Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на Свечената академија „Св. Климент Охридски“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер се обрати на Свечената академија, што по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“ се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Почитуван Aрхиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан,

Почитуван претседател на Собранието, г. Африм Гаши,

Почитувани претставници на Владата, пратеници, претставници на судската власт, академици и црковни великодостојници,

Ваши екселенции,

Почитувани сограѓанки и сограѓани,

Драги пријатели,

„Ако животот на човекот го вреднуваме по она што ќе остане по него и преку трајноста на неговото дело – тогаш, навистина, големо е делото на светиот Климент. Зашто, еве, и по 11 столетија сѐ уште трае... неговото дело кое е од сеопшт, универзален карактер – и од религиозен, христијански аспект, и од културен и научен поглед.“ Со овие зборови, неодамна упокоениот митрополит дебарско-кичевски, господин Тимотеј ни го приближи најголемиот ученик на Св. Кирил и Методиј.

Знаеме дека по Моравската мисија, Св. Климент се вратил на Балканот, и бил испратен во нашите краишта, во областа Кутмичевица, најпрво како мисионер и учител, а потоа и како прв словенски епископ. Тука Св. Климент затекнал народ којшто тонел во незнаење и во сиромаштија, и којшто се раководел според законот на посилниот наместо според златното правило.

Соочен со ваквата состојба, Св. Климент, не им дал сон на очите свои, ниту дремка на трепките свои, и грижата за народот ја сметал за своја храна и наслада. И секогаш поучувал, и секогаш поставувал ред, исправајќи го незнаењето и за сите станувал сѐ, според потребата на секого.

За само три децении, Св. Климент, заедно со Св. Наум Охридски, успеал да ја трансформира заостанатата периферија во развиен центар на писменоста, духовноста, културата и уметноста. Од Охридската книжевна школа произлегле 3 500 ученици кои станале учители на словенството. Неговите манастири станале чувари на временскиот и просторниот континуитет на македонскиот јазик. Еден век подоцна, самиот Охрид бил издигнат на ранг на архиепископија што се грижела за духовните и за световните потреби на луѓето. Многу од нејзините архиепископи биле врвни мислители, градители, дипломати, миротворци, чијшто глас се слушал и почитувал низ целата православна екумена.

Но, веројатно најголемото дело на Св. Климент е духовното и етичко воздигнување на народот. Со своите слова и поуки, тој настојувал да изгради нов човек, со нови, благородни навики. Речиси и да нема Светиклиментова проповед без повик за одговорно однесување кон ближните коишто страдаат. Неговата цел била да им помогне на луѓето да станат свесни не само за своите, туку и за потребите и страдањата на другите.

Еве што вели Св. Климент во едно од неговите слова: „Престанете да правите зло и научете се да правите добро, барајте правда и спасувајте угнетени; право судете и заштитувајте ги сираците и вдовиците“. Оти тоа е вистинското покајание, кога ќе замразиме секаква неправда и ќе ја направиме одвратна за нас...“

Ова е само еден од многуте библиски цитати што Св. Климент ги користи за да ги соочи слушателите со библиската осуда на социјалната неправда кон ранливите категории, нешто што им е заедничко на сите Абрахамски религии. И ние денес, независно дали сме христијани, муслимани, Евреи, атеисти, независно дали сме Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и други, треба да сме подеднакво сплотени околу овие Светиклиментови заложби и да им помогнеме на современите ранливи категории, на социјалните случаи, на бездомниците, на бегалците, на жртвите на семејно насилство, на непријавените работници.

Св. Климент го практикувал она што го проповедал. Не случајно охридскиот архиепископ Теофилакт пишува дека Св. Климент бил „татко на сираците и помошник на вдовиците“, држејќи ги портите на неговиот дом „отворени за секој сиромав и ниеден туѓинец не ноќеваше надвор од нив“. Благодарение на неговите заложби се отворале народни кујни, сиропиталишта, старечки домови, болници за телото и за душата, односно, она што денес го нарекуваме социјална и здравствена заштита.

Со своите слова, поуки, житија, но пред сѐ, со својот личен пример, Св. Климент кај народот го кастрел себичното ЈАС и МОЕ, и го калемел благонаклонетото НИЕ и НАШЕ. Кај луѓето ја развивал свеста дека се упатени едни на други да си помагаат, да бидат праведни и солидарни. Со тоа, Св. Климент на народот му дал духовен и етички компас за да може полесно да се ориентира низ столетијата во кои се менувале царства, власти и системи, и да опстане низ годините на пропаганди, конфликти и поделби.

Со овие универзални, хумани вредности може да се поистоветат не само христијаните, туку и припадниците на другите религии.

Не случајно, Св. Климент Охридски станал најголемиот духовен авторитет не само за нашата помесна православна црква, туку и за македонската секуларна држава и за македонското мултиетничко и мултирелигиско општество.

Не случајно токму од Македонија потекнуваат најголем дел од старите фрески и икони со неговиот лик.

Не случајно, Св. Климент бил инспирација за македонските преродбеници и учебникари и опсесија на генерации историчари, лингвисти, слависти и македонисти коишто му посветиле илјадници книжевни и научни дела.

Не случајно, тој е патрон на повеќе основни и средни училишта, на факултети, библиотеки и на еден државен универзитет.

Повеќе од други соседни народи, токму македонскиот народ му го должи своето постоење и опстојување на Св. Климент Охридски.

Сепак, 11 века подоцна, не можеме, а да не забележиме дека вредностите и навиките всадени од Св. Климент исчезнуваат пред нашите очи. Живееме во време на нарушени меѓучовечки односи. Наместо хуманост и дарежливост, сè пораширена е опседнатоста со парите, статусот и себељубието како цели што ги оправдуваат сите средства. Ова е време во кое чесните се игнорирани додека аздисаните се имитирани. Во Европа сме меѓу последните според нивото на волонтерство и на граѓански активизам. Како што корупцијата го загрозува владеењето на правото, така експлоатацијата ги загадува почвите, водите и воздухот. Сведоци сме на повеќедецениска трка за узурпирање на јавниот простор и присвојување на општото добро. И сето тоа на штета на иднината на младите генерации. Доволно е да се сетиме на загрозеното природно и културно наследство на охридскиот регион на УНЕСКО, кој беше центар на Светиклиментовата духовна и просветителска дејност.

Овие состојби не се сегашни, туку нѐ следат со години и со децении. Но, сега добиваат алармантни пропорции. Причините не треба да ги бараме само кај нас. Блокадите и билатерализацијата на европската интеграција нè заглави во оваа европска периферија наречена чудно Западен Балкан, од која масовно се иселуваат нашите млади.

На некој начин, како да се враќаме во предклиментовото време и како забрзано да се претвораме во општество во кое хуманото НИЕ и НАШЕ е потиснато од себичното ЈАС и МОЕ.

Ценети присутни, драги сограѓани,

Пред нас е големата задача оваа наша периферија одново да ја претвориме во центар на образованието, економијата, културата и уметноста, на иновативноста и креативноста. Ние мора напорно и пожртвувано да работиме на секое поле, да ја развиваме економијата, да го обезбедиме владеењето на правото, да изградиме функционални системи и институции. Но, за сите овие напори да фатат корен и да дадат плод, треба одново да се навратиме на вонвременските Светиклиментови пораки.

Иако се напишани со архаичен јазик, неговите слова зборуваат за актуелни теми. За правдата наспроти неправдата и за солидарноста наспроти себичноста.

Првата вредност е правдата. Светиклиментовата правда не е ограничена само на дословно почитување на државните закони. Праведни не се оние што не прекршиле ниту еден државен закон, туку оние што, почитувајќи ги законите, истовремено со своите животи ја изградуваат и ја зацврстуваат заедницата. Светиклиментовата правда е и социјална правда бидејќи е насочена кон заштита на немоќните, помагање на сиромашните и возобновување на достоинството на секој човек. Праведно општество е она во кое поединецот активно придонесува за општото добро и за јавниот интерес, и е вмрежен во заедница на хармонични меѓусебни односи.

Втората вредност е солидарноста, која не е минлива емоција, туку практична доблест и применлива политика. Да бидеме солидарни значи да бидеме човечни, односно, свесни за потребите и за страдањата на другите. Светиклиментовата солидарност не е сведена само на економска редистрибуција, туку вклучува и соодветно споделување на моќта и одговорноста во заедницата и општеството. Успехот на секој поединец е успех и на целата заедница, а неуспехот на макар и еден поединец, на еден ученик, на еден работник, на едно семејство, е неуспех на целото општество. Солидарноста е мултиетничка, мултијазична, мултирелигиска бидејќи го препознава човечкото во различниот од нас. Без меѓуетничка солидарност нема меѓуетнички соживот.

Почитувани присутни,

Драги сограѓани,

Денешниов празник е повод да се сетиме дека не треба да чекаме да дојде некој нов Св. Климент бидејќи тој живее во нас. Но, треба да го разбудиме Светиклиментовото во секој од нас. Ние, учителите, лидерите, треба одново да станеме Светиклиментови ученици за да се потсетиме на неговата животна филозофија и да ја пренесеме на нашите ученици. Со тоа ќе им овозможиме и самите да станат учители и лидери на сегашните и на идните генерации. Да им помогнеме да напредуваат и да успеваат само со своите знаења, вештини и квалитети, а не со врски, книшки и протекции.

Ако сакаме македонското општество да биде праведно и солидарно, а Македонија да ја направиме пристојно место за живеење, ние мора да се навратиме на вредностите на Св. Климент Охридски. Верувам дека само така ќе можеме да се наречеме вистински наследници на нашиот голем учител, светител и просветител, Св. Климент Охридски.

Диригентот Виктор Митревски настапи во Операта во Малме

 Македонскиот диригент Виктор Митревски на 8 и 10 јануари настапи како гостин диригент во Операта во Малме во Шведска, во новата продукција на една од најизведуваните опери од Моцарт „Така прават сите“ („Cosi fan tutte“). 

Оваа поставка на „Така прават сите“ носи поднаслов „Училиште за љубовници“ и претставува модерна интерпретација на Моцартовото ремек-дело.

Станува збор за хумористична и модерна интерпретација на операта од Моцарт чие дејствие се одвива на сосема неочекувана локација: „Икеа“. Во оваа верзија Алфонсо работи во „Икеа“, користејќи ја продавницата како сцена за својот клинички експеримент за трајноста на љубовта. Данската режисерка Катрин Видеман, која претходно ја постави оваа продукција во Осло, му даде современ и хумористичен контекст на ова класично оперско дело. Костимите и дизајнот на Маја Равн ја трансформираа „Икеа“ во перфектен подиум за истражување на љубовните врски, преку класичната битка на фразата „да се средат нештата“, без разлика дали станува збор за мебел и за љубов.

Виктор Митревски живее и работи во Виена во Theater an der Wien во тесна соработка со хорот „Арнолд Шенберг“. Тој студиите по диригирање ги почнал во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар на ФМУ во Скопје. Во 2016 година, ги завршил студиите по хорско диригирање на Универзитетот за музика и применета уметност во Виена, во класата на Ервин Ортнер. Следната година дипломирал и оркестарско диригирање на истиот универзитет во класата на проф. Симеон Пиронков и Урош Лајовиц со концерт со Словачката Филхармонија. За време на студиите е активен учесник на неколку семинари со познати диригенти како Фабио Луизи, Симоне Јанг, Бертранд де Били, Јоханес Шефли и др. Во 2012 дебитирал во Македонската Опера и Балет со „Аптекарот“ од Јозеф Хајдн, во 2014 диригирал со Балтичката Филхармонија во Гданск, Полска. Во 2017 година имал успешното деби во Виена и тоа во Theater an der Wien со експерименталниот проект Wir befreien Eurydike („Ја ослободуваме Евридиче“). Во 2020 бил асистент диригент на Лео Хусеин во изведбата на светската премиера „Хамлет“ на Јозеф Самер во Русе, Бугарија.

ЈО: Обвинение против судијка и сопственици на фирма од Велес

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение против судијка од Основниот суд во Велес, двајца сопружници – сопственици на ланец аптеки и правното лице, кои се товарат за фалсификување службена исправа.

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение против судијка од Основниот суд во Велес, двајца сопружници – сопственици на ланец аптеки и правното лице, кои се товарат за фалсификување службена исправа и за употреба на исправа со невистинита содржина.

За фалсификување на службената исправа како продолжено кривично дело е обвинета судијката која во текот на постапката беше и разрешена од судиската функција, додека управителката на ланецот аптеки и нејзиниот сопруг се обвинети за поттикнување при извршувањето на кривичното дело и за употреба на исправите со невистинита содржина.

Првообвинетата, постапувајќи во предмет во кој тужители се останатите обвинети, донела пресуда со која им го усвоила тужбеното барање и им утврдила право на сопственост на деловен простор и земјиште под зграда. Иако пресудата не била правосилна и извршна, а тужените навреме изјавиле жалби, судијката поттикната со умисла од сообвинетите, ја заверила со службен печат за правосилност и извршност со што свесно внела невистинит податок во службената исправа. Ваквата службена исправа со невистинита содржина таа ја дала на рака на управителката на правното лице, наместо преку судска достава.

Дополнително, како судија во вонпарнична постапка, обвинетата надвор од АКМИС системот за електронско управување со предметите во Судот, составила решение со кое на истите подносители им го усвоила предлогот за привремени мерки за обезбедување непарично побарување, со кое им овозможила на предметниот имот да впишат прибелешка во јавните книги со забрана за отуѓување и оптоварување. Потоа решила привремената мерка веднаш да биде извршна и примерок веднаш да биде доставен до Агенцијата за катастар на недвижности – Одделение за катастар на недвижности Велес. Решението било со невистинита содржина во поглед на податоците за наводно одржаното рочиште, а документот спротивно на судскиот деловник било доставено само до предлагачот.

Со посебно решение, таа ја задолжила спротивната страна да ги надомести парничните трошоци на предлагачите во износ од 1.124.308 денари, повторно веднаш давајќи и својство на правосилност и извршност на исправата, иако знаела дека се исполнети законските услови за повлекување на привремената мерка со што парничните трошоци би паднале на товар на подносителот. И ова решение не го доставила до останатите странки во постапката, туку единствено до предлагачот, со што ги оневозможила да користат правен лек – жалба.

За да ги прикрие сите противправни дејствија во предметите, обвинетата судијка свесно ги уништила службените документи – повратници и не ги споила сите документи во списите на предметот.

Обвинетите сопственици ги употребиле ваквите исправи со невистинита содржина пред Агенцијата за катастар на недвижности за да внесат промени во имотните листови во корист на обвинетото правно лице. Со лажно прикажување факти од судските постапки тие нанеле значителна имотна штета на спротивната страна, а за себе прибавиле значителна имотна корист. Парничните трошоци за постапката ги наплатиле преку извршител, иако знаеле дека барањето за извршување им е засновано на исправа со невистинита содржина, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

„Гответе со Дракче“ - Проја

Во понеделник (13.01.2025) во емисијата гостин ни беше Стефан Николовски

Состојки за денешниот рецепт:

400 гр. пченкарно брашно

200 гр. гриз

50 мл. масло

1 ќесичка прашак за пециво

1 ќесичка сув квасец

300 гр. меко сирење

200 гр. шунка

3 јајца

50 - 100 мл. минерална вода

300 гр. спанаќ или блитва

малку сусам за поросување

Погледнете како се подготвува овој рецепт:

притисни ентер