Повеќе од 280 милиони луѓе се соочиле со акутен глад минатата година, покажува извештај на ФАО

 Над 280 милиони луѓе во 59-те земји во светот каде кризата со храна е најтешка, се соочиле со акутен глад минатата година, покажува извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Се забележува дека иако вкупниот удел на луѓето во светската популација кои се соочуваат со голем недостиг на храна во 2023 година беше малку помал отколку во 2022 година, тој остана над нивото пред пандемијата.

Во него се нагласува дека процентот на луѓе кои се соочуваат од акутен глад останува висок, а главни фактори зад овој тренд се воените конфликти, екстремните временски услови и економските шокови, кои продолжуваат да го загрозуваат одржливиот развој на светот.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации предупредува дека влошувањето на ситуацијата во светот како резултат на овие фактори претставува сериозна закана за глобалната безбедност на храната во тековната 2024 година.

Извештајот на ОН ги става Авганистан, ДР Конго, Нигерија, Судан и Етиопија во првите пет земји погодени со најакутна криза со храна. /МИА

Во руски напад во Сумската област оштетен високонапонски објект на Укренерго

Високонапонскиот објект на Националната енергетска компанија „Укренерго“ е оштетен во руски напад со беспилотни летала и ракети врз Сумската област во Украина.

- Меѓу оштетената цивилна инфраструктура е и високонапонски објект на „Укренерго“ … Екипите за поправка на „Укренерго“ работат на постепено враќање на снабдувањето со енергија на потрошувачите, соопшти операторот.

Како што пренесува Укринформ, во соопштението се додава дека руските напади врз енергетските капацитети во регионот Харков не престануваат и оти вчера од безбедносни причини била исклучена опремата на локалната регионална енергетска компанија.

- Поголемиот дел од неа веќе е вратена во функција, но целосното обновување на снабдувањето со енергија е попречено од непријателствата во близина на објектите на енергетската инфраструктура, се вели во соопштението.

Израел почна евакуација на Рафа пред планираната воена операција

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска почнаа да го евакуираат Рафа во јужниот дел на Појасот Газа пред планираната воена операција во градот.

- Почнуваме операција со ограничен опсег за привремено евакуирање на жителите на источен Рафа, изјави портпаролот на ИДФ.

ИДФ ги повикаа жителите на источниот дел на градот на границата со Египет да се преселат во кампот Ал-Маваси на Медитеранот неколку километри северно. Според портпаролот на ИДФ, се проценува дека се погодени околу 100.000 луѓе. Тие биле информирани преку СМС порака, телефон, летоци и преку медиуми на арапски јазик.

Луѓето треба да одат во „проширена хуманитарна област“ во областа Ал-Маваси. Таму има храна, вода и лекови, рече портпаролот на ИДФ. Армијата исто така постави теренски болници. Портпаролот не можеше да каже колку време имаат луѓето да се евакуираат.

Тој нагласи дека доставувањето хуманитарна помош за населението ќе продолжи непречено за време на операцијата за евакуација. Таа може да се донесе до крајбрежниот појас преку различни рути, на пример преку пристаништето во Ашдод.

ОН ја осудија забраната на Ал Џезира во Израел

Обединетите нации ја истакнаа важноста на слободата на медиумите по одлуката на Израел да ја забрани Ал Џезира во земјата.

- Ние сме силно против секоја одлука за укинување на слободата на медиумите. Слободните медиуми обезбедуваат непроценлива услуга за да се обезбеди јавноста да биде информирана и ангажирана, изјави синоќа во Њујорк портпаролот на ОН Стефан Дужарик.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера соопшти дека неговиот кабинет едногласно гласал за затворање на телевизијата Ал Џезира во Израел. Телевизијата ја осуди одлуката и истакна дека ќе ги искористи „сите можности“ за заштита на своите права и вработените.

притисни ентер