Повторно отворен Музејот на илегалната работилница за изработка на оружје во Скопје од НОВ - Канал 5

Повторно отворен Музејот на илегалната работилница за изработка на оружје во Скопје од НОВ

 Културната понуда на Скопје е збогатена со Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944).

Повторно отворен Музејот на илегалната работилница за изработка на оружје во Скопје од НОВ

Музеј кој на 4 јануари годинава го отвори скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Музејот е лоциран на левиот брег на реката Вардар, зад Археолошкиот музеј на Македонија.

Посетителите во Музејот можат да ја погледнат постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“ и да се запознаат со историјата на антифашистичко Скопје од авторот Зоја Богдоновска, виш кустос и историчар. За изложбата е изработен и двојазичен каталог (македонско/англиски), во издание на Музејот на Град Скопје. Изложбата и каталогот се реализирани со финансиска поддршка на Град Скопје.

Историја на Меморијалниот музеј

Во услови на окупација и полициски режим, во непосредна близина на кејот и зградата на Митрополијата, на улица „Пајкова“ број 2, формирана е првата илегална работилница во градот. Задачата околу формирањето и организирањето на работилницата им била доверена на Илија Јакимовски Илчо, Роберт Гајдик и Бранислав Шикиќ, а тие задачата му ја довериле на електромеханичарот Серафим Видовски кој имал работилница во дворот на својата куќа. Оваа скромна работилница прераснала во јадро на создавање на новата историја на градот и еден од симболите за отпорот на населението против окупаторот и неговиот терор. Куќата и работилницата го дочекале ослободувањето на Македонија и опстојале се до 1965 година, но со новиот урбанистички план и изградбата на Стопанската банка во комплексот на културните институции, тие биле урнати.

Со смислена реконструкција, водена од архитектот Александар Никољоски, Заводот за заштита на спомениците на културата на Град Скопје и Музејот на Град Скопје, поради историското значење на објектот, во целост ја зачувале автентичноста на старата работилница. Овој објект во 1981 година е пренаменет во Меморијален музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944), како нем потсетник за хероите и борците кои пожртвувано се бореле и вршеле диверзантски акции врз надмоќниот фашистички окупатор за да ја ослободат нашата татковина.

На 13 ноември 2017 година, на Денот на ослободувањето на Скопје, градоначалникот Шилегов најави дека наскоро повторно ќе го отворат овој Музеј. Според него, Музејот неправедно бил затворен долги години поради реновирање.

- Некогаш познатата, а потоа заборавена илегална партизанска оружарница ќе биде отворена секој работен ден со дежурен кустос и ќе биде полна со ученици од Скопје, истакна тогаш Шилегов.

Во овие простории била сместена работилницата на Серафим Видовски и била опремена со најнеопходниот електромеханичарски рачен и статичен алат. За време на окупацијата, тука е формирана првата илегална работилница за оружје во градот која работела од почетокот на август до 4 декември 1941 година. Во целосно зачуваната тајна работилница е сместена новата изменета и надополнета поставка, со нови содржини кои ги пренесуваат фактите за едно историско време особено значајно за историјата на градот.

Оваа илегална работилницата била мошне скромно опремена со рѓосани делови на оружје: револвери, пушки, шмајзери и сл., но во неа се изработувале и боеви средства како конструкции на рачни бомби, пеколна машина, нагазни мини за железница и друго, кои „громогласните“ херои ги користеле во своите диверзантски акции.

Со новата изменета и надополнета поставка, чиј автор е Зоја Богдановска, виш кустос историчар, и изложувањето на деведесетина зачувани музејски експонати се будат сеќавањата за илегалната работилница што се користела за изработка на оружје за партизанските одреди со времето на Втората светска војна.

Посетителитете заинтересирани за Музејот

Разговаравме со Валентина Петровска, кустос историчар за периодот од НОВ (1941-1944) од Музејот на Град Скопје, одговорна за изложените предметите кои се дел од збирката од НОВ. Таа не информира дека постои интерес за Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје. Посетителите почнале да доаѓаат веднаш по отворањето и во текот на учебната година, а летово Музејот не работел. Досега имале околу 500 посетители. Влезот е слободен, а посетителите се главно ученици од основните и средни училишта, студенти, има и странци кои ги посетувале околните музеи, а потоа и овој музеј. Ни појасни дека заинтересираните посетители треба да бидат во група, да се јават во Музејот на Град Скопје, а таа потоа се договара со нив за термин, кога им одговара.

- Кога се отвори Музејот прво ги информиравме средните училиштата и организирано, преку професорите по историја, ни доаѓаа ученици. До јуни не посетија неколку училишта и генерално има интерес. Во Музејот можат да доѓаат ученици од основните, средните училишта, деца од претшколска возраст за кои се прилагодува програмата. Есенва очекуваме посети од сите нив, вели Петровска.

Според неа, старите скопјани и оние кои претходно го посетиле Музејот, кога прочитале дека повторно е отворен, доаѓаат и имаат коментари, пофалби дека сега е подобро.

- Има луѓе кои го посетиле Музејот бидејќи беше отворен во 1982 година и функционираше до пред четири години. Потоа требаше да се реновира просторот, да се обнови поставката, да се модернизира. Поради реновирање и осовременување на музејската поставка, Музејот беше затворен и на 4 јануари го отворивме. Тоа е една приказна која се случува во историски период, во НОВ. Интересно е за посетителите тоа што Музејот е во оригинален и автентичен простор. Има ексопонати кои се поврзани со илегалната работилница, која функционирала во тој период. Во оригинален и автентичен простор е и подрумскиот дел, и покрај тоа што е тешко за одржување таков Музеј, во такви услови, вели Петровска. Посочи дека посетителите сакаат да погледнат нешто од тој период на Скопје.

Таа додаде дека во Музејот на Град Скопје постои Одделение за едукација и преку одредени тематски работилници се работи на едукација на децата.

- Музеите се создадени не само за да се види нешто, туку и да се научи, смета Петровска. Додаде дека поради недостиг на кадар, наскоро се очекува да биде вработен водич кој ќе работи во Музејот.

Алатките во работилницата

Посетителите можат да погледнат оригинални предмети кои Серафим Видовски ги има подарено, а дел продадено на Музејот на Град Скопје за потребите на оваа работилница. Тоа се 96 предмети, електромеханичкарски алати, кои ги користеле работниците за поправка на оружјето. Од рачен алат има клешти, моторцангли, шрафцигери, разни видови клучеви – обични и машински, турпии, рачна електрична бор-машина... Од статичен алат има стабилна електрична бор-машина, електрично точило, електричен апарат за заварување, волтметар, амперметар..., се она што се користи во една електромеханичарска работилница.

Во Музејот се поставени телевизири на кои се прикажува целатата приказна, историјата на Град Скопје за време на НОВ. Има и таблети до секој експонат, со слика и опис на предметот. Поставени се витрини каде се изложени предметите кои биле изработени токму во работилницата на Серафим Видовски, но и од останатите работилници. Има и предмети од НОВ, кои не се поврзани со работилницата, но се од тој период, како ранец, торбичка за куршуми што ја носеле партизнаите.

Во Скопје постоели и други илегални работилници за оружје во кои често се доработувале оружја за кои немало алат во работилницата на Видовски. Тоа биле работилниците на Бедрих Нолч Белка, Антон Паскалов, Богољуб Димитријевиќ, браќата Поповиќ, Стојан Лаврин, работилницата во импровизираната барака во лозјето на Мато Матовски во Козле и други.

На Скопје му недостигаше Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944), чии содржини ги пренесуваат фактите за едно време особено значајно за историјата на градот Скопје во 40-тите години на 20 век. /МИА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова: Без слободни и одговорни медиуми нема информиран демос, а без активни граѓани – нема демократија

Најпрво, таа и оддаде признание на новинарската професија и фела како на почитувана и храбра, спремна да ги брани етичките принципи и вредности дури и цена на слободата и животот.  

Сиљановска-Давкова: Без слободни и одговорни медиуми нема информиран демос, а без активни граѓани – нема демократија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова имаше воведно обраќање на 20. Форум на медиумите од Југоисточна Европа (SEEMF), што вчера се одржа во Скопје, на тема „Поблиски во регионот, посилни во Европа: Улогата на комуникациите и медиумите во зајакнувањето на имиџот, отпорноста и безбедноста на Европа“.

За неа, новинарите не се обични хроничари на времето, туку личности здружени во цврст човечки столб на демократскиот поредок и незаменливи креатори на res publica.

Потсетувајќи дека политиката, по природа е дијалог, а не монолог, потенцираше дека медиумите не се само медијатори меѓу власта и граѓаните, туку активни учесници во обликувањето на јавната свест, градењето политичка перцепција и овозможувањето дисперзија на општествената моќ.

Според неа, слободниот печат е важен демократски фактор и лакмус, овозможувајќи информирано граѓанство, критичка јавност и постојана контрола врз носителите на власта.

Таа нагласи дека новинарството не смее да биде ниту продолжена рака на власта, ниту нејзин однапред утврден противник, туку независен чувар на јавниот интерес.

Осврнувајќи се на дигиталната трансформација, видеократијата и вештачката интелигенција, Сиљановска-Давкова предупреди дека поголемата достапност на информациите не значи и поголема доверба во нив.

Повикувајќи се на истражувањето на Институтот Ројтерс за 2026 година, според коешто довербата во вестите изнесува 37 проценти, таа го посочи парадоксот на современото општество: никогаш немало повеќе информации, но и пониска доверба во нив.

Таа ја истакна важноста на човечкиот лик и димензија на новинарската професија, укажувајќи дека медиумската слобода не подразбира само слобода на изразување, туку и безбедност, достоинство, професионална автономија и економска независност на новинарите.

Претседателката потсети дека брзината е технолошка предност, но точноста останува професионална новинарска обврска, оти новинарите се ем сведоци, ем толкувачи и чувари на јавната меморија, а општеството што не ја чува вистината за своето време, ризикува да ја изгуби способноста да ја обликува иднината.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката.

Почитувани новинари,

Почитувани членови на SEEMO,

Дами и господа,

Драги пријатели на слободниот збор,

Зошто сум тука? Со генерации, новинарството го практикувале чесни луѓе кои ги изгубиле работните места, отишле во затвор и претрпеле бројни други тешкотии во одбрана на своите принципи.

Посветеноста на новинарот кон етичките принципи не е ниту мртва, ниту нова.

Новинарството бара посветеност на вистината и симпатии кон res publica.

Политиката е секогаш дијалог, никогаш монолог, со несогласување и комуникација во сржта. Демократијата е форма на политичка комуникација меѓу власта и народот. Дури и авторитарните лидери се преправаат дека комуницираат со својот народ. Во демократските држави, политиката не е можна без сложени процеси на комуникација. Сите знаеме дека е претежно индиректна и посредувана, бидејќи нашето разбирање на политиката ретко доаѓа директно од политичарите, претежно од телевизијата, весниците, радиото и, најмногу, од интернетот и социјалните мрежи.

Масовните медиуми претставуваат многу повеќе од канал за комуникација. Како важен дел од политичкиот процес, тие не само што ја одразуваат, туку и влијаат на распределбата на моќта во општеството.

Според тоа, вие повеќе сте дел од вестите, отколку само новинари. Повеќето од вас избираат да дејствуваат, а не да гледаат. Така, секогаш кога зборуваме за новинарството, всушност зборуваме за начинот преку кој луѓето се обидуваат да создадат добро општество.

Медиумите акумулирале толку многу економска и пазарна моќ што ниедна власт не може да ги игнорира.

Всушност, спротивставените теории/концепти нудат различни погледи на политичкото влијание на медиумите: плуралистички модел - ги прикажува медиумите како формално независни од власта во обезбедувањето „информирано граѓанство“; доминантен модел на идеологија - ги прикажува масовните медиуми усогласени со интересите на социјалните и економските елити; модел на вредности на елитата - го префрла вниманието од сопственост кон механизам преку кој се контролира медиумското производство; пазарен модел преку кој приватните медиуми се пред сè профитно ориентирани и заинтересирани.

За мене, слободниот печат е една од клучните карактеристики на демократијата: со поттикнување на јавна дебата и политичко ангажирање; преку дејствување како „јавни контролори“; преку прераспределба на моќта; како механизам преку кој демократијата може да функционира.

Вие сте агенти на политичко образование, овозможувајќи политичка дебата и обезбедувајќи граѓански форум меѓу академици, бизнис лидери, синдикати, претставници на интересни групи, лобисти или самата јавност, којашто може да изрази мислења преку телефон: во програми, „соби за разговор“, интернет блогови и така натаму.

Улогата на „контролор“ може ефикасно да се изврши ако новинарите се вистински независни и не се доминирани од власта. Само тогаш можете да ги испитате нејзините активности и да ги откриете злоупотребите на моќ.

Медиумите и ВИЕ - новинарите - ја промовирате демократијата преку проширување на распределбата на моќта и политичкото влијание во општеството. Како? Преку „нови“ медиумски капацитети за зголемување на пристапот до информации и размена на информации. Полесниот пристап до информации ги овласти недржавните актери, невладините организации и тинк-тенковите, со што ги предизвика владините активности.

Новата технологија нуди проширување на учеството на граѓаните преку „е-демократија“, сајбер демократија, електронска демократија.

Но, не смееме да заборавиме или занемариме некои резерви во врска со капацитетот на масовните медиуми да испорачаат ефективна демократија. Далеку од тоа да им обезбедат на граѓаните широк и балансиран опсег на политички ставови, содржината на масовните медиуми е обележана со политичка пристрасност. Покрај тоа, масовните медиуми не се предмет на јавна одговорност. Тие се класичен пример за „моќ без одговорност“. Колку и да се добро информирани новинарите и нивните ставови да се засновани на проверени факти, дури и тие да бидат „гласот на народот“, медиумските професионалци се претставуваат само себеси.

Постојат причини да се сомневаме во независноста на медиумите од власта. Често постои симбиотска врска меѓу медиумските професионалци и политичката елита.

Мораме да потсетиме дека власта и масовните медиуми не се секогаш спротивставени сили. Вторите честопати биле контролирани, директно или индиректно, и користени како форма на пропагандна машина.

Поволното презентирање на информации и политики, или она што се нарекува „спин“, стана главна преокупација на модерните влади.

Уметноста на спинување, практикувана од спин доктори, има многу аспекти: внимателна проверка на информациите, контрола на изворите на информации, користење на протекувањата…

Медиумите не биле неволни или пасивни играчи во развојот на управувањето со вестите.

Масовните медиуми имаат потреба од власта колку што власта има потреба од масовните медиуми. Власта отсекогаш била важен извор на вести и информации. Нејзината улога станала поважна.

Во некои случаи, издавачите, уредниците и новинарите заговараат со спин доктори за да управуваат со вестите, што е од нивна заедничка корист.

Но, дали постои вистински јавен живот без информиран граѓанин? Дали демократијата може да биде нешто повеќе од формална процедура, доколку граѓаните немаат пристап до проверени информации, доколку не можат да ги разликуваат фактите од конструираните наративи, аргументите од пропагандата, а вистината од привидниот приказ? Според мене, токму тука е суштината на новинарството – неговата незаменлива улога да го направи јавниот простор достапен за знаењето, критиката и слободното расудување.

Дигиталните технологии го променија самиот начин на кој го доживуваме светот. Средствата се променија, но демократската потреба остана иста: луѓето да знаат, да разбираат и да градат сопствен став. Затоа, новинарството не е само хроника на настани, туку и сведоштво за цивилизацискиот развој на правото на јавноста да биде информирана.

Но, информирањето никогаш не било само прашање на пренос на податоци. Тоа подразбира и избор: што ќе се смета за важно, кој ќе добие можност да зборува, кој настан ќе биде ставен во преден план, а кој ќе остане на маргините. Медиумите не ја создаваат реалноста, но учествуваат во обликувањето на нејзината јавна слика. Тие влијаат врз прашањата за кои размислуваме, врз важноста што им ја придаваме и врз начинот на кој ги толкуваме општествените процеси. Не е случајно што политичката моќ отсекогаш се обидувала да влијае врз медиумската сфера – понекогаш преку контрола, понекогаш преку притисок, а денес, сè почесто, преку заобиколување на традиционалното новинарство и директно обраќање до јавноста. Но, новинарството не смее да биде ниту продолжена рака на власта, ниту нејзин однапред одреден противник. Негова должност е критички да ја испитува секоја форма на моќ, вклучително и сопственото влијание.

Во ера на „видеократија“ и демократија на спектаклот, оваа одговорност добива уште подлабока димензија. Сликите сè повеќе го заменуваат објаснувањето, минливите впечатоци го потиснуваат поширокиот контекст, а алгоритмите стануваат посредници меѓу настаните и граѓаните. Вештачката интелигенција отвора извонредни можности, но истовремено отвора и нови прашања за автентичноста, авторството и веродостојноста на информациите. Според истражувањето на Институтот „Ројтерс“ од 2026 година, социјалните мрежи и видео-платформите за првпат станаа најкористен глобален извор на вести, додека довербата во вестите изнесува 37%. Зар не е еден од големите парадокси на нашето време тоа што информациите никогаш не биле подостапни, додека довербата во нив, можеби, никогаш не била покревка?

Но, зад секоја информација стои и човек – оној што ја создава. Новинарите известуваат од местата на несреќи, пожари, вооружени конфликти и човечки трагедии, често изложени на ризици коишто не можат ниту да се предвидат, ниту да се контролираат. Според Меѓународната федерација на новинари, во 2025 година загинале 128 новинари и медиумски работници, при што 9 од овие случаи се класифицирани како несреќни. Статистиката не може целосно да ги опфати невидливите последици од оваа професија: психолошкиот товар од постојаната изложеност на трауматични настани, заканите, исцрпеноста, несигурните услови за работа и немилосрдните рокови. Не смееме да ја романтизираме новинарската професија до тој степен што ќе ги занемариме условите во кои таа се извршува. Слободата на медиумите подразбира и безбедност, достоинство, професионална автономија и економска независност за новинарите.

Затоа, би сакала да нагласам дека одговорното новинарство не се препознава само по способноста да ги разоткрие туѓите грешки, туку и по подготвеноста да се преиспитува себеси. Брзината можеби е технолошка предност, но точноста останува професионална обврска. Критичкото новинарство не е синоним за пристрасност, исто како што слободата на изразување не ја укинува одговорноста за она што е кажано или објавено.

Денес, кога јавната сфера е изложена на политички, економски и технолошки притисоци, на новинарството му се потребни храброст, но и знаење; независност, но и самокритичност; слобода, но и професионални стандарди. Без слободни и одговорни медиуми нема информиран народ; а без информиран народ, демократијата ризикува да стане празна форма, лишена од својата суштина.

На крајот, можеби најважното прашање не е само какви медиуми сакаме, туку какво општество сакаме да бидеме. Општество во кое информациите се инструмент за манипулација, или општество во кое тие се предуслов за слободно расудување? Општество во кое гласноста го заменува аргументот, или општество во кое вистината има предност пред сензацијата?

Верувам дека одговорите на овие прашања ќе ја одредат и иднината на новинарството. Новинарите се набљудувачи на времето во кое живееме. Тие се нејзини сведоци, толкувачи и, во голема мера, чувари на јавното сеќавање. А општество кое не успева да ја зачува вистината за сопственото време, ризикува да ја изгуби способноста да ја обликува својата иднина.

Ви благодарам.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Денеска пресуда за случајот со палење на дипломатски возила пред бугарската амбасада

Денеска треба да се донесе пресуда за случајот со палење на двете дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје инцидентот што се случи на 15 јуни  годинава .

Денеска  пресуда за случајот со палење на дипломатски возила пред бугарската амбасада

За кривично дело насочено против безбедноста на лицата и објектите под меѓународноправна заштита 44-годишниот скопјанец претходно ја призна вината за делото, изјавувајќи пред судот дека сам ја донел одлуката да ги полее со бензин и да ги запали возилата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Охридско лето“ со впечатлив концерт во Македонската филхармонија, Патира и Курек ја воодушевија публиката

Виртуозниот полски виолинист Мариуш Патира и истакнатиот пијанист Радослав Курек синоќа приредија впечатлива музичка вечер во Камерната сала на Македонската филхармонија, во рамките на концертната дејност на НУ „Охридско лето“ .

„Охридско лето“ со впечатлив концерт во Македонската филхармонија, Патира и Курек ја воодушевија публиката

Виртуозниот полски виолинист Мариуш Патира и истакнатиот пијанист Радослав Курек синоќа приредија впечатлива музичка вечер во Камерната сала на Македонската филхармонија, во рамките на концертната дејност на НУ „Охридско лето“ надвор од редовната фестивалска сезона.

Публиката имаше можност да ужива во внимателно одбран репертоар, кој понуди дела од различни стилски периоди и ја истакна виртуозноста и музичката интерпретација на двајцата уметници.

Со својата извонредна техника, музикалност и сценска енергија, Патира и Курек ја воодушевија публиката, која нивната изведба ја награди со долги и громогласни аплаузи.

Особено внимание предизвика музичката комуникација меѓу двајцата уметници, чии изведби се надополнуваа во впечатлива целина, оставајќи силен впечаток кај присутните.

Мариуш Патира во 2001 година ја освои главната награда на престижниот Меѓународен виолински натпревар „Николо Паганини“, како прв полски виолинист кому му припаднало ова признание. Настапувал на престижни концертни сцени во Европа, Јапонија, САД и Мексико.

Радослав Курек е истакнат пијанист и камерен музичар, добитник на повеќе меѓународни признанија, а неговата концертна кариера опфаќа настапи во Европа, Америка, Азија и Африка.

Со овој концерт „Охридско лето“ ја продолжува својата концертна дејност и надвор од редовните фестивалски денови, традиција започната минатата година.

Овој концерт се реализираше со поддршка на Амбасадата на Република Полска во Скопје, а влезот за посетителите беше бесплатен како израз на благодарност за поддршката и довербата на публиката, но и како придонес кон создавање достапни и квалитетни културни содржини.

По синоќешниот концерт, концертната програма продолжува на 4 декември во Музејот на македонската борба за самостојност, со настап на извонредната корејско-американска сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер