Приведен е поранешниот директор на СОЗР Пеце Мирчески

Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Пеце Мирчески вечерва е приведен во полициската станица Кисела Вода.

Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Пеце Мирчески вечерва е приведен во полициската станица Кисела Вода откако денеска Финансиската полиција отвори истрага за сторени кривични дела примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата извршени за време додека бил директор, потврдија за МИА од Финансиската полиција.

Заедно со Мирчески уапсен е и сопственикот на рент-а-кар сервисот ВИП, кој е опфатен со истата истрага.

- Првопријавениот П.М, во својство на службено лице - директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Македонија, во периодот од 09.06.2021 година заклучно со 13.06.2024 година, свесно и со умисла, извршил службени дејствија кои што не смеел да ги изврши и потпишал пет договори за јавни набавки со правен субјект од Скопје, во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П, a притоа не го пријавил постоењето на судир на интереси, не се изземал од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П. и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело примање поткуп по член 357 став 1 и став 3 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија, а второпријавениот го сторил кривичното дело давање поткуп по член 358 став 1 од Кривичниот Законик на Македонија, се вели во соопштението од Управата за финансиска полиција.

Дополнително, првопријавениот П.М, свесно и со умисла во вкупно пет службени исправи – изјави за непостоење судир на интереси во постапките за претходно наведените јавни набавки, внесувал лажни и невистинити податоци и истите со свој потпис овозможил да бидат употребени како вистинити и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело фалсификување службена исправа по член 361 став 1 од Кривичниот Законик на Македонија.

-Првопријавениот П.М, во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи, во период од 01.01.2022 заклучно со 13.06.2024 година, во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авио билети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство и со тоа овозможил лично за себе и за други лица вработени во Службата да се стекнат со имотна корист во вид на хотелски сместувања, авио билети за реализирани патувања, изнајмување на рент а кар возила за приватни потреби и цели како и исплатени дневници за службени патувања во вкупен износ од 1.792.859 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Македонија и го сторил кривичното дело проневера во службата по член 354 став 1 од Кривичниот Законик на Македонија, информираат од финансова полиција.

Првопријавениот П.М, исто така, во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи и во својство на одговорен менаџер- accountable manager на Авио Службата при Службата за општи и заеднички работи, иако знаел и бил свесен, а од 27.10.2023 година и запознаен со фактот дека едно лице вработено како пилот, не ги исполнувало условите за капетан-водач на воздухоплов, со несовесното вршење на своите овластувања и должности, овозможил на истото лице во периодот од 27.10.2023 заклучно со 14.06.2024 година од Службата за општи и заеднички работи да му биде исплаќан месечен надоместок по основ на плата во својство на капетан- водач на воздухоплов, на кој начин првопријавениот овозможил лицето да се стекне со имотна корист во вкупен износ од 3.444.615 денари, а на штета на Буџетот на Македонија и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело несовесно работење во службата по член 353-в став 2 од Кривичниот Законик на Македонија, информираат од Управата за финансиска полиција.

Ибрахимовиќ: Милан има голема историја во Лигата на шампионите,сакаме да го победиме Феенорд

 Советникот на раководството на Милан, Златан Ибрахимовиќ ги сподели своите очекувања за реваншот на тимот против Феенорд во плејоф рундата од Лигата на шампионите.

Милан го загуби првиот натпревар на гостински терен со 1:0.

- Очекувам Милан да биде поконкретен и поагресивен и да покаже желба за победа. На првиот меч Феенорд играше на домашен терен со свои навивачи, а тоа е секогаш друга приказна. Мораме да се фокусираме на себе, да ја играме нашата игра и да го правиме она што знаеме да го направиме. Милан има голема историја во Лигата на шампионите, па сакаме да победиме. Секогаш сакаме да учествуваме на овој турнир. Прекрасни се моментите на решавачките натпревари. Ова е најдобриот момент што може да го има еден фудбалер. Сè зависи од тоа како ќе го живеете овој момент на теренот, изјави Ибрахимовиќ во пресрет на ревашот со холандскиот тим.

Натпреварот на „Сан Сиро“ ќе почне во 18:45 часот.

Аргентинскиот претседател за скандалот со криптовалутата либра: Сите знаеја во што се впуштаат

 Претседателот на Аргентина Хавиер Милеј синоќа првпат се огласи по викендот обележан со скандал околу промоцијата на криптовалутата либра ($LIBRA), јави аргентинскиот весник „Кларин“.

Во интервју за телевизијата „Тодо Нотисиас“, Милеј го релативизираше случајот, споредувајќи го со коцка: Ако одите во казино и загубите пари, на што се жалите, ако однапред знаете како функционира?.

Тој инсистираше дека учесниците во купопродажбата на криптовалутата, чии вредности нагло пораснаа, а потоа паднаа откако многумина брзо ги повлекоа вложувањата, „добрo знаеле што прават“ и „доброволно влегле во тоа“.

- Тоа е проблем меѓу приватни лица. Државата нема никаква улога тука, рече тој, дистанцирајќи ја аргентинската влада од можни обвинувања за измама.

Истовремено, тој негираше дека добил финансиски надомест за промовирањето на $LIBRA: „Тоа беше чист импулс“, рече Милеј, тврдејќи дека сакал само да сподели информација за нешто што изгледало профитабилно.

- Сите што учествуваа знаеја многу добро во што се впуштаат. Не е како да не беа свесни за ризикот, додаде аргентинскиот претседател.

Во меѓувреме, судија во Аргентина доби задача да води истрага за односот на претседателот Милеј со криптовалутата $LIBRA, поради наводите за измама.

Вчера, федералната судијка Марија Сервини беше избрана по случаен избор да раководи со истрагата, која ќе испита дали Милеј постапил незаконски.

Некои опозициски политичари предупредија дека Милеј може дури и да се соочи со судење за импичмент, во зависност од исходот.

Скандалот избувна во петокот, кога беше лансирана криптовалутата $LIBRA. Милеј го искористи својот налог на социјалната мрежа Икс за да ја промовира крипто-монетата, велејќи дека е дизајнирана да поттикне „економски раст преку финансирање мали бизниси и стартапи“.

Засилена со таква поддршка од висок профил, криптовалутата накратко достигна пазарна капитализација од 4 милијарди долари. Но, неговата вредност брзо почна да паѓа, што ги натера некои да ја наречат измама.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска ќе биде инаугуриран за втор мандат

Милановиќ повторно беше избран за претседател на 12 јануари, кога во вториот круг го победи својот противкандидат Драган Приморац, поддржан од ХДЗ.

ретседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ денеска ќе положи заклетва за својот втор петгодишен мандат. На инаугурацијата во Претседателската палата на Пантовчак ќе присуствуваат околу сто гости, меѓу кои и четворица потпретседатели на Саборот, но никој од Владата.

Милановиќ повторно беше избран за претседател на 12 јануари, кога во вториот круг го победи својот противкандидат Драган Приморац, поддржан од ХДЗ.

Инаугурацијата, која ќе започне на пладне, ќе ја следат поранешни претседатели на државата, претставници на институции и здруженија, припадници на вооружените сили, верски лидери, лидерите на партиите што го поддржаа Милановиќ, како и неговото семејство и пријатели.

Свеченоста ќе започне со постројување на Почесната гарда пред Претседателската палата, а потоа претседателот Милановиќ со сопругата Сања ќе влезе во свечената сала, каде што ќе бидат поканетите гости и судиите на Уставниот суд.

На оваа инаугурација ќе има повеќе гости отколку пред пет години, кога присуствуваа околу 40 лица. Меѓу гостите ќе бидат и тројца поранешни претседатели – Стипе Месиќ, Иво Јосиповиќ и Колинда Грабар-Китаровиќ.

Милановиќ испратил покани до премиерот Андреј Пленковиќ и потпретседателите на Владата, но тие нема да присуствуваат. На свеченоста нема да дојдат ниту претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ, и потпретседателот Жељко Рајнер од ХДЗ, кои се извиниле.

притисни ентер