Пред пратениците петте интерпелации на членовите на Судскиот совет - Канал 5

Пред пратениците петте интерпелации на членовите на Судскиот совет

 Собранието денеска треба да ја одржи 40. седница, на чиј дневен ред се петте интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието - Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми.

Пред пратениците петте интерпелации на членовите на Судскиот совет

Зад иницијативата, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за нивното заминување од функциите ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.

Во образложенијата за поднесените интерепелации објавени на собраниската веб-страна се посочува дека се поднесуваат заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина.

За денеска во 10 часот е закажана и нова седница на Судскиот совет. Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски вчера во изјава за медиумите прашан дали седницата на Судски совет се користи како алиби за членовите за кои се бара интерпелација, рече дека немале таква намера.

- Немаше никаква намера. Ние кога се закажуваше нашата седница не ни знаевме дека ќе биде на иста дата и собраниската седница. Нашава седница воопшто не е пречка таа да биде одржана, и обратно, собраниската, пак, да биде пречка нашава да се одржи. Доколку некој од колегите изрази желба да отиде таму и да даде изјава, ние тука ќе ја прекинеме седницата и ќе почекаме да се врати. Значи нема да има никаква пречка ниту во Собрание, ниту во Судскиот совет, рече Камбовски.

На членовите на Судски совет за кои се бара интерпелација, како што изјави Камбовски, останува да одлучат сами дали ќе присутвуваат на собраниската седница или не.

- Тоа е нивен избор, јас не можам во нивно име да ви кажувам, и не знам кој од нив одлучил да оди и да го користи правото да се обрати на Собранието. Доколку некој одлучи, ние тука ќе ја прекинеме седницата, ќе дадеме можност на колегата да отиде во Собрание, да си даде таму изјава, па ќе го почекаме да се врати назад и ќе продолжиме со нашата работа, re;e Камбовски.

Прашан дали очекува некој од нив да поднесе оставка, рече дека тоа е личен чин. - Не знам, тоа е личен чин, индивидуална одлука. Не можам јас, ниту очекувам, ниту не очекувам. Не знам како ќе се одлучат колегите, посочи Камбовски.

Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска на вчерашната прес-конференција рече дека оваа интерпелација е школски пример за директно и грубо кршење на уставниот принцип за владеење на правото и за поделбата на власта на законодавна, извршна и судска.

- Брзањето со интерпелациите на членовите на Судскиот совет, на ваков начин, во услови кога се подготвува нов закон за ова тело, ги обелоденува вистинските намери на власта, намери кои не поврзани со реформските процеси, туку со воспоставување целосна партиска контрола. Да беше намерата за суштински реформи немаше вака на сила и спротивно на закон да се турка, додаде таа.

Според СДСМ, станува збор за смислен, ситематичен и координиран напад врз правосудниот систем.

-Ако Судскиот совет биде срушен на ваков начин, следни се судиите што не се по волја на власта. Потоа ќе следуваат и нарачни пртесуди, како што сме гледале во минатото. Ако обвинителот биде сменет на ваков начин, без почитување на законите, следни ќе бидат сите што не се подготвени да работат по инструкции на Мицкоски. Оваа власт нема решение за реформи во правосудството, туку само ги проектира своите интерни манири на авторитаризам и апсолутизмот кои го спроведува во својата партијата спрема државата, истакна потпретседателката на СДСМ.

Најави дека СДСМ во претстојниот период ќе се спротивстави на ваквите недемократски дејствија.

Тања Чачарова Илиевска, која е меѓу петте членови на Судскиот совет за кои се поднесени интерпелациите, на 26 февруари во изјава за медиумите рече дека најсовесно и чесно ја извршувала функцијата и оти не чувствува ниту морална, ниту професионална одговорност да поднесе оставка.

Во интерпелацијата, како што оцени Чачарова Илиевска, нема индивидуализирано кои дејствија и кои постапки како член поединец на Судскиот совет ги преземала несовесно и незаконито, а кои би можеле да и се стават на товар заради работата на Судскиот совет.

На новинарски прашања, Чачаровска Илиевска посочи дека дала одговор на наводите на интерпелацијата која, рече дека повеќе упатува како интерпелација за Судскиот совет како колективно тело бидејќи нема индивидуализација на конкретната работа на поедини членови кон кои е поднесена интерпелацијата.

- Тоа е дискриминаторски однос кон членовите на Судскиот совет кои согласно Устав и закон се еднакви и рамноправни. Прекршено е начелото на еднаквост на членовите на Советот. Наведов дека е дискутабилна можноста, правото на Собранието за поднесување на интерпелација на член на Судски совет, имајќи го предвид фактот дека интерпелацијата е механизам на политичка контрола врз носителите на јавни функции. Во членот 69 од Уставот каде што се наредени надлежностите на законодавната власт има една одредба во која е наведено кој на кого може да му врши контрола Собранието преку интерпелација, преку механизмот интерпелација. И таму стојат носители на јавни функции коишто се одговорни пред Собранието, Владата, и секој поединечно на Владата, но не и носителите на јавни функции од судството така што, сметам дека ова е преседан во досегашната парламентарна историја на Република Македонија што можеби има далекусежни последици, изјави Чачарова Илиевска.

Членот на Судскиот совет Миљазим Мустафа, за кој исто така е поднесена интерпелација, тогаш истакна оти се надева на позитивен исход по одговорите што ги навеле.

- Се произнесоваме по сите основи што беа наведени во интерпелацијата и се надеваме дека по надминување и исцрпување на процедурите во Собранието ќе се донесе позитивен исход по однос на нашите одговори коишто беа наведени, изјави Мустафа.

Вицегувернерката Нацевска на јубилеј на АЦИ Македонија

Народната банка спроведе реформи за развој на финансиските пазари со видливи резултати

Вицегувернерката Нацевска на јубилеј на АЦИ Македонија

„Народната банка посветено работеше во изминатиот период и спроведе значајни реформски процеси за поставување на домашните финансиски пазари. И во иднина, ќе остане активен двигател и поддржувач на реформските процеси за унапредување на домашните финансиски пазари, во тесна соработка со сите релевантни банкарски здруженија, државните институции и со останатите чинители на домашните финансиски пазари. Нашата цел е да создадеме посигурно, поефикасно и поконкурентно финансиско окружување, кое ќе го поддржи економскиот раст и ќе придонесе за просперитетот на нашата земја“. Ова беше посочено од страна на вицегувернерката Емилија Нацевска во поздравното обраќање на 30-тото јубилејно Годишно собрание на Здружението на финансиски пазари – АЦИ Македонија.

Домашните финансиски пазари се клучната алка во спроведувањето на монетарната политика, па затоа Народната банка уште од монетарното осамостојување активно соработува со банките со цел воспоставување на функционален, ликвиден и транспарентен девизен пазар и пазар на пари. Истовремено, Народната банка активно го поддржува примарниот пазар на државни хартии од вредност на којшто се формира т.н. безризична крива на принос, значајна за развој на останатите сегменти од финансиските пазари, при што го воспостави и секундарниот пазар на државни хартии од вредност. Воспоставувањето и континуираниот развој на овие пазари овозможи ефикасно спроведување на интервентната политика на Народната банка за одржување на стабилноста на девизниот курс на домашната валута, поефикасна трансмисија на сигналите на монетарната политика и посигурно и поевтино позајмување на финансиски средства помеѓу учесниците на пазарите. Сето тоа придонесе за постепено јакнење и одржување на стабилноста на домашниот финансиски сектор во функција на континуирана поддршка на економската активност на фирмите и домаќинствата.

„Во контекст на пошироките развојни процеси во финансискиот сектор, сакам да истакнам едно значајно достигнување оваа година, кое ја рефлектира заедничката заложба на Народната банка, банките и другите релевантни институции, прифаќањето на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). За граѓаните, компаниите, но и институциите, ова значи можност за подигнување на нивото на финансискиот квалитет и стабилност, што дополнително ќе го зајакне целокупниот економски амбиент, отворајќи простор за натамошен развој и продлабочување на тргувањето на домашните, но и на меѓународните пазари“, посочи вицегувернерката Нацевска во обраќањето.

Во таа насока, беше истакнато дека Народната банка активно го следи процесот на подготовка на банките за пристапување во СЕПА шемата за кредитен трансфер, обезбедувајќи континуирана техничка и стручна поддршка. „Иако процесот е долг и најраниот датум за прифаќање на банките од новите земји членки е 6 октомври 2025 година, со задоволство можам да споделам дека една банка веќе поднесе апликација за членство до Европскиот совет за плаќања, а повеќето банки се во напредна фаза на подготовка. Ова е јасен сигнал дека сме на добар пат – со одговорен пристап, стратешка визија и соработка меѓу институциите – да се вградиме рамноправно во европскиот финансиски простор.“ посочи Нацевска.

Соработка на Народната банка со АЦИ Македонија е од почетоците на здружението во 1996 година, кое беше основано на иницијатива и со поддршка на Народната банка. Здружението АЦИ Македонија ги обединува претставниците на банкарскиот сектор коишто работат на домашните финансиски пазари и претставува платформа за развивање добри професионални односи, зголемување на меѓусебната доверба, размена на искуства и постојана професионална едукација на вработените во банкарскиот сектор. Здружението во 2001 година стан дел од меѓународното семејство на здружение на банкарски работници на финансиските пазари, кое оваа година прославува исто така значаен јубилеј, односно 70 години постоење. Едукацијата и промовирањето на етичко однесување на овој сегмент на банкарски професионалци и во иднина ќе биде во фокусот на активностите на Народната банка како партнер на здружението АЦИ Македонија.

Во Португалија почна гласањето на вонредните парламентарни избори

Во Португалија во 8 часот утринава беа отворени гласачките места на вонредните парламентарни избори, на кои денеска својот глас ќе имаат можност да го дадат повеќе од 10 милиони граѓани.

Во Португалија почна гласањето на вонредните парламентарни избори

Изборите се одржуваат откако премиерот Луис Монтенегро поднесе оставка поради спор за судир на интереси, а 230 членови на Собранието на Републиката се избираат за следното свикување, од кое ќе произлезе нова влада, јавува португалскиот јавен сервис РТП.

Гласачките места ќе бидат отворени до 19 часот по локално време.

Досегашниот премиер Монтенегро не успеа да ја добие довербата на парламентот во март на гласање што самиот го предложи откако опозицијата го доведе во прашање неговиот интегритет во врска со работите на консултантската компанија за заштита на податоци на неговото семејство, потсетуваат британските медиуми.

Ова го поттикна претседателот Марсело Ребело де Соуза да го распушти парламентот и да распише избори.

Монтенегро, кој го предводи централно-десничарскиот Демократски сојуз (AD), негираше вина.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека неговиот углед е во голема мера недопрен од она што јавноста го смета за етичко прашање без кривични импликации, и покрај обидите на опозицијата да го прикажат како корумпиран политичар.

АД дојде на власт откако победи на минатогодишните избори со околу 29 проценти од гласовите и освои 80 места во еднодомниот парламент со 230 места.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека тој повторно е во водство пред изборите, но сепак е малку веројатно дека ќе го освои мнозинството потребно за формирање влада.

Како што е наведено во анкетата на Радио Ренасенс, АД има малку повеќе од 32 проценти поддршка, што е за 10 процентни поени помалку од поддршката што би можела да ѝ даде мнозинство од 116 места.

Централно-левичарските социјалисти се на второ место со 27 проценти, малку под 28-те проценти што ги освоија пред една година, по што следува крајнодесничарската, антиимигрантска партија Чега, со 17 проценти.

Десничарската Либерална иницијатива, која е на четвртото место, од многу експерти се смета за потенцијален коалициски сојузник на АД, но има околу шест проценти поддршка, што е недоволно за формирање влада.

Аналитичарите очекуваат апстиненцијата на гласачите да се зголеми откако рекордни 6,47 милиони граѓани гласаа во 2024 година./МИА

Претседателот на Европскиот совет е шокиран од ситуацијата во Појасот Газа.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, синоќа изјави дека е шокиран од ситуацијата во Појасот Газа, поради проширената израелска офанзива, и повика на прекин на насилството.

Претседателот на Европскиот совет е шокиран од ситуацијата во Појасот Газа.

„Шокиран сум од вестите од Појасот Газа. Цивилите гладуваат, болниците повторно беа погодени во воздушни напади. Насилството мора да престане“, напиша Кошта на социјалната мрежа X.

Тој додаде дека израелската Влада „мора веднаш да ја прекине блокадата и да обезбеди безбеден, брз и непречен пристап до хуманитарна помош“.

Израелските власти вчера објавија дека ја прошируваат својата офанзива за поразување на палестинското движење Хамас во Појасот Газа, и покрај зголемените меѓународни повици за прекин на огнот по 19 месеци разорна војна.

„Тоа што се случува во Газа е хуманитарна трагедија. Целата нација е изложена на огромна и непропорционална воена сила. Трајно прекинување на огнот и итно и безусловно ослободување на сите заложници се поитни од кога било“, рече Кошта.

Од Багдад, каде што учествува на самитот на Арапската лига, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека е „вознемирен од плановите на Израел за проширување на своите копнени операции“.

Гутереш повторно повика на траен прекин на огнот и прекин на израелската блокада на хуманитарна помош за Газа, воведена на 2 март./МИА

притисни ентер