина е потписничка на Договорот за Антарктикот, со кој континентот е дефиниран како научен резерват отворен за истражувања, при што се забранети воени активности. Таа е исто така страна потписничка на Протоколот за заштита на животната средина од 1991 година, со кој се воведува 50-годишна забрана за рударство и истражување на нафта.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кузеска: Виновните за Алта банка седат во Владата – истрага за Мицкоски, Славески и Кочовска веднаш!

Овде, зад мене, во Владата се главните виновници кои дозволија Алта банка да влезе во Македонија, со сомнителен капитал.

Кузеска: Виновните за Алта банка седат во Владата – истрага за Мицкоски, Славески и Кочовска веднаш!

СДСМ уште пред една година предупреди за Алта банка, дека е про-режимска банка создадена од криминалните кланови и перланица на пари на Вучиќ.

Сега народот пати и не може да дојде до своите пари. А овие во владата лажат, си ја префрлаат одговорноста за да се спасат и пробуваат да го заташкаат скандалот.

Трајко Славевски вели имало консултации Кочовска вели немало и не била информирана.

Штом зинат лажат.

Еве го записникот од седница на Владата од 23 септември 2025 година.

На предлог на Кочовска Владата на Мицкоски носела Заклучоци за преземање акции од страна на Алта Банка АД Белград на 16 јавни институции.

Мицкоски и Славевски ја внесоа Алта банка во Македонија, со сомнителен капитал, која сега е под стечеј, без лиценца и под истрага за криминал.

А Владата на Мицкоски, на истиот Давор Мацура му овозможила да се стекне со поголем пакет акции на сметка на државата.

Внимавајте, акции од државни претпријатија се нудени во интерес на Мацура и Алта банка!

Денеска луѓето не можат да си дојдат до своите пари. Редици, гужви, нервозни граѓани, неизвесност.

За ова мора да има одговорност!

Сега тие што ги носеа штетните одлуки, што овозможија влез на Алта банка најавуваат продажба на нов сопственик. Целта е да се заташка работата, да не се открие криминалот.

Кој би сакал да земе банка со ваква репутација и банка која е под и под сомнеж за потеклото на капиталот?

Власта врши притисок врз потенцијални купувачи, на една странска а од пред некој ден и на една домашна банка.

Бараме, ОЈО да не чека и да не се правда дека има време.

Нема време, се касни 11 месеци.

Веднаш да отвори истрага и за Мицкоски, Славевски и за Кочовска. Да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка.

Сите вмешани во скандалот со Алта банка да одговараат.

Прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – портпаролка и членка на Извршниот одбор

YouTube video

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер