Познато е како изгледала Ким Кардашијан под чудната маска (ФОТО)

Стајлингот на Ким Кардашијан во шоубизнис Мет Гала е тема на денот, а сега е откриено како изгледала старлетата под црниот костим.

Нејзиниот шминкер Марио Дедивановиќ на својот профил на Инстаграм објави фотографии од нашминканата старлета пред да се вовлече под маска со потпис на брендот Баленсијага. „Под маската“, напишал Дедивановиќ.

„А зошто дури се шминкаше кога беше маскирана?“, „А што е поентата на шминката кога не можеш ни да ја видиш под маската?“ прашаа придружниците на шминкерот, по потекло од Црна Гора, но не го добија неговиот одговор.

Единственото нешто што се гледа на црвениот тепих, освен црниот костим, беше долгата коса врзана во опашка, средена од омилениот фризер на Кардашијан, Крис Еплтон.

Да потсетиме, Кардашијан се појави на црвениот тепих во црн фустан од висока мода со потпис на Баленсијага, со кој носеше соодветна маска преку лицето и наметката. „Целосно криејќи ги цртите на лицето и фигурата, оваа комбинација и даде на реалити sвездата нешто што го немаше долго време - анонимност“, заклучува „Вог“.

Таа се појави на црвениот тепих во друштво на Демна Гвасали, дизајнерката на Баленсијага, која исто така беше маскирана, па многумина првично мислеа дека е придружувана од Канје Вест.

Две минимални плати не можат да ги покријат основните животни трошоци

 Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во август се зголемени за 214 денари во однос на јули.

Сојузот на синдикати на Македонија пресмета дека за основните месечни потреби на едно семејство му се неопходни 34.342 денари, а доколку во семејството има барем еден ученик, тогаш трошоците се зголемуваат за околу осум илјади денари.

Од Сојузот на синдикати на Македонија за МИА велат дека ниту просечна, ниту две минимални плати, се доволни за да ја покријат синдикалната минимална кошница. Анализите на ССМ покажуваат дека трошоците за живот континуирано се зголемуваат, а платите стагнираат.

Најмногу пари, според пресметките на ССМ, се трошат за храна и пијалоци (14.633 денари) и за плаќање на режиските трошоци (10.818 денари). За лична хигиена, минималните трошоци изнесуваат 2.382 денари, а за превоз минимум се потребни 2.529 денари.

Посебен товар за граѓаните е и почетокот на учебната година. Минимално за ова, според ССМ, би се потрошиле осум илјади денари само за еден ученик.

Пораст на трошоците на живот евидентира и Државниот завод за статистика. Според објавените податоци за август, пораст е забележан кај зеленчукот за околу 15 проценти, кај сирењето и урдата за 1,1 процент, кај месото за 0,9 проценти, лебот и житата за 0,7 проценти и кај млекото за 0,6 проценти.

– Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците на живот, тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на синдикалната минимална кошница, оценуваат од ССМ и предупредуваат дека ако продолжи минималната плата да стагнира односно да се усогласува без да бидат прифатени забелешките од синдикатите, ќе има тренд на осиромашување на населението.

ССМ извесен период бара минималната плата да изнесува најмалку 60 проценти од просечната плата, а при последното усогласување во март годинава побара да не се земе предвид падот на Бруто домашниот производ како еден од трите параметри за усогласувањето, но нивниот предлог не беше прифатен.

– Поради се поевидентното зголемувањето на цените, очигледно е дека ни треба плата за живот со која како работници, без да се грижиме за нашата егзистенција, ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница со само една плата, посочуваат од ССМ во изјавата за МИА.

Од ресорното Министерство за труд и социјална политика, пак, укажуваат дека во изминатиот период се бележи пораст на платите во државата. Повикувајќи се на официјалните статистички податоци за јули годинава посочуваат дека нето платата е зголемена за 1.309 денари во однос на јули минатата година.

– Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна нето плата за јули 2021 година, која е објавена во септември 2021 година, изнесува 28.540 денари и е повисока за 1.309 денари во однос на истиот месец од претходната година или 4,8 проценти. Нашите очекувања се и понатаму да има пораст на платите во земјата со што ќе се влијае и на состојбата на животниот стандард на граѓаните, стои во одговорот што МИА го доби од Министерството.

Во однос на предлогот на ССМ да не се зема предвид негативниот пораст на БДП при усогласувањето на минималната плата, од МТСП појаснуваат дека во законот се утврдени критериуми за корекција и оти какво и да било менување на овие критериуми, мора да биде разгледано во рамки на социјалниот дијалог.

– Минималната плата се утврдува со Законот за минимална плата и истата се објавува секоја година во март а се применува од април. Во Законот се утврдени критериуми за корекција на минималната плата. И сегашното законско решение за утврдување, односно критериумите за корекција на истата се утврдени со социјалните партнери. Поради ова сметаме дека какво било менување на критериумите кои ќе имаат влијание на минималната плата треба да биде предмет на социјален дијалог помеѓу социјалните партнери, наведува МТСП.

Минималната плата во земјава изнесува 15.194 денари во нето износ. Ново усогласување се очекува во март следната година. При усогласувањето предвид се земаат три параметри – една третина од порастот на просечно исплатената плата, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на БДП.

Уште пет дена попис, досега попишани околу 1,4 милиони лица

Заклучно до вчера до 12:00 часот попишани се вкупно 1.395.000 граѓани, над 435.000 домаќинства и над 600.000 станови, а се самопопишани 195.477 граѓани од дијаспората.

Државниот завод за статистика (ДЗС) од денеска, со цел никој да не биде пропуштен во пописот, ќе им овозможи на граѓаните да можат да отидат на одредни локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност.

Портпаролот на Владата Муамет Хоџа на вчерашната прес-конференција апелираше до останатите во земјава и до сите во дијаспората кои досега не се попишани да го сторат тоа.

Јасмина Ѓоргиева од ДЗС на прес – конференција појасни дека граѓаните кои поради некоја причина не успеале во изминатите 20 дена да остварат контакт со попишувачот, односно попишувачот поминал во нивиниот пописен круг, но не ги нашол во моментот дома, оставил или не оставил порака, едноставно не бил воспоставен контакт, од денеска ќе можат на одредни локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност.

– Тие граѓани ќе можат да појдат на овие локации во нивните општини и да се попишат. Овие локации, за секоја општина во државата, ќе бидат објавени попладнево на веб-страницата https://popis2021.stat.gov.mk/, појасни Ѓоргиева.

Додаде дека влегуваме во последна фаза од пописните активности на терен, кога се привршуваат сите активности што се спроведуваа последните 20 дена, кога попишувачите и нивните реонски инструктори ги посетуват сите пописни кругови, ги проверуват и се обидуваат да откријат дали некој е пропуштен.

Ѓоргиева потсети дека пописот трае до четврток, 30 септември, а попишувачите работат интензивно на терен, од 8 до 20 часот. Им порача на граѓаните кои досега не биле попишани, да бидат трпеливи и да очекуваат дека следните денови ќе бидат попишани. Додаде дека некои граѓани ќе бидат опфатени последните три дена од пописот.

Министерот за правда Бојан Маричиќ пак оцени дека до крајот на следната недела успешно ќе финишира попишувањето на населението. Според него, добро е што апелите за бојкот не наидоа на поддршка кај граѓаните, кои се свесни за значењето на оваа голема статистичка операција.

– Досега 1.400.000 граѓани се попишаа. Сигурен сум дека до крајот на идната недела кога завршува пописот ќе имаме покомплетна бројка. Имаме потоа неколку месеци за сумирање на резултатите. Овој попис се прави по методологија на Евростат, подготвуван е многу долго и се спроведува по 20 години. Ова е натпартиска операција и навистина жалам што некои помали политички партии место да го поддржат, решија да собираат политички поени на пописот, но на крајот убеден дека сите ќе бидеме задоволни од тоа како го изведовме пописот, рече Маричиќ.

Тој информира дека податоците собрани од пописот се навистина потребни за идните долгорочни развојни политики на земјата. Дополнително, информираше дека попишувачите се од сите етнички заедници и дека процесот е целосно инклузивен.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември.

Активни 12 207 случаи, надлежните повикуваат невакцинираните да се вакцинираат

Активни се 12 207 случаи во државава од кои најголем број 5714 се во Скопје. Во Тетово има 951 активен случај, во Куманово 937, во Гостивар 497, во Охрид 491, во Кичево 411, во Струга 364…

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 525 случаи со Ковид-19 од 3858 направени тестирања. Пријавени се 18 починати лица, од кои 12 во изминати 24 часа, а шест со дијагноза Ковид-19 од „Мој Термин" се со датум на смрт во период од 22 август до 19 септември 2021. Евидентирани се и 449 оздравени пациенти.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера во телевизиско гостување рече дека засега нови рестриктивни мерки или некои препораки нема да има освен тоа што сега е како критериум за влез на настани, угостителски објекти и се бара најмалку една доза вакцина. Од средината на октомври, нагласи, ќе има мерка со која ќе може да функционираат само целосно вакцинирани граѓани.

Посочи дека станува збор за мерка која ја воведуваат сите земји во Западна Европа и за патување, за влез на граници, настани, угостителски објекти итн.

– Тоа што сега следиме и според што се водиме се препораки на меѓународни тела, искуства од некои други земји од Западна Европа, САД, Канада итн. и тука се јасни препораките дека постарите граѓани, тие кои сакаме да ги заштитиме затоа што тие имаат и најголем број хронични болести се таа категорија граѓани кои после шест месеци од примена втора доза вакцина ќе можат да примат трета вакцина. Повеќе студии во светот укажуваат на тоа дека значајно се зголемува ефикасноста односно дека е на некој начин буст на имунитетот кога ќе се прими и трета доза. Затоа сега почнуваме со граѓаните постари од 60 години, понатаму сите здравствени работници без оглед на возраста, а тоа е така поради тоа што тие се најмногу изложени на ризик да заболат и без оглед на возраста и пациентите кои имаат некаква форма на имунокомпромитација, рече Филипче.

Целта е, појасни министерот, да имаме што поголем процент на опфат со вакцинација кај нашето население, кое сега е околу 37 проценти на тоталната популација.

– Граѓаните над 40 години се вакцинирани над 50 проценти, меѓутоа сега интересот е на некој начин спласнат. Можно е во следниот период согласно новите препораките така како што ќе излегуваат и од регулаторните тела и исксуствата од другите земји и од студиите кои ќе излегуваат, да препорачаме трета доза и за други категории граѓани. Вирусот се шири најмногу кај невакцинираните граѓани. Над 86 проценти од сите новодијагностицирани, тие пациенти кои се во болница се невакцинирани. Огромен број смртни случаи се кај невакцинираните. Граѓаните мора да сфатат дека ова е единствениот начин да ги нормализираме животите, да се растовари здравствениот систем, а тие да го заштитат своето здравје, истакна Филипче.

Во врска со училиштата, потенцира дека тоа што го подготвуваат е на еден начин скрининг, имајќи предвид дека можно е децата да се и асимтоматски преносители на вирусот.

– И во таа смисла сега правиме план и со директорите на центрите за јавно здравје, на здравствените домови, кадарот, начинот на кој тоа ќе се направи, како да обезбедиме доволна бројка деца кои ќе се тестираат во сите училишта во сите градови, за да имаме еден пресек на состојбата врз основа на што можеби ќе пресретнеме и некој случаи кои се асимптоматски па ќе може да носиме некакви мерки и препораки. Дотогаш останува препораката дека согласно тоа дека има малку заболени деца тешко е да се каже дали има трансмисија во училиштата заради тоа што децата и после часовите често комуницираат, се дружат, одат на спортови итн, препораките остануваат исти, рече Филипче.

Министерството за здравство вчера ја објави анализата на вакцинирани од позитивни случаи со Ковид 19, во период од 6 август заклучно со 23 септември. За вакцинирани, како што се посочува, се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

– Во период од 6 август до 23 септември на територија на државата 32.818 граѓани се позитивни од тестирани на Ковид-19, од кои 22 отсто биле целосно вакцинирани, односно 7248 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според статистика за изминативе недели, 25.570, 78 отсто граѓани, од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 80 отсто, додека само 20 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.

Во период од 6 август до 23 септември, како што се наведува во анализата, починале 1033 лица со Ковид-19, 888 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 14 отсто примиле вакцина.

– Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на „Модерна" и „Џонсон". Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, посочуваат од Министерството и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2. рп/са/

притисни ентер