Екс министерот за економија Крешник Бектеши од утрово е спроведен во истражниот затвор во Шутка откако судот му определи 48 часовен краткотраен притвор. Бектеши претходно помина и 24 часа во полициска станица во врска со фалсификуваната лиценца за кабаре што ја имал клубот Пулс издадена во период кога тој го водел министерството за економија. Во краткотраен притвор се и поранешните директори на ДПИ Горан Трајковски и ДЗС, Беким Максути. Обвинителството потврди дека се испитува инволвираноста на 16 лица за кои кочанскиот суд ги прифати предлозите да им се определи краткотраен притвор. Претрес е извршен и во просториите на Општина Кочани. Дополнително ќе се бара притвор за уште едно лице.
„Доцна синоќа завршија сите рочишта во кои е изречена мерката, со што постапката за досега предложените мерки е завршена. Основен суд Кочани го прифати барањето на обвинителството по предлогот за определување мерка краткотраен притвор за сите 16 осомничени лица. Изречена е мерката краткотраен притвор е во траење од 48 часа.“
Меѓу притворените се сопственикот на локалот и организаторот на настанот, обезбедување, продавач на билети, член на пазарен инспекторат, еден трудов инспектор како и други лица кои се поврзуваат со трагичниот инцидент. За што конкретно се сомничат обвинителството засега не открива. Тоа ќе се образложи во истрагата, но велат дека се работи за лица за кои постојат сомненија дека со своето постапување или непостапување придонеле за трагедијата. Вчера државниот обвинител Коцевски кажа дека најголем дел од приведените се сомничат за тешки дела против општата сигурност.
„Се сомничат за „тешки дела против општа сигурност“ по член 292 од Кривичниот законик со казна затвор од најмалку три години без горна граница на казнување, што може да се движи до 20 години. Се испитуваат дејствија на примање и давање поткуп како и незаконска набавка на пиротехнички средства.“
Овие притвори истекуваат утревечер. Според законот обвинителите може да бараат уште еднаш 48 часа притвор за секој од осомничените за да бидат обезбеднеи додека се собираат доказите, а потоа може да се бараат по 30-дневни притвори со отворањето на формалната истрага. Освен фалсификат лиценца, досегашната истрага на обвинителството покажа дека импровизираната дискотека Пулс во Кочани каде животот го загубија 59 лица немала хидрантска мрежа и доволно против пожарни апарати, освен едниот друг излез немало, другата врата била заклучена со катанец.