Претседателот на унгарскиот Парламент му изрази сочувство на Џафери поради несреќата

 Претседателот на унгарскиот Парламент, Ласло Ковер денеска испрати писмо со сочучство до претседателот на Собранието, Талат Џафери поради сообраќајната несреќа на автопатот Скопје-Тетово, во која загинаа 14 лица, а 39 се повредени.

-Бев длабоко шокиран кога ја добив веста за автобуската несреќа која се случи во северниот дел на Македонија во која имаше голем број жртви. Господине претседателе, од името на сите членови на Парламентот на Унгарија Ве молам да го примите нашето искрено и најдлабоко сочувство за овој тажен настан кој одзеде многу човечки животи, се наведува во писмото на Ковер до Џафери.

-Ја споделуваме тагата со роднините и пријателите на жртвите, додава тој.

Телеграма со слична содржина му испрати и шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто на неговиот колега, Никола Димитров.

-Изразувам длабоко сочувство до оние кои ги загубија блиските во сообраќајната несреќа. Нашите мисли и молитви се со жртвите и нивните семејства во овие тешки времиња и им посакуваме целосно и брзо закрепнување на повредените, се наведува во писмото на Сијарто.

Македонскиот атлетичар Вандевски собори државен рекорд од 1975

Македонскиот атлетичар Леонид Вандевски го собори националниот рекорд во дисциплината 2.000 метри стиплчес на меѓународен митинг кој изминатиот викенд се одржа во германскиот град Пилхаузен.

Вандевски заврши осмопласиран, истрчувајќи ја патеката со време од 6:00.49 со што го собори претходниот рекорд на Нехат Алуи (6:16.4) од далечната 1975 година.

Нов македонски рекорд изминатиот викенд постигна и Јован Стојоски во дисциплината 400 метри со пречки.

Стојоски на меѓународниот митинг во словенечки Марибор, Словенија ја истрча делницата со време од 53.65. Претходниот рекорд (55.11) датираше од 1980 година и беше во сопственост на Бранко Илиевски. /MИА

Обид за кражба во простории на објект на Општина Чаир каде се чувал изборен материјал

Во Полициската станица Бит Пазар денеска било пријавено дека три машки лица се обиделе да ја отворат предната врата и капијата на објектот на Општина Чаир, каде што се чува изборен материјал.

Во Полициската станица Бит Пазар денеска било пријавено дека три машки лица се обиделе да ја отворат предната врата и капијата на објектот на Општина Чаир, каде што се чува изборен материјал, но откако биле забележани од полицискиот службеник, кој го обезбедува изборниот материјал, лицата го напуштиле местото.

Како што информираат денеска од МВР, не е причинета штета на капијата ни на изборниот материјал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ОЈО: Жител на Мелница имал три полуавтоматски пиштоли без дозвола

Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од Кривичниот законик.

При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар.

За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор.

ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, соопштуваат од Обвинителството.

притисни ентер