Поведена истрага против Манделсон поради наводно оддавање информации на Епстин - Канал 5

Поведена истрага против Манделсон поради наводно оддавање информации на Епстин

 Метрополитенската полиција поведе кривична истрага против поранешниот британски амбасадор во Вашингтон и европски комесар за трговија, Питер Манделсон.

Поведена истрага против Манделсон поради наводно оддавање информации на Епстин

Метрополитенската полиција поведе кривична истрага против поранешниот британски амбасадор во Вашингтон и европски комесар за трговија, Питер Манделсон, поради наводи за злоупотреба на службената положба, потврдено е по проценката на материјалите кои се однесуваат на неговата наводна комуникација со осудениот американски сексуален престапник Џефри Епстин.

Истрагата е иницирана откако беа објавени имејлови од Министерството за правда на САД, за кои се тврди дека покажуваат дека Манделсон, додека бил секретар за бизнис во владата на Гордон Браун во 2009 година, му препраќал на Епстин информации кои би можеле да бидат чувствителни за пазарот, пренесе Би-Би-Си. Полицијата наведе дека примила повеќе пријави, вклучително и упатување од владата на Обединетото Кралство, по објавувањето на судските документи поврзани со Епстин. Портпаролот на британската влада рече дека владата е подготвена да ја пружи сета потребна поддршка на полицијата.

Поранешниот британски премиер Гордон Браун изјави дека му пишал на комесарот на Метрополитенската полиција, доставувајќи релевантни информации во врска со наводната преписка меѓу Манделсон и Епстин, оценувајќи го таквото постапување како „непростливо и непатриотско“.

Манделсон не одговори на барањата за коментар, но Би-Би-Си наведува дека тој смета оти не дејствувал криминално ниту од финансиски побуди. Во текот на викендот тој повтори дека жали поради својата поврзаност со Епстин и им се извини на жените и девојчињата кои претрпеле злоупотреба.

Лорд Манделсон вчера поднесе оставка во британскиот Дом на лордовите, горниот дом на парламентот на Обединетото Кралство. Меѓутоа, рече дека ќе го задржи доживотното благородништво. Владата соопшти дека работи на законско решение кое би овозможило одземање на неговата благородничка титула во забрзана постапка.

Британскиот премиер Кир Стармер рече дека Манделсон „ја изневерил својата земја“ и го оцени наводното препраќање информации како „срамно“. Тој додаде дека не е уверен оти сите релевантни информации веќе излегле на виделина.

Наводните имејлови, кои се дел од објавените документи од 2008 година, укажуваат на комуникација меѓу Манделсон и Епстин за владини планови, вклучувајќи го данокот на банкарските бонуси, како и други економски мерки. Во документите исто така се споменуваат наводни парични исплати од Епстин до Манделсон и неговиот партнер, што Манделсон претходно го негираше, наведувајќи дека не се сеќава на тие исплати или дека тврдењата се неточни.

Опозициските партии побараа дополнителни објаснувања во врска со именувањето на Манделсон за амбасадор на Велика Британија во САД во 2024 година, како и за процесот на проверка кој и претходел на таа одлука. Владата најави дека ќе биде подготвена да ги објави релевантните информации, со исклучок на документите кои би можеле да ја загрозат националната безбедност или меѓународните односи.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

EУ предлага нови санкции против Русија – на удар се банките, нафтата, спортот и руските војници

Европската комисија предложи нов, 22-ри пакет економски санкции против Русија поради продолжувањето на нападите врз Украина.

EУ предлага нови санкции против Русија – на удар се банките, нафтата, спортот и руските војници

Целта е дополнително да се зголеми притисокот врз Москва и да се ограничи финансирањето на војната. Предлогот предвидува исклучување на уште 60 руски банки од системот Свифт и ограничувања за криптоплатформите.

Се предлага и забрана европските компании да вршат поправки на руски енергетски објекти, особено нафтени рафинерии.

Новите мерки предвидуваат и забрана за влез во ЕУ на поранешни руски војници кои учествувале во војната во Украина. Комисијата предлага и исклучување на руските спортисти кои настапуваат под националното знаме од спортските настани во ЕУ.

Ќе им биде забрането и финансирање и учество во управните тела на европските спортски федерации. Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, изјави дека санкциите ќе продолжат сè додека Русија не покаже искрена намера за траен мир. За пакетот треба да одлучат земјите-членки, а Брисел се надева на негово усвојување во декември.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Германски медиуми: Русија би можела да лансира нуклеарно оружје во вселената уште во декември

Западните разузнавачки служби проценуваат дека Русија планира оваа година во вселената да лансира сателит опремен со нуклеарно оружје.

Германски медиуми: Русија би можела да лансира нуклеарно оружје во вселената уште во декември

Активирањето на такво оружје во орбитата би можело да уништи или оштети голем број сателити, што би имало катастрофални последици за цивилниот живот и воените операции на Земјата, се наведува во истражувањето на германските медиуми WDR, NDR и „Зидојче цајтунг“ (Süddeutsche Zeitung), за што известува „Тагесшау“ (Tagesschau).

Можноста за нуклеарна експлозија во вселената со години се разгледува во воените и разузнавачките кругови. Уште во февруари 2023 година, САД интерно предупредија за руските планови, а американските претставници тогаш зборуваа за „сериозна закана за националната безбедност“.

Сателитот би можел да биде лансиран уште во декември. Според информациите на германските новинари, западните разузнавачки служби, вклучително и германската Федерална разузнавачка служба (BND), имаат сознанија дека Русија се подготвува да лансира сателит опремен со нуклеарно оружје.

Сателитот, наречен „Спутник-С“, наводно е завршен уште пред неколку години и се чува во пошироката област на Москва. Разузнавачките предупредувања од почетокот на ноември укажуваат дека тој би можел да биде лансиран во рок од 60 дена и набргу потоа да стане оперативен.

Вселенската команда на германската војска проценува дека лансирањето би можело да се случи уште во декември.

Германското Министерство за одбрана одби да ја коментира оваа информација, повикувајќи се на доверливост. Руската амбасада ги отфрли обвинувањата како неосновани, нарекувајќи ги дел од пропагандна кампања и нагласувајќи дека вселенските активности на Русија се од исклучиво мирољубив карактер.

Во октомври, американската Одбранбена разузнавачка агенција (DIA) објави проценка според која Русија развива сателит наменет за носење нуклеарно оружје. Поставувањето на таков сателит во орбитата би претставувало кршење на Договорот за вселената од 1967 година, со кој се забранува распоредување на нуклеарно оружје – како и друго оружје за масовно уништување – во орбитата околу Земјата. Од DIA предупредуваат дека, откако таков сателит ќе стигне во орбитата, можностите за негово запирање би биле крајно ограничени. Генерал Стивен Вајтинг, командант на Командата за вселенски операции на САД, процени дека нуклеарна експлозија би можела да доведе до откажување на приближно една третина од сателитите во ниската орбита околу Земјата, во текот на првите неколку часа или денови.

Во текот на наредните месеци, и преостанатите сателити би можеле да престанат да функционираат.

Последиците од таква експлозија нема да бидат ограничени само на вселената. Нуклеарна детонација би можела да создаде облак од отпадоци што би ги загрозил другите сателити, додека моќен електромагнетен импулс би можел да ги наруши електронските системи.

Опасностите од нуклеарни експлозии на големи височини се познати уште од 1962 година, кога Соединетите Држави – како дел од тестот „Старфиш прајм“ (Starfish Prime) – детонираа нуклеарна бомба на височина од приближно 400 километри над Тихиот Океан. Експлозијата предизвика силен блесок, ги поремети уличното осветлување и телекомуникациите на Хаваи, а оштети и неколку сателити. Денес, во орбитата околу Земјата има повеќе од десет илјади активни сателити, што значи дека последиците од слична експлозија би можеле да бидат значително посериозни.

Западните разузнавачки служби со години го следат рускиот сателит „Космос-2553“, кој беше лансиран во февруари 2022 година – непосредно пред почетокот на руската инвазија врз Украина. Русија тврди дека тој се користи за научни истражувања, но западните разузнавачки служби се сомневаат дека служел за тестирање технологија поврзана со нуклеарно оружје во вселената.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Млади брачни парови до 35 години ќе купуваат станови за најмалку 20% пониска цена

Млади брачни парови до 35 години ќе купуваат станови за најмалку 20% пониска цена, а студентите добиваат картичка со 20 проценти попуст преку М-услуги.

ВМРО-ДПМНЕ: Млади брачни парови до 35 години ќе купуваат станови за најмалку 20% пониска цена

ВМРО-ДПМНЕ со конкретни мерки за младите продолжува активно да работи на подобро утре за секој млад човек.

ВМРО-ДПМНЕ веќе ги најави трите клучни мерки кои адресираат егзистенција и домување на младите. Тоа се конкретни проекти, подготвени да се преточат во законски решенија, со однапред јасен начин на спроведување.

Првата мерка се однесува на младите брачни парови до 35 години и предвидува најмалку 20% попуст на пазарната цена за станбен простор. За нејзино спроведување ќе се донесе закон според кој секоја градежна компанија, за да добие дозвола за градба, ќе мора да издвои најмалку 10% од станбената површина за брачни парови до 35 години, по цена најмалку 20% пониска од пазарната.

Втората мерка исто така е наменета за млади до 35 години, но за оние што сакаат да градат свој дом. Секој млад брачен пар што ќе се одлучи на градба нема да плаќа комуналии на општината. И за оваа мерка исто така е предвидено законско решение.

Третата мерка е за студентите. Секој студент ќе добие студентска картичка со низа поволности и 20% пониски цени за сите услуги што ќе ги користи преку апликацијата М-услуги. За да се спроведе истата ќе соработуваат сите надлежни институции, со цел студентите да добијат не само усогласување на студентскиот оброк со инфлацијата, туку поволности и за други услуги.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи за на младите да им овозможи квалитетно образование, услови за професионална кариера, шанси за сопствен бизнис, создавање семејство и достоинствен живот во земјава.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер