Примерок од првото издание на книгата за Хари Потер на аукција е продаден за 18.000 фунти

Реткото прво издание на романот на Џ.К.Роулинг, Хари Потер и каменот на мудроста, е продадено на аукција за 18.000 фунти( околу 22.000 евра) , пренесуваат денеска британските медиуми.

Овој примерок е дел од првото издание објавено во 1997 година, пишува весникот Стандард.

Се очекувало примерок од романот да се продаде за 20.000 до 30.000 фунти (24.000 до 36.000 евра).

Ова е копија која е наменета за библиотеки, а на една од првите страници има ознака за библиотека.

Копијата е исто така единствена по тоа што содржи три грешки при печатењето.

Серијата романи за Хари Потер, која вклучува седум книги подоцна адаптирани во блокбастер филмови, стана една од најпопуларните во светот.

Играта не издржа: Серверите се гаснат половина година по лансирањето

Мултиплеер стрелецот „Spectre Divide“ ја доживеа истата судбина како „Concord“.

Пред само 15 дена оваа игра беше лансирана на конзолите „PlayStation 5“ и „Xbox Series“, а сега пристигна известување дека нејзините сервери ќе бидат исклучени во следните 30 дена.

Се затвора и „Mountaintop Studio“, чија прва и единствена игра што ја објавија е „Spectre Divide“.

Несреќната судбина на овој бесплатен наслов од прво лице не се случи преку ноќ - играта беше достапна за компјутер веќе половина година, каде што првично имаше пристоен одговор.

„Spectre Divide“ го играа 400.000 луѓе во првата недела, но повеќето од нив не се задржаа, дури и покрај дополнителната содржина.

Кратко и јасно – „Spectre Divide“ не беше доволно популарна игра за да преживее во конкурентна средина, пренесува „HCL“.

И покрај првичната идеја и вклучувањето на популарниот стример „Shroud“, и покрај милионскиот капитал - успехот за „Spectre Divide“ не беше загарантиран.

Извор: Б92

„Гласот на Америка“ ги раскина договорите со агенциите Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес

 Американската владина агенција која го води „Гласот на Америка“ денеска одлучи да ги раскине повеќедецениските договори со агенциите Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес и им порача на своите новинари да престанат да ги користат нивните материјали.

Кари Лејк, поранешна радио новинарка која стана републиканска политичарка, која беше избрана од претседателот Доналд Трамп да го води „Гласот на Америка“, процени дека на тој начин ќе се заштедат 53 милиони долари.

Новата американска администрација брзо го потврди својот авторитет во „Гласот на Америка“, кој доставуваше вести од американска перспектива до земјите ширум светот. Додека го чекаше официјалното одобрение за преземање, Лејк беше именувана за специјален советник во американската Глобална медиумска агенција која го надгледува „Гласот на Америка“ и сестринските организации како што е „Радио Слободна Европа“.

Таа пред два дена преку социјалните мрежи објави дека ги раскинува „скапите и непотребни договори“ со новинските агенции.

-Не треба да им плаќаме на други новински организации да ни кажуваат какви се вестите, рече Лејк, која неуспешно се кандидираше за гувернерка на Аризона. „Со буџет од речиси милијарда долари, ние треба да произведуваме свои вести. И ако тоа не е можно, американските даночни обврзници треба да бараат зошто е тоа така“, рече таа.

На денешниот состанок, на вработените во Гласот на Америка им било кажано да престанат да ги користат материјалите на агенцијата за нивните извештаи, рекоа новинарите кои сакаа да останат анонимни.

Во многу новински организации, аудио, видео и текстуални извештаи од агенции се користат за дополнување на извештаите од нивните сопствени известувачи.

АП, Ројтерс и АФП одбија да коментираат.

Потегот на „Гласот на Америка“ доаѓа во време на затегнати односи меѓу печатот и Белата куќа. Асошиетед прес ја тужеше Белата куќа за забрана за доаѓање на нејзините новинари, Пентагон отстрани неколку новинари од нивните долгогодишни позиции, а новинските агенции беа цел на тужби и истраги. /МИА

Речиси 600 казни добија автономните такси возила за непрописно паркирање!

Во Сан Франциско компанијата „Waymo“ превезува патници со своите автономни такси возила, без возачи.

На пат ги има 300, а со толкав возен парк доаѓаат и сообраќајните прекршоци, бидејќи никој не е имун на зло - дури ни вештачката интелигенција.

„Вашингтон пост“ објави дека автономните такси возила добиле 589 пријави во вкупна вредност од 65.065 долари за непрописно паркирање минатата година.

Наводните прекршувања се движат од блокирање на сообраќајот до ограничување на пристапот до услугите за чистење улици и паркирање во забранети области.

Портпаролот на „Waymo“ рече дека компанијата работи на решавање на проблемот. Ова, сепак, не е толку голема бројка, бидејќи минатата година Сан Франциско издаде дури 1,2 милиони билети за непрописно паркирање.

Сепак, интересно е затоа што покажува дека и автономните автомобили - грешат!

Извор: Б92

притисни ентер