Потпишани четири нови јапонски грантови за едукација, здравство и јавни услуги

Четири нови јапонски грант проекти за подобрување на условите од областа на едукација, здравство и јавните услуги во земјава беа потпишани вечерва од јапонската амбасадорка Кеико Ханеда и македонските претставници.

Вкупно се одобрени десет проекти од Јапонија од кои шест се потпишани лани и веќе се имплементираат, а целта е да се подобрат основните човекови потреби во нашата земја.

Новопотпишаните проекти се наменети за подобрување на условите во градинката „Мајски Цвет" во Битола преку реконструкција на покривот во објектот градинка „Коца Василева" во вредност од 60 илјади евра, подобрување на училишната средина во основните училишта „Кирил и Методиј" во Прилеп во вредност од 57 илјади евра, во училиштето „Алија Авдовиќ" во село Батинци во Општина Студеничани во вредност од 57 илјади евра и во училиштето „Светозар Марковиќ" во Старо Нагоричане во вредност од 52 илјади евра.

Амбасодорката на Јапонија, Кеико Ханеда на денешното потпишување на овие проекти истакна дека со ова уште еднаш се потврдува силното пријателство и посветеноста на Јапонија во поддршката на социоекономските напори за реформи и за европска интеграција на нашата држава.

– Годинава успеавме да направиме десет нови грант проекти со нашите партнери од различни региони. Од 1996 година изведовме 148 проекти благодарение на владата, локална самоуправа и јавните установи на Северна Македонија, јапонскиот народ е среќен како пријател на вашата земја дека ќе имате придобивки од сите овие проекти. Јапонија ќе продолжи да ги поддржува вашите реформи и напори, а јас ќе направам се што е во моја моќ да го зајакнам нашето пријателство, рече амбасадорката.

Според министерот за здравство, Венко Филипче кој присуствуваше на церемонијата, со години наназад, близу 15 години здравствениот сектор добива многу значајна поддршка од Амбасадата и народот на Јапонија.

-Една добра карактеристика на целата оваа помош која со години наназад стигнува од Амбасадата на Јапонија е тоа што е многу добро селектирана и многу добро служи на намената. Служи на една група експерти, служи на пациенти, служи на широко население кое покрива здравствени услуги во град, регион или помало место, и една карактеристика што циркулира и ние здравствените работници многу често ја спомнуваме е дека се што е донирано од јапонската амбасада се уште функционира, додаде Филипче.

Јапонија, како што потенцира вечерва и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, е земја која останува една од најголемите надворешни пријатели на нашата земја, и која континуирано ја поддржува државата во заложбите за нејзин развој и просперитет, преку подобрување на условите и состојбите во многу општествени сфери и сегменти.

-Денешниот настан е потврда за тоа, денеска Јапонија повторно преку свое дипломатско претставништво а во рамки на долгогодишна грант, програма за финансирање на мали проекти за човековата безбедност им помага на училиштата, здравствените институции, локални самоуправи да обезбедат подобри услови и можности за крајните корисници на нивните услуги, рече Адеми подвлекувајќи дека преку оваа програма се дава посебно внимание на македонското образование и на подобрувањето на условите на училиштата.

Во суштина, посочи Адеми, унапредувањето на образовната инфраструктура и на квалитетот на наставата во основните и средните училишта е врвен приоритет на Министерството за образование и наука.

Останатите шест проекти кои се потпишаа во ноември и декември се проектите за подобрување на основните јавни услуги на општина Градско, подобрување на медицинската средина на ЈЗУ Здравствен дом Кратово, обезбедување на комунално возило на Општина Маврово Ростуше, комунално возило на Општина Пробиштип и подобрување на медицинското опкружување на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина во Скопје./МИА

Буркина Фасо ги забрани Би-Би-Си и Гласот на Америка поради известување за масовни гробници

Буркина Фасо ја забрани работата радио станиците Би-Би-Си и Гласот на Америка на две недели поради нивното известување за масовни гробници.

Би-Би-Си и Гласот на Америка објавија податоци од извештајот на Хјуман рајтс воч за масовни убиства на цивили од страна на вооружените сили на земјата.

Според извештајот објавен од ХРВ вчера, војската убила околу 223 цивили, меѓу кои 56 деца, во селата за кои верувале дека соработуваат со бунтовниците.

Портпаролот на владата на Буркина Фасо, Тонсир Мирјан Корин Сану, рече дека двете радио станици ќе бидат суспендирани на две недели и ги предупреди другите медиуми да избегнуваат известување за тие случувања.

ЕК го прогласи веб сајтот за е-трговија „Шејн“ за „многу голема онлајн платформа“

Европската комисија донесе одлука за прогласување на веб страницата за електронска трговија со седиште во Сингапур, „Шејн“ за „многу голема онлајн платформа“ согласно Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквата одлука е донесена откако е утврдено дека „Шејн“ во просек месечно има над 45 милиони корисници во ЕУ, што е услов една интернет страница да добие статус на „многу голема онлајн платформа“.

Согласно оваа одлука, најдоцна до крајот на август „Шејн“ ќе мора да се усогласи со строгите правила што важат за „многу големите онлајн платформи“ согласно Законот за дигитални услуги, како што се засилување на мерките за заштита на корисниците, вклучително и на малолетниците и соодветна проценка и ублажување на сите можни системски ризици кои произлегуваат од нејзините услуги, како што се ширење на илегални содржини, продажба на фалсификувани или забранети стоки и заштита на брендови и интелектуална сопственост.

Врз основа на ДСА, Европската комисија на 25 април минатата година прогласи 19 веб страници, социјални мрежи, пребарувачи и сајтови за е-трговија за „многу големи онлајн платформи“, кои до крајот на август мора целосно да се усогласат со строгите правила на Законот што се предвидени за платформите со ваков статус .

Дополнително, ист статус Еврокомисијата на 20 декември 2023 година им го додели на уште три сајтови, кои треба да се усогласат со ДСА до крајот на месецов.

Со најновата одлука, статус „многу големи онлајн платформи“ имаат вкупно 23 сајтови, социјални мрежи, пребарувачи и страници за е-трговија и тоа „АлиЕкспрес“, „Амазон“, „Бинг“, „Букинг“, „Википедија“, „Гугл Мапс“, „Гугл Плеј“, „Гугл Срч“, „Гугл Шопинг“, „Еп Стор“, „Заландо“, „Икс“, „ИксВидеос“, „Инстаграм“, „Јутјуб“, „Линкедин“, „Пинтерест“, „Порнхаб“, „Снепчет“, „Стрипчет“, „ТикТок“, „Фејсбук“ и „Шејн“.

Шведските клубови се изјаснија против ВАР технологија

Шведската елитна лига нема да воведе систем за видео анализа (ВАР) откако фудбалските клубови го изразија своето противење на технологијата, изјави денеска претседателот на Фудбалската федерација на Шведска (SvFF), Фредрик Рајнфелд.

ВАР постојано е во центарот на контроверзи во лигите каде е воведен, со поплаки поврзани околу обемната анализа и одложувањата кои често траат неколку минути.

Во јули 2023 година, шведската професионална фудбалска лига, која ги претставува клубовите во првите две дивизии, порача дека мнозинството клубови во земјата „активно се противат“ на воведувањето на ВАР.

„Ако броев правилно, имаме 18 елитни клубови и две области кои рекоа дека не сакаат да воведат ВАР“, изјави денеска Рајнфелд, кој е поранешен премиер на Шведска, за весникот Афтонбладет.

„Ние го почитуваме тоа. Затоа на претходниот состанок на Претставничкиот комитет воопшто не изнесовме предлог за ВАР и не го предвидувам тоа ниту во иднина. Јас сум за почитување на демократските правила на игра“, истакна првиот човек на шведскиот фудбал.

притисни ентер